Магичен концерт во пештерата Врело на младиот тенор Нико Ѓоргиевски

1653

Предизвикувачка убавина и возвишеност е да се биде на концерт во пештерата на романтичната Матка, и уште во самата најава делува како ексклузивитет, кој понатаму со таква аура го озрачува и самиот настан.

Ваков невообичаен концерт во три наврати досега одржа младиот оперски тенор Нико Ѓоргиевски, последниот се одржа на 6 октомври (недела). За некои голем предизвик, пред се од непознатото исчекување и доживување, а за некои уште поголем, оние кои ја имаа честа и минатата година да го проследат овај гала музички настан, меѓу кои беше и нашата екипа. Ѓоргиевски, со одбрана публика се симна десетици метри во пештерата Врело каде одржа концерт на класична музика. Уметникот со ова уште еднаш го подигна нивото на концертната уметност кај нас и со самото тоа во едно, од примордијални до цивилизирани услови, ги спои времето, музиката, уметноста, инстинктот, талентот и дарот од Бога. Придружен од клавијаристот Андреј Наунов, тој изведе едночасовен рецитал на оперски арии и духовна музика од ерата на барокот. Експериментиењето со простор и време, во креативна атмосфера е одлика само на големи концертни мајстори и посветени уметници, за каков се покажува и младиот Ѓоргиевски. Концерт на кој зениците се шират. Од возбуда и од желба со поглед да се опфати сиот тој импресивен и питорескен амбиент, кој е навистина нешто посебно и за око и уво. Публиката впивајќи ги мелодиите на Ѓоргиевски, не трепна се до последниот миг, на громогласен аплауз и овации. На моменти чиниш е фантазија или сон, обвиткан со прекрасна музика. Колоритот во пештерата го надополнуваат рефлекторите, а акустиката доловува амбиент и чувство како да сте сам во магично место и како само за вас некој го создал целото тоа волшебство, за вашите сетила. Магепсаност на сите сетила. Спелео концертот, како што е насловен, е веќе препознатлив знак и специјалност на Нико, од првото издание мината година. Тогаш со камерен оркестар изведе дела само половина час, но бидејќи звукот на некои инструменти им се загушуваше и губеше (поради влажноста во пештерата), овој пат настапи само со клавијатурист. Цел час беа изведбите на оперските арии. Потоа тоа се прераскажуваше во групата која на местото на настанот беше одведена со најлуксузни чамци и потоа на вечерниот коктел во ресторанот Матка, со дегустација на вино од Тиквеш. Десецитите посетители ова доживување го вброија во одушевувачките и незаборавни. Уметникот Ѓоргиевски ваков концерт подготви и пред десеттина дена на кој присуствуваа вип личности и седум амбасадори и претставници од амбасади, а во иднина оваа, веќе традиција, ја најавува како уште пограндиозно и доосмислено продолжување. Од она што можеме да споредиме од минатата година, тенорот кој вознесува со своите импровизации, фалсети, емотивно балансирање при пеење, е подобар можеби за уште толку во квалитет. Неговиот глас во пештера на моменти, просто ве тера да воскликнете. Во тој стил беше се. Патниците пловеа во пештерата со последните сончеви зраци, во 18 часот а се враќаа под прекрасното  ѕвездено небо на Матка кое се отсликување во водите, во мракот, а беа видно одушевени и видно возбудени од оваа неповторлива романтична, и домашните и странските посетители. – Неделава ни почна со концерт на Ерос Рамацоти во Скопје а ни заврши со концерт на  Нико Ѓоргиевски во пештерата Врело. Ова е за да се памети засекогаш, што е многу, многу убавини се тоа, искоментира на крај музичарот Деан Шкартов Деки, автор на фотографиите од концертот, чиј апарат за време на концертот “мирувал” за тој да се препушти на убавината за сетилата

Валентина Ѓоргиевски Парго

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.