Licentia poetica со Марјан Пунгартник -Овој овоштарник те слави повозвишено од мојата песна  

884

Уредник на рубриката: Филип Димкоски

 Марјан Пунгартник (28 јули 1948) е словенечки поет, уредник и водител на книжевни работилници. Дипломирал новинарство на Факултетот за социологија, политикологија и новинарство на Универзитетот во Љубљана. Работел на љубљанскиот и мариборскиот универзитет, а потоа до пензија работел во Сојузот на културни здруженија на Словенија и јавниот склад за културна дејност.

Бил уредник на радио Студент, на Трибуна, во Дијалози, а сега ја уредува интернет ревијата Locutio. Уште од гимназиските години пишува поезија, кратки раскази, драмски текстови и литература за деца. Добитник е на неколку значајни признанија.Од 1978 води литературни работилници. Иницијатор е на здружението Мариборска литературна дружба и е негов уредник, а организира меѓународна размена на писатели и ликовни уметници. Уредил и објавил 350 книги, објавил петнаесет сопствени дела. Преведуван е на македонски, српски, хрватски, унгарски, чешки, полски, германски, италијански, француски и англиски јазик. Живее и твори во Марибор.

САМО БЕЛОТО ПРОВЕЈУВА НИЗ СЕЌАВАЊЕТО

 Посветено на Т.М.

Запирам во расцветаниот овоштарник, наутро,

олуја од цветни ливиња безгласно поддувнува од дрвјата.

Во воздухот уште се слика ноќниот дождец-ситни капки

паѓаа  со ѕвечење во бронзената чинија на масата.

Сакав да нашишам песна за некоја наша одамна пробдеана ноќ,

а доаѓаше само ѕвонливо тропање на камени лушпи.

Овој овоштарник те слави повозвишено од мојата песна.

Сите пајажини се полни со бели ливчиња, како ноти

во павилјонот се, каде што ги свиреше своите импровизации.

Во зората и рацете ти се тресеа од студенилото на типките.

Цела ноќ бдеевме со предсократиката

Од неспиење, очите ти беа обрабени со црвенило.

Пробувам да се сетам на твоите со лутина изоворени зборови.

Само белото поддувнува низ сеќавањето.

Потоа музиката одненадеж замолчи, како што сега молчи овоштарникот.

*    *    *

Во речникот пронајдов подвлечено „судар на ѕвездите“.

Вселената се закикоте. Ме гледаше преку рамена

во песната што се раѓаше. Не. Ја препејував од ноќното треперење.

Беа тоа само необјасниви зборови.  Ги барав насекаде, во своите речницикои го покриваат подот и полиците и таванот и се листаат непрекинато. Во времето минато, во далечната иднина.

Зошто прстот падна во катаклизма која пе повелече во себе,

И се рассеа во вртешка? Дојде и Богдан Игор Антолиќ и засадил палми

таму каде што еден ден ќе живеам. И на подот со големи букви беше запишано:

Под овоштарникот те разбудив, каде мајка ти те родила.

Беше мир. Вселената легна на другата страна и заспа.

Врапците долетаа од нејзините сништа и во неа се враќаа.

 

ЧОВЕКОТ КОМУ МУ УМРЕ ОКОТО II

 

Lyrical hero на таа песна не е тој што читателот го внесува во неа,

кога ја чита, не е субјект определен со лингивстички средства.

Тоа е поет од Босна со сини очи, нежен како вечерите

во неговите краишта. Пејзажот може да се опише вака:

црн оџак сред обраснато поле. Имало куќа во која живееле

татко и мајка. Имаше сосед кој една тиха вечер во куќата фрлил граната.

Не ја сакал верата на своите родители.

Подоцна ги украл и циглите и со нив изградил голема гаража

за најновиот мерцедес што го донесе од Германија.

Соседот брат. Соседот со кој татко му пиеше во селската кафеана.

Поетот се сеќава само на тенковските пукотници преку татковите ниви.

Кога може, го напушта градот, оди на некој рид над Виена

Никој да не види како плаче. Гледа во сините далечини и

Јагледа куќичката во татковот поле, на која се сеќаа.

Стана lyrical hero кога од тихиот плач му умре окото.

 

E’ MORTA MARIANGELA MELATO

… nessun compromesso (Mariangela Melato)

не се сеќавам веќе-дали купив каранфил или ружа

кога првпат одевме на кино да го гледаме mimi metallurgico

рече: немам никаква вазна. тоа е премногу буржосаски

личеше на мариангела мелато. и го знаеше тоа

чекавме во ходникот што се стеснува во кино комуна

на сите им рече: зар навистина не личам на мариангела мелато

за време на целиот филм се притискаше до мене. Потоа бевме

на шуштарскиот мост. театрално фрливме цвет во љубњаница

и го гледавме како водата го носи цветот.

одевме во копер. Јадевме ослич на тршчански начин.

Порциите беа толку големи што ослич делевме и со соседните маси. Пиевме барбера и нејзините бели заби поцрнеа.

Седевме на клупите кај нук. гледавме во небото.

месечината светеше. Облаците беа како насликани.

Рече: ниедна проклета ѕвезда не е можно да се види.

да се најдеме утре на тржашки пат, да одиме на море.

и уште: дали ти би бил способен да ја издадеш работничката класа

следното утро безнадежно ја чекав на патот.

ја одвеле в поле. Таму беше три месеци.

кога пак се сретнавме, не ни знаеше дека бевме заедно,

веќе воопшто не личеше на мариангела мелато.

Препев од српско-хрватски на македонски јазик: Филип Димкоски

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.