LIcentia poetica – Ирена Јурчева…..Ја отпеа песната на избелувањето…..

1840

LIcentia poetica – Ирена Јурчева…..Ја отпеа песната на избелувањето…..

Уредник и избор поезија -Филип Димкоски 

Ирена Јурчева е родена во 1982 година во Белград. Живее и работи во Скопје. Дипломирала на Филолошкиот факултет во Скопје, на Катедрата за преведување и толкување. Во 2017 година ја одбранила својата магистерска теза на тема: „Културолошко преведување на „Силмарилион” од Џ.Р.Р. Толкин како предизвик за преведувачот”. Работела како наставник по англиски и француски јазик во повеќе училишта и јазични центри во Скопје. Превела повеќе од петнаесет книги за три издавачки куќи во Македонија.

Досега има објавено книга со раскази и поезија „Светлата страна на готиката” (2008) и поетска книга „таинства“ (2017). Гостувала на повеќе поетски фестивали, читања и слем натпревари. Во 2017 година е наградена на меѓународниот поетски фестивал „Литературни искри”–Гостивар. Нејзина поезија е објавена во неколку книжевни списанија. Организирала и учествувала во повеќе работилници за креативно пишување.

 

 

Избор од поезијата:

Клучалка

Пред твоето око-клучалка

таа чудна направа

која страсно и свето дише

се стеснува тенка линија

и кога некаде ќе запре

целото се распукнува

како никулец

и се разгранува

до таму каде што стигнува

а ти не (можеш да) знаеш

дали окото е клучалка

или клучалката око

 

Kој е мојот грев?

Мојата дрска рака ли е

крепка за меч

лак и стрела

спроти сите реки што ечи

или е мојот збор-камен

спроти секој ѕид што сече?

 

Моето око ли е

пред трошките што солзи

трошки кои паднале од високите маси

око вжарено пред изворите

затаени

секнати

затруени

 

Дали е онаа тајна одаја

што во мислите свила корени

со постела од мед оросена

со лебедова песна завиена?

 

Или пак се оние неми прашања

кои в зори на темјан

а ноќе на сулфур мирисаат

темни во својата белина

блескави во својата црнина

 

Кажи ми кој е мојот грев

наслушнав пискот

во сонот мој скршен

од зората сегледна разбиен

 

Пискот на една душа

што во едно чудно Дворје кое

камено ли беше или етерно

ја отпеа песната на избелувањето

Седум

Кога ќе се сретнеме

меѓу студените чаршафи

на вселената

ќе се препознаеме по

погледите зрачни

по песните воздушести

по Крвта со која

за веки вековсме бележани

 

Нема да го побарам твојот образ

ниту ти мојата дланка

зашто сме души сплетени

 

Пред неколку векови или дни

те прашав дали ќе твориме

во овие прозрачни Дворови

А ти ми рече

Сѐ уште не

Уште седум скалила!

 

А тоа СЕДУМ значи Сѐ

Не плаши се од громкиот небокрик

Тој објави дека се искачуваме

 

 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.