Licentia poetica- Нов циклус од младите поетски пера

708

Од среда 17.април, и секоја следна среда ќе имате можност да се запознаете со нови поетски имиња од Македонија и Балканот и нивната поезија во рамки на нашиот проект што го насловивме Licentia poetica.

Овој пат по идеја на младите соработници на kulart.mk подготвуваме изненадување за сите автoри, но и вљубеници во поетскиот стих.

Сo Уреднички избор на по една песна на 10-те досега претставени поети, правиме аудио-видео запис кој ќе го ставиме на ју тубе каналот на kulart.mk и ќе биде можност да ја оживееме поезијата преку глас, слика и музика…Но, дотогаш  најавата ќе ја дополниме со една песна на уредникот и иницијаторот на овој проект Филип Димкоски во очекување на новите поетски имиња.

 

Филип Димкоски

Сонце на денот

Во еден облачен, без сонце ден,

есенски насолзен и замислен,

автобус чекав да отпатувам,

тагата на денот дома да ја однесам,

тагата на денот што моја стана.

На постојката жена застана,

со букет жолто цвеќе во раката.

 

Гледав во букетот,

линиите на усниве и веѓиве

осетив како се поткреваат,

насмевките на лицето и светлоста во очиве

како созреваат.

 

Во букетот ја видов

градината каде неговите цвеќа пораснале,

ја видов неговата роса, неговото небо,

тој букет – страк мирисно жолтило

стана мое сонце на денот.

 

Во еден автобус се качи жената,

а јас во друг,

драга трага светлина се втисна во мене,

ко трага што остава во нива плуг.

 

Сончев беше тој ден,

сонце во очиве, во срцево, во мисливе

ни улиците, ни небото, ни луѓето

како да не беа истите.

 

Денот не бил ни тмурен, ни тажен

и за овој ден сонцето имало два-три зрака

сочувани грижливо во букетот

во една женска рака.

 

 

 

 

 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.