LICENTIA POETICA СО СЛАВИЦА ЦВЕТКОВА-Ме повикаа да стихувам белите води на Масалница што везден итаат во прегратките на Брегалница

663

Уредник на рубриката: Филип Димкоски

Славица (Мијалко) Цветкова е пензиониран просветен работник, публицист, поет, прозаист и драмски писател за деца и возрасни. Родена е во 1953 година во Крива Паланка каде завршила основно и средно образование.Од 1975 година живее и работи во Кочани како новинар и професор по предметот македонски јазик и литература во средното стручно училиште „Гошо Викентиев“ во Кочани. Од 2016 година е пензионер.

Ги има објавено следниве книги: „Здравица“ (поезија 2005), „Диви цреши“(раскази 2006), „Корени“ (поезија 2007) „Говорот на срцето“ (раскази 2017) и монографиите „Теранци низ времето“ (2009), „Кучичино, минато, сегашност и иднина“ (2014), „Селото Чифлик, општина Чешиново-Облешево“ (2016) и „Облешево, село во општината Чешиново-Облешево“ (2018). Коавтор е на монографијата за селото Бели, Кочанско.

За своето творештво има добиено повеќе награди и признанија.  Дел од нејзиното творештво е препеано на словенечки јазик.

Лични творби на Цветкова се објавени во билтените, алманасите и монографијата за ЛК „Копнеж“ од Кочани, во алманасите на ЛК „Искра“ од Штип.

Цветкова е автор на 27 рецензии и неколку поетски портрети на роднокрајни автори и рецензии на поети од Република Словенија.

 

СТАРАТА ФУРНА

Ја гледам фурната стара

самува во дворот широк,

а колку ли усти се сладеа

со топлите сомуни

од нејзината топла утроба?

 

Каде ли се сега? Не знам ги нема,

нови домови крај големите води

под туѓи планини што течат

си изградија,

заминаа во земји далечни, со јазици

од кои не разбираа ниту една реч.

 

Стариот дом одамна се урна,

камени грамади се стори,

а старата фурна самува во широкиот двор

и свезден на птиците што на неа

да одморат од долгиот пат слетуваат

за некогашните убави времиња им збори.

Така ќе биде сѐ додека некој ветер силен

не ја погоди в плеќи

и старата фурна ќе се сруши,

ќе ја нема веќе.

 

УБАВИНА

 

Ме повикаа да стихувам

белите води на Масалница

што везден итаат

во прегратките на Брегалница.

Ме повикаа да стихувам

златните оризови полиња

што од овие две посестрими се напојуваат

и богат род ката есен дарат.

 

Не барам убавини подалеку од овде

затоа што градов и неговите ридинки

не со очи туку со срце ги гедам.

Тука во него домот ми е.

Ја слушам вревата на дечињата

во училишните дворој и на сокаците

и молам небото со сонце секогаш да им биде

да останат во родниот крај, тука, во Кочани

радост  крај богатите оризови полиња

да видат.

 

 

 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.