Licentia poetica со Ерол Туфан – Средината сам ќе си ја средиш, нели ортак?

1184

 Уредник на рубриката: Филип Димкоски

Ерол Туфан е  роден 1959 во Гостивар, Македонија. Во 1992 година се иселил во Турција. Студирал право во Скопје на УКИМ и во Конија на Селчук Универзитетот. Од 1999 наваму е самостоен  адвокат во Истанбул. Поет , есеист и преведувач. Пишува и објавува на македонски,турски и српски јазик. Во 2006 година во Скопје  ја објавил книгата есеи „Книгољубецот„ која што доживува второ издание во 2011 година. Истата е објавена под ист наслов и во Белград во 2017 година. Поетските книги „Балкански син„ (2013) и „Камчето од Вардар„ (2016) објавени се во Скопје, додека пак нивната синтеза под наслов „Ерол трагом Ерола„ е објавена во 2016 во Белград. Во 2020 г. две нови  книги поезија и една нова книга есеи му конкурираат за издавање. Член  е на ДПМ, УКС и ТАЛ.

 

СКИТНИК СО НЕКАДРОСАН УМ 

Цело село се кадросуваше

Во ново одело

Во чисти кошули

Со исчешлани коси

Без дрљи на ококорените очи

И без тага на здравото

Јаболко лице…

Саде скитникот

Дојден од незнајкаде

Што се маткаше од плевна в плевна

Од гумно в гумно

Испартален валкан

Лигуш со криви нозе

И бабурест нос

Ете само тој

Недоветвен маж

Лизурко пеплосан

Не влезе во кадрото

Дал бевме поумни

Ние што се прикажавме

Појќе од тоа што сме , а не сме

Верувајте .

Ил беше

Разумен скитникот

Без кадро …

Кој ли ќе знае?

Ионака кадросувачот

Си замина од селово.

Дали пак ќе дојде?

 

БОЕМСКА

 На Мата

Долг капут и шешир а ла Борсалино

И обврзително в уста  Житанка

Шпартање од куќата со двор

На  „Железничка„ бр.36 до кафе „Лондон„ или „Дал Мет Фу„

Секој ден од 11 до 16  часот

Неколку отпоздрава во името

На старите блескави денови на Лонѕа

И неминовен поглед во распарченото

Стакло ,  да се забележат веќе пројавените

Бели влакна на здравата мијачка коса …

Имажи неизбришани од меморијата

Што жежат и тежат…слики од Монмарт , Сак‘ркер , Сена и

Долгиот воз којшто се провлекува низ Алпите

Чашка или две  „Курвоазје„ секој ден  на зима

Да стопли стари, но сепак дотраени здрави  коски

И „Наполеон„ што чека дома да помогне

При раскажувањето на старата сигурна  приказна

Нормално пред нова женска желна и жедна за пробој …

Да, сеуште не сме прогласиле фајронт

И не сме угасиле светла во куќава

Ќе ме прекореше стариот заводник мене

Записничарот на неповторливите делови од

неговиот бурен живот…

На мојата маса во кафичот икс

Доаѓаат и си одат разноразни

Профили на промашени типки и типови

Од утро до попладне ////ќе продолжеше да реди ///

Секој ја остава својата ситна лага

Кратка или долга приказна сеедно

Битно е тоа што сум трпелив и сакам

Да чујам докрај приказна полулага… оти

Светкави зрнца  има во секој муљ-кал  , пријателе драг…

Секогаш плава кошула

Со кратка италијанска крагња

И обврзително шал во ист тон

Со краватата и шамивчето лево над срцето.

Само рачно изработени чевли

Ѓон одоздола и дрвени клинци

Чевли од мека кожа и тврди петици

Полушпиц напред , нормално полумокасина

Елеганција и комоција

Ете тоа е формулација на стилот што го

Чини човекот Мата

Краток , среден и долг Мон Блан

Со посребрен врв пенкала

И мал нотес за белешки попатни.

Четири банкноти секогаш во игра

Двестотка за секој ден и показ

Петстотка скриена под кожниот пресвиток на левата чевла

Стотка во малиот скриен џеп десно над шлицот

И петстотка плус што никој не може да ја најде

Во било кој град на светов

Па нек биде и Париз или Њу Јорк мон шери

Илјада и нешто пари се доволни за

Сјаен почеток и достоен крај

А средината сам ќе си ја средиш , нели ортак?

 

 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.