Licentia poetica со Оливера Доцевска – Песната сама се пишува, толку лесно читлива, а нема

859

Уредник: Филип Димкоски

Оливера Доцевска е родена во Куманово, на 5.3.1975 година. Дипломира на Универзитет „Св.Кирил и Методиј”, во Скопје, на Правен факултет. Работи во Скопје, како адвокат, со специјалност човекови права и сертификат на ОХЦХР /ООН од две години тренинг., Кандидат е за Мастер Дипломатија и меѓународни односи , на Универзитет “Св.Кирил и Методиј”, во Скопје, на Правен факултет, полиитчки студии, и го подготвува магистерскиот труд.

Оливера Доцевска е поетеса/писателка,адвокат, активист за човекови права, есеист, колумнист, приредувач и преведувач, уредник на нејзиниот портал за општество и култура budnost.mk.

Од 2012 година е Член на Друштвото на писатели на Македонија – ДПМ , а од 2014- 2018 година e Претседател на статутарна комисија на ДПМ, член на Собраниски одбор на ДПМ.

Координатор и организатор на Поткозјачки литературни средби и Крик на жена Фестивал( Woman Scream Festival of Poetry and Art).

Има објавено повеќе збирки поезија, објавени песни во зборници, антологии, како и голем број на преведени дела и автори. Добитник е на повеќе награди.

Гороцвет

На карпите остави ме!

Ме слушаш ли?

Ветриштата да ме удираат,

судбина била моја.

Силно, да го виткаат

телото нежно..

кое не се предава.

 

Таму, само таму.

Изложи ме на сите можни,

природни текови

збиднувања…

Знаејки дека сум цветче нежно…

несовитливо…

 

Остави ме на врвовите, осамена,

во снеговите, во студовите…

За да си ја наполниш душата

ти кој и да си…

Остави ме еднаш

да загинам,

остави ме…

 

Ослободи ми ја душата,

надвор од ова тело..

Таму над Алпите…

највисоко највисоко,

бар да го гледам Небото…

Ѕвездите , Месечината,

да гледам од високо само точки

за она што се случува…

невидливо , прикриено…

 

Остави ме,

нека ме шибаат од сите страни,

боцки на ветришта ледени,

студој, мразови..

Остави ме да загинам

така единствена,

Чудна…

Доволно беше,

ти кој и да си…

 

Остави ме да живеам ,

или да ме нема,

Но дај ми ја вистината,

за тоа која сум.

Само тоа ми треба.

само тоа ми треба.

Под ова од ванила небо.

 

Зa слободата или песна која не е песна

Се роди и започна да се

запишува на празната хартија,

низ денешнината, песна која не е песна.

 

Посака да почне од почеток,

да излезе од клишеата на залудно читање,

за да одекне громогласно силно она од зад срцето.

 

Песната сама се пишува, толку лесно читлива, а

нема.

 

Излегува на сцена.

Без ревизија од џелатите

домородни од кои слободната мисла и дело

не може замав да земе.

Се чита самата себе си, минува низ метафорите

и гледа као публиката е мртва, како да не постои,

успиена од истата таква нулта вредност.

 

А песната, сака да се будни, разбудени,

сака нивните минути да ги направи живи и

неповторливи.

 

Грутка и застанува во грлото,

се прашува, повторно ли треба да бидам слепа.

Зошто ми е дадена моќта да говорам ,

кои се вистинските зборови?

Која е мојата порака? Кардиограм сум на срцето.

Не е естетски ниту со вредност да бидам бледа.

 

Не, јас не сум кичеста поема, сонета во чипка,

не сум политички говор,

нема да бидам дипломатски коректна.

Чисто кристално јасно чувство сум,

протестна нота, незавиена во ракавици, книга сум без корици.

Директна метафора, која се распознава од прв пат и одеднаш.Јас сум се што е Сега.

 

Тука сум,

за да го шепнам гласно, прегласно

она кое сите потајно го знаат, а секој од вистината и од тоа што го знае бега,

да побарам секој да се преобрази

на денот на Преображението .

Да побарам секој да ги употреби

вистинските зборови и ноти, по музиката на Конески.

 

Тука сум, а не сум песна иако сум поезија,

тука сум да бидам

исправена глава и немирна, брза, немирна река,

која самата за себе ќе говори.

Да останам во Вас.

Рече песната и пред публиката се наклони,со благодарам.

Новородена. Возобновена.

 

Што видов, песнава ќе ви раскаже

Безимениот

 

Безимениот истрча сред толпата

избезумен и во страв.

 

Во паника тој неморален слабак

во обид да прикаже јачина,

изблуја беда.

 

За жал некои во оваа гротескност и недостојност

видоа одлучност.

 

Каква штета…

Во недостојност сила да се гледа.

 

Ти си (февруари 2019)

 

Сиот тој џез,

крајот, азбука,

воздишка ,

неизговорена реч

Ти си

Но пасаран,

ропство и слобода,

ден спокоен и немир

ненадејно заминување и враќање.

Ти си

Молк, песна,

Прекор кога душата е немирна

заедно се будиме и сонуваме.

Ти си.

 

Избор: Филип Димкоски

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.