ЛИЛЈАНА СТОИЛКОВСКА, ПРВАТА ДАМА НА МАКЕДОНСКОТО РАДИО: Се препознавам во Ленка, иако не отидов тутун да редам в монопол!

420

Харизматична и убава дама, на прв поглед. Атрактивна и впечатлива. Весел и насмеан лик кој останува врежан, на кој се “чита” и една благовидлива “бразда”, запис направен од патиштата (со сите угорници, врвови, и тркалања надолу), низ кои поминала една неуморна жена која што не се предава”.
И, ја препознавате Лилјана Стоилковска, примадоната на Македонското радио, чие име го красат повеќе епитети и знаци на препознатливост, добиени во текот на својот творечки век, на повеќе полиња.
Првата асоцијација е нејзиното присуство во етерот долги децении, со својот неповторлив радио- вокал, кој ги гали сите сетила и го негува македонскиот јазик во негова најелегантна форма. Втората, третата и сите следни асоцијации… Многу ги има, и прекратко е ова интеврјуто за да се набројат сите, за оваа прекрасна сестрана антологиска уметница.
*Драга Лилјана, најнапред Ве поздравувам. Како сте, како ги поминувате пензионерските денови?
-Моите пензинерски денови се веќе години, но не со чекање на пензијата, туку со активности, уште поголеми и позначајни, имајќи многу повеќе слободно време. Рековте, неуморна жена. Да, така е, јас сум уморна кога немам работа и обврска. А кога имам работа јас сум среќна и задоволна. Јас тогаш живеам, творам, ловејќи сѐ од животот што ме усреќува, но и ме ангажира… Да, добро се чувствувам, и, по моите здравствени голготи во изминатива години, јас продолжувам со истото темпо на животот мој, во ова немирно и непредвидливо време.

*Од каде сте по потекло? Од каде го носите тој прекрасен акцент на изговорените македонски зборови. Кој Ве подучувал?
-Па, моите родители потекнуваат од Мала Преспа, и со нивната македонска трагична голгота родителите на моите родители, ги населиле во Македонија. Но, јазикот не го заборавиле, ниту го измешале, туку останал оној изворниот јазик кој го употребувале и во Мала Преспа и потоа во Македонија, пренесувајќи го и на своите следни поколенија. Но, секако главна улога одиграле и наставниците во училиштата во моето образование, кои го говореле вистинскиот литературен македонски јазик, а јас бев „впивателната хартија“ која се впиваше, за правилен акцент и образување на зборот македонски. Нормално и со следното образование, но и со мојата егзистенцијална професија во, тогаш единствената куќа каде се негуваше вистинскиот литературен македонски јазик, за кој постоеја и служби во МРТВ. За ова прашање еден миг, во Охрид на Балканскиот фестивал ми побара одговор и познатиот македонски писател Томе Арсовски, на кое му одговорив за моите корени, а тој ми рече дека … “овие води езерски те напоиле со сите тие убавини што ги поседуваш”… Тоа го потврди и генералниот тогашен директор познатиот академик Матеја Матевски, во една непосредна средба со него во Струга, на Струшките вечери на поезијата.
*Имавте работа од соништата и професија која, своевремено, Ви донесе многу придобивки, привилегии и бенефити. Во китката со „убавини“, што беше најубавото да се работи во радиото?
-Па, секој текст, од сите области, за мене беше предизвик за тоа да го направам најдостапно за слушателот, ама и за својата душа. Да го разберам од дното на душава, да допре секој напишан збор од авторот на текстот, кој требаше да го прочитам. Тука ќе ја споменам, литературната содржина, поезијата, расказите, есеите… некои текстови кои допираа до секоја душа на човекот, но и оние информативни, тековни текстови, со кои ги напојувавме интересите на целата слушателска публика, од најмладите до највозрасните. Токму таму во Радио и Телевизијата, научив сѐ и собрав сѐ што е позитивно, како и многу мои колеги кои стигнаа на високи општествени позиции во земјава на многу одговорни работни места и функции. Па, мислам и за мене тоа важи и до ден денешен. Таа професија ми беше како вроден подарок од моите родители, како што тоа ми го предочи големиот и незаборавен спикер Иван Антонов и Оливера Попанкова, моите први и најдрагоцени учители во професијата и во животот. Денес сум горда кога ќе влезам во некоја продавница, или установа, во автобус, веднаш штом ѝм пријдам ме прашуваат дали сум јас таа што ја запаметиле по гласот, по изговорениот збор, со забелешка од сите тие средби дека денес тоа е веќе заборавено, секој може да чита и да зборува на тие медиуми, кои се основата на зачувување и негување на македонскиот литертурен јазик, за идните генерации.

*Тогаш, да се потсетиме на Вашите почетоци во Радиото.
-За тие почетоци во основа одговорот е мојата љубов кон читањето од најмали нозе. Од моја 4 годишна возраст јас ги читав на глас сите наслови од весниците кои ми доаѓаа при рака во тоа време. Но, вистинската насока кон радиото лежи во првата прилика која ми ја насочи мојата класна раководителка во тогашната Учителска школа „Никола Карев“ во Скопје, професорката по македонски јазик, Олга Теодосиевска. Ме ослободи од часовите и ме упати во Радио Скопје (во бараките, на Марксова улица, каде беше Радио Скопје, кое по земјотресот беше разрушено), на конкурсот за прием на спикери во таа куќа, која требаше да продолжи со работа. И така, јас се пријавив на конкурсот (есента 1963 година) го прочитав материјалот (текстот кој ми беше даден пред аудицијата) и влегов во импровизираното студио. По некое време добив позитивен одговор за успешната интерпретација на текстот. Ме повикаа и на втората аудиција, па следуваа прегледи на аудиолошкиот центар, па, потврди од министерството за внатрешни работи, за неосудувана или некои законски прекршоци, па на психијатар за моето ментално здравје, и по сето ова ми беше соопштено да се пријавам за работен однос. Тоа моите родители не го прифатија, оправдувајќи го тој чекор, дека јас треба да го завршам моето образование. А потоа патот беше веќе трасиран со мојата диплома за завршена учителска школа. Но животниот пат ме одведе во друг правец- брак, дете… во друг град, заради редовно продолжување на образованието, во Битола, каде што веднаш и таму во Радио Битола бев хонорарно на работа со снимање на разни текстови и со живо учество во хумористичните неделни емисии, кои одеа во живо. А по моето враќање од Битола, по катастрофалниот земјотрес во Скопје, мене патот ме однесе, пак во Радио Скопје, кои веднаш ми ја отворија вратата и повторно на сите аудиции и, нормално добив решение за приправник, а потоа и постојано решение, со диплома за завршена академија за македонски и српско- хрватски јазик.
*За Вас може да се зборува од многу аспекти, но, чинам дека првата асоцијација е песната „Ленка“ од Кочо Рацин, која стана Ваш знак на препознавање, а момент на уживање за слушателот. Каде и да Ве има, сите од Вас бараат во Ваш стил и манир да ѝм ги изрецитирате тие нежни, болни стихови, а потоа и да ѝм запеете. Што значи за Вас Ленка?
-Хм, па Ленка, на некој начин сум јас. Се препознавам во неа, иако не отидов тутун да редам в монопол туку “таги да редам во душава”… Но, за тоа друг пат би проговорила, а сега да продолжам… Отидов, по смртта на мојот омилен сопруг Благоја Стоилковски (по 5 години од смртта) да живеам во непозната и туѓа земја, со туѓи луѓе непознати, за да ѝм објаснувам и да ги едуцирам во насоката- кои сме ние и како се живее во Македонија. Да ѝм го понудам сето можно богатство од нашата култура, литература, ликовната уметност, музичата, нашата традиција нашето традиционално богатство и минато, како и денешните достигнувања во општеството во Македонија во сите сегменти на животот. Во 2016 година го одбележав и својот 50– годишен јубилеј насловен „50 години биле со Лиле“ заедно со Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“ каде што зачекорив и таму во 1969 година и бев примена на аудицијата, но по совет на тогашниот директор Јордан Леов отидов во Радио Скопје (аудициите тогаш беа во исто време, дури денови, само со различен час). Тоа беше сценско- уметнички перформанс на песната, орото, стихот, драмата и дневната информативна емисија Вестите на Македонско Радио, со моите колеги од радиото, под режисерската палка на колешката Снежана Коневска– Руси. Оваа манифестација ја поддржа и Агенцијата за иселеништвото на Република Македонија, но како главен спонзор и Министерството за култура на Р.М. Настапував и на познатите македонски фестивали на новосоздадени песни во духот на македонската народна песна (Валандовскиот, Цветници, Гоце-фест…) со снимки на 45 народни песни за продукцијата на Радио Скопје, како и сингл плоча за „Југотон“, со новосоздадени песни кои беа во зачеток. Па зарем не е тоа Ленка со сите болки и задоволства?

*Ги начнавме годините кои ги поминавте во Шведска. Бевте моќна македонска амбасадорка во секоја смисла на зборот. Спроведовте една навистина конципирана, би рекла дипломатска активност, во афирмација на македонските вредности, која бара голема енергија за еден таков долгогодишен ангажман! 16 години ги спроведувавте секојдневно, неуморно.
-Така е Валентина, Вие бевте меѓу гостите на едно такво доживување и една од таквите активности. По еден настан за Осми Март бев повикана да одговорам на српски јазик на еден новинар од Малме за нашето учество во манифестацијата за Меѓународниот ден на жената. Одбив! “Јас имам свој јазик и своја држава и можам да зборувам само на мојот јазик“, спротивставувајќи се на организаторите кои ме имаа за „главна“ за таа манифестација. Е, да не должам повеќе, тоа ме натера да направам едно „чудо“. Да работам без пари, ама да ѝм кажам на тие што не знаеле дека ние сме посебен народ со посебен јазик и култура: Кои сме ние!? Каде сме ние? Формирав недоходовно здружение за презентација и промоција на македонската култура, литература, традиција, уметност… Беше прифатено и регистрирано, легално, затоа што не барав никаква финансиска поддршка. Нормално со пријавување на проект во одделот за култура во општината. И така почнав многу успешно, но и многу, многу напорно, вложувајќи и свои финансиски средства… и успеав. Присутни беа и Министерството за култура со донации од 130 тома македонска литература, како и тогашните македонски амбасадори кои ги поддржуваа овие мои проекти со нивно присуство и нивен ангажман да бидат присутни во реализацијата на истите тие проекти, некои ги реализирам и во соседната земја Кралството Данска меѓу Македонците во Копенхаген, а во Шведска бевме во Трелеборг, во Малме, Хелсинборг Гетеборг, Стокхолм, Халмстад… секаде каде што можеше тоа да се оддржи. Деновите на македонската култура беа исполнети со настапи на наши видни уметници од музичкиот, ликовниот, литературниот и драмскиот свет… Збратимување на Градската библиотека на Малме со библиотеката „Браќа Миладиновци“ од Скопје, Македонскиот народен театар со пиеса за народниот собирач и афирматор на македонската традиционална книжевност, Марко Цепенков, Хуманитарни акции на Македонската амбасада во Стокхолм, Божиќниот ручек, Утринско македонско кафе со жените од дипломатскиот кор во Стокхолм, поддршка и присуство на одбраната на докторската дисертација во Каролинскиот институт во Стокхолм на нашата позната и призната во светот Д-р Лилјана Мараш, едукативна програма за значењето на нашата Мајка Тереза… Предавања за женските проблеми и права пред женските македонски активи во Шведска /промоции на книжевници со нивните најнови книжевни остварувања низ Шведска и Данска, постановки на етно македонски соби низ сите градови каде што се оддржувале средби и состаноци на нашинците, како и анимирање и објавувања на интервјуа на македонските амбасадори, но и на познати македонски бизнисменки за Бизнис- каталогот на Македонија… Предавања во Сојузот на Школите за возрасни (Studienförbundet Vugen) школа за изучување на македонскиот јазик за возрасните… Ох! Многу е, нели? Но тоа беше и е мојот живот во Шведска. Можеби нешто сум заборавила, но морам да го спомнам и придонесот и поддршката од тогашните амбасадори Мартин Треневски, Агон Демјаха и неговата сопруга Теута, Кире Илиоски, Александра Наќева- Ружин и сегашната Мира Краичиќ, со која не ги реализирав зацртаните планови, заради мојата животна голгота во Шведска.
*Многу е, се согласувам, но и покрај сево ова, творите активно, поезија, проза, објавувате и книги, член сте и на Друштво на писатели на Македонија (Д,П М), па би сакала да нѝ пренесете дел од рецензијата на професорот, писателот, есеистот драматургот Венко Андоновски, за Вас и за Вашето творештво.
-Знаете дека вредите, колку и како ве вреднуваат други личности, личности со авторитет. Па така, јас бев вчудоневидена, почнав да се допирам самата себе си, да проверам јас сум таа за која го читав тоа што беше напишано за мене, за моето творештво и полека, но сигурно да се убедувам дека тоа сум јас, а не друга личност! Ха, па морам да признам дека се почувствував малку чудно, па и засрамено да си признам дека тоа сум јас. Благодарам почитуван Андоновски. Па Вие ме освестивте, но истовремено ме обврзувате да бидам тоа што е напишано за мене. Да го оправдам тоа! Да се фалам себе си, за мене е несвојствено. Овој Голем човек во литературата во нашава земја и надвор од неа, во светот, за мене во двете рецензии за две мои стихозбирки, меѓудругото ќе рече: благоречиво, слаткоречиво и достоинствено: успевајќи умешно умеел да го „отргне“ и „истргне“ од мојата душа тоа што е, и која е мојата дарба и сето тоа да влезе во неговите рецензии … „низ неговото големо и творечко- егзистенцијално ангажирање… може ли да напишам и речам: “Благодарам, почитуван професоре Андоновски. А за другото, може да се прочита при читањето на моите стихозбирки и дела!”

* Добивте и Орден за заслуги за Македонија, повелба доделена од поранешниот претседател на Република Македонија, Ѓорге Иванов. Ви донесе ли, тоа одликување, и пристоен финансиски бенефит за мирни пензионерски денови?
-Знеате, некако како правило во денешнинава е ова: Сѐ тргнува од мене, а минатото нека остане минато. Оваа повелба врамена во убава рамка ми ја краси дневната соба во мојот дом. Инаку други бенефити немам, а и не треба по добивањето на оваа повелба. Тоа во тој миг беше за мене најголем бенефит. Ниеднаш не помислив на некаков финансиски бенефит, живеам како и другите пензионери во мојата земја, приземјено, за да одлетам во некои немирни води и облаци. Благодарам на Агенцијата за иселеништво која будно ги следеше сите мои активности, како во Македонија, така и во дијаспората и посебно во Кралството Шведска и таа ме предложи за оваа повелба. Тука е и наградата “Иселеничката грамота од Матицата на иселениците на Македонија”, потоа наградата “Стојан Христов” од Агенцијата за иселеништво и учеството на СВП на манифестацијата “Мостови”, на која не настапив од здравствени причини, со тоа што морав да се вратам веднаш во Скопје.
*Вашите деца,внуци и правнуци, наследија ли нешто од Вашите трајни раскошни таленти?
-Ах за тоа е рано да кажам. Ним ѝм оставам сами да си ги трасираат патиштата во нивните животи, без мое влијание и насоки. Талентот сам по себе ќе проговори, тогаш кога за тоа ќе дојде времето, а и кога за тоа тие самите ќе одлучат. Мене никој од семејството не ми го трасираше овој пат. Тоа самата го увидов и тргнав по тој пат. Но, образованието е дел неминовен од животот на секој успешен човек, кое придонесува само по себе да те вплови во реката на успесите и животните определувања. Човекот до крајот на животот учи и се дообразува. Благодарам за дадениот простор за ова интервју. Лилјана Стоилковска 18.11.2022

Валентина Ѓоргиевска Парго

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.