Licentia poetica со Борис Јовановиќ Кастел ….Да останам сам, па ова море под кожата ќе замине со него….

595

Борис Јовановиќ Кастел- Licentia poetica 

Уредник на рубриката: Филип Димкоски

Борис Јовановиќ Кастел е роден во Требиње, Босна И Херцеговина во1971  година. Критиката го смета за најважен црногорски поет со медитеранска ориентација и истакнато име во постјугословенската поезија. Основно, средно и високо образование завршил во Подгорица каде што и денес живее и твори.

Автор е на шеснаесет поетски книги  и пет книги со есеи. За поезијата на Борис Јовановиќ кастел објавена е книга избрани есеи од домашни и странски писателисо наслов Медитеранскиот благородник (2009).

Добитник е на светската награда Пофалба за поезијата Nosside 2011 која се доделува под покровителство на Светскиот поетски директориум при УНЕСКО, во италијанскиот град Реџо Калабрија. Го уредувал списанието за литература „Ovdje“ (2000-2003). Со години објавувал   есеи во списанието „Побједа“.

Неговата поезија е преведена на италијански, англиски, полски, чешки, албанки, унгарски, македонски, украински и словенечки јазик.

На македонски му е објавена книгата „Чекаат ли бродовите“. Препевот од црногорски го направи македонската писателка Ленче Милошевска, а книгата е во издание на Нова од Битола.

МАСКА, НОЌ СО ДЕМОСТЕН

Го ставив грдото лице на Демостен,

со морето се надвикувам

да го разбеснам и протерам,

од водениот опиум да го излечам сопството,

да останам сам, па ова море под кожата

ќе замине со него.

Тогаш јас нема да имам никого-

мајката на мудроста, крстарењето со пороците,

воајерот во синиот мантил

што ме гледа како со копјата на паганите

го прободувам песокот на бреговите

за да изнурне морето

безвременски.

 

КОРМИЛО

Го бараа гробот

со крстот свртен

кон гребенот

од торзо на маслина, без натпис.

Сунѓери им се припиваа на

бутините од бродот шепотејќи го името

на брегот,

сребренести гргечи ги предводеа како компас,

галебот со алт ги предупредуваше каде да

пристанат

но ништо не разбраа.

Пријатели, око овој збор не ве искушува,

колкупати пловевте по крајбрежјето

на кое наместо крст

лежи скршено кормило

и ја продолживте потрагата.

ДЕЛФИНИ ГИМНАСТИЧАРИ

Откако ќе пристигнеше на малиот залив,

го миеше лицето со дожд,

на екипажот му даваше волно,

палеше цигарилос одамна исушен-

одеше кај мајка му

во старата камена куќа

покриена со ’рѓосани ѕвезди,

ѝ ги бакнуваше стапалата, земаше мекица,

пиеше сок од бозел.

Се оглушуваше на нејзините молби

машките глави да не го пијат

за да не останат без потопство.

Ѝ ја покажуваше легијата

на делфини гимнастичари

во песната за нивното радосно прпелкање

додека во етерот ја допишуваа

линијата на неговиот родослов.

 

Превод и препев од црногорски на македонски јазик: Ленче Милошевска

 

 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.