МAKEДОНИЈА Е НАША БАЗА, А КИНА МЕСТОТО КАДЕ СОЗРЕВАМЕ КАКО УМЕТНИЦИ

620

ЛИКОВНИТЕ УМЕТНИЦИ АЛЕКСАНДРА АЦЕСКА И ДАНИЕЛ КОЦЕВ ПАЗАМАТ ИЗЛОЖУВААТ ВО КИНЕСКИОТ ГРАД ФОШАН

Филип Димкоски

Македонските академски ликовни уметници Александра Ацеска и Даниел Коцев Пазамат, живеат и творат во Кина. И тие, како и голем број македонски уметници творат вон границите на татковината и остваруваат успеси на светската ликовна сцена. Нивната заедничка изложба, поставена на 9 септември, а отворена до 30 септември, во галериајта Ју Ју во Фошан, Кина која ја реализираат со нивниот српски колега Михајло Спорин, е повод за нашиот разговор со нив.

Александра Ацеска, дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 2017 година, а годинава се стекна со звање магистер на иститот факултет. Од 2018 година, живее во Кина, каде работи како професор по ликовна уметност. Член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија. Изложувала на неколку групни и самостојни изложби во Македонија и во странство. Добитничка е на наградата „Борко Лазески“ за највлијателен студент на генерацијата на ФЛУ-Скопје, во 2017 година и два пати е наградена на Интернационалниот саем на современа уметност и дизајн „Паратисима“ во Скопје.

Даниел Коцев Пазамат, дипломирал вајарство на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 2007 година. . Учествувал на повеќе значајни самостојни и групни изложби во Македонија и во Кина, а изложувал и во Турција, Италија, Србија и Бугарија. Бил учесник и на неколку уметнички резиденцијални престои на Балканот. Пазамат во Кина живее од 2012 година, а од 2014 е основач и сосптвеник на компаниja за дизајн која соработува со повеќе фирми, на чии проекти Пазамат е уметнички директор. Од 2017 до 2022 беше назначен за куратор на интернационалниот саем за современа уметност Арт Канон, а од 2022 е во одделот за академска поддршка на саемот. Тој е и директор на Интернационалното училиште за уметност. Преку новооснованото студио Пазамат, овој ликовен уметник планира да ги продлабочи и прошири културните врски меѓу Кина и Македонија.

 

Која беше причината за вашето преселување во Кина, каде го продолживте вашиот приватен и професионален живот?

АЦЕСКА- За чекор голем како исселување во непозната и далечна земја како Кина се потребни повеќе фактори. Јас сум голема симпатизерка на источните филозофии и култури и егзотиката на кинеската култура и мисла дефинитивно влијаеа на мојата одлука да се преселам. Се разбира тоа не беше единствена причина. Покрај желбата да го искусам Истокот од прва рака, тука беше и желбата за нов почеток и сите предизвици кои следуваат од таа желба, како и соочување со стравот од непознатото. На некој начин, се предизвикав себеси да излезам надвор од своето комфорно меурче со цел да се разберам себеси подобро, како и светот кој е надвор од дофатот на популарната култура и медиумите. Ова воопшто не беше лесно поради културната и јазична бариера. Ретко кој зборува на англиски јазик во Кина и ова го направи процесот на прилагодување многу потежок. Сепак, по скоро четири години во Кина конечно можам да речам дека полека се приспособувам на оваа нова и возбудлива средина.

ПАЗАМАТ- Уште како ученик во ДСУ „Лазар Личеноски“ во Скопје, па и во текот на студиите при Факултетот за ликовни уметности во Скопје, бев фасциниран од источните култури, Јапонија, Кина , Индија и цела Азија воопшто. Немав специфична намера да се одселам од родната Македонија, меѓутоа, откако се вратив од Лондон, добив понуда за работа во Кина. Секако дека бев заинтересиран за понудата, не специфично за работата која ми беше понудена, туку повеќе за шансата да ја посетам Азија со можност да заработувам и за се издржувам додека сум таму. Не ми беше потребно многу убедување да купам карта во еден правец, без никакви очекувања. Отако се стабилизирав со работата и се навинкав на културата која патем е сосема поразлична од нашата, се најдов себеси во околина каде што бев сосема самостоен и животот стана комфорен за да можам да продолжам со мојата пасија и самозададена животна цел да бидам самостоен и интернационален уметник. Едноставно квалитетот на живот во однос на работата, социјализација и слободно време за творештво, беше доволна причина да одлучам да останам во Кина.

Во градот Фошан е во тек ваша заедничка изложба , која ќе биде отворена до 30 септември, во галериајта „Ју Ју,“. Дали сте задоволни како протече отворањето на вашето заедничко претставување, по што ќе го паметите?

АЦЕСКА- Оваа изложба беше долго очекувана. Поради пандемиските регулации одново и одново го одложувавме отворањето, кое и покрај се, се реалзираше мошне успешно. Сопственикот на галеријата г-дин Фенг и кураторката Лианг Манли нѐ поддржаа во секој поглед, а ова резултираше со прекрасна атмосфера и бројна посетеност на отварањето на настанот. По говорот на кураторката и сопственикот на галеријата, имавме чест да го слушнеме говорот на главниот куратор на Арт Кантон (саем на уметност кој се одржува на годишно ниво во Гуанжо), критичарот на уметност Ву Шаонинг, кој направи анализа на нашите дела. По неговиот говор имавме кратка дискусија со публиката, во врска со концептот и темите зад делата. Крајот на настанот го назначи перформанс, со кој демонстрирав амбидекстно сликање со туш на хартија. Дел од посетителите беа калиграфи и традиционални кинески уметници, што ме израдува многу, бидејќи нивната виртуозност ме инспирираше многу во процесот на моето истражување за овој проект.

ПАЗАМАТ- Ова не ми е прва ниту пак последна изложба во Кина, меѓутоа мора да споменам дека тука церемонијата на отварањето на изложби е малку поинаква од тоа што сме навикнати кај нас во Македонија. Имајќи го тоа предвид, сопственикот на галеријата и кураторот на изложбата, госпоѓа Лианг Манли, изразија интерес оваа изложба да биде поинаква од нивните стандарди и да ја адаптираме кон европското искуство и европските норми на отваранње на изложба. Атмосферата беше опуштена и гостите беа приклучени во активна дискусија за конкретните изложени дела па и понатаму за значењето на насловот на изложбата итн. Интересен момент беше кога некои од посетителите ја пронајдоа врската помеѓу авторите, иако делата визуелно изгледаат сосема различни.

Како кинеските граѓани ја восприемаат вашата уметност, но и ликовната уметност воопшто?

AЦЕСКА- Од моето досегашно искуство, во Кина има простор за секаква форма на уметност, од традиционална до пост-постмодерна. Тука вреди да се спомне рапидното технолошко и дигитално развивање кое е мошне практично во секојдневието на животот во Кина. Новите медиуми се ин и со секој нов дигитален напредок, напредува и уметноста. Се разбира, како и секаде, сензибилитетот на поголемиот дел од населението се поклопува со покласични форми на уметност но има и голем интерес за современи и нови форми на уметности. Мојата уметност во основа е базирана на процес на истражување но овојпат, резултатите се ѕидни дела (слики, печати и цртежи) а оваа форма е мошне прифатена од страна на посетителите. Се разбира, перформансот даде малку поинаква и посовремена димензија на изложените дела и повторно беше позитивно прифатен.

ПАЗАМАТ- Според мене, Кина е високо развиена држава, каде културата, технологијата и квалитетот на живот е со висок стандард. Голем дел од младата популација е активна и заинтересирана за ликовната уметност во сите форми ( скулптура, видео, слики на платно, уметнички инсталации итн ). Гуанжо е метропола која се наоѓа на југо-исток од Кина, во близина на Шенжен и Хонг Конг, каде воглавно елетронската индустија е најзастапена, што значи постарата генерација е повеке насочена кон бизнис аспектот од живеењето, но сето тоа се менува драстично, особено во последните 5 до 6 години (според моето лично искуство). Во градот има голем број на мали самостојни галерии и музеи кои се постојано исполнети со нови поставки од домашни и интернационални автори, што укажува на фактот дека заинтересираноста за уметностите е на солидно ниво како што и се очекува од една современа метропола.

Колку Кина влијае врз вашето творештво од една страна, а колку, пак, Македонија е вградена во вашите дела?

AЦЕСКА-Делата кои ги создавам секогаш имаат нота на концептот на идентитет. Јас сум карактер кој многу поприма од околината, па не е чудно што најдувам траги во своите дела од настаните и луѓето кои биле во моја близина во периодот на создавање на делата. На почетокот од моето творештво ова ми пречеше но научив да го прифаќам овој процес на преработување на информациите кои ги добивам, а ова резултираше со попрепознатлив ракопис. Се разбира дека новата околина во која се најдов го промени мојот креативен процес, преку концептот па дури и во формалните квалитети. Но во базата на овие „фази“ на творештво го препознавам својот ракопис. Мислам дека во тематиката која ме интересира (идентитет и духовност ) најмногу има конекција и траги на моето македонско и балканско културно наследство.

ПАЗАМАТ- Македонија е мојата база, местото каде го научив занаетот. Кина е местото каде верувам созревам како ликовен уметник. За мене е невозможно да ги оддвојам двата аспекта кои ме сочинуваат како автор. Техниките кои ги користам во мојот сликарски опус не се стандардни за источните техники на творештво, слободата за манипулирање со материјалите доаѓа од моите европски корења. Додека филозофијата во моите дела е сосема инфлуенсирана од источните култури како што наведов претходно. Воглавно, двата аспекта се во хармонична симбиоза која ми дава простор да се изразувам и да бидам визуелно и културолошки прифатен на локалната и домашната сцена.

Постојат ли можности вашата изложба да биде поставена и во други градови низ светот, па и во некој македонски град?

AЦЕСКА- Се разбира, ова ќе биде реализирано за скоро. Во моментов лично работам на неколку проекти кои за скоро ќе бидат реализирани. Во Кина има голем интерес за уметност од Европа и има многу галерии и приватни музеи кои секогаш се расположени за соработка. Дали строго оваа поставка би ја поставиле во македонски град, е малку дискутабилно бидејќи тука влегуваат многу фактори во игра од кои можеби најважен е преносот на делата.

ПАЗАМАТ- Идејата за оваа изложба да биде поставена во повеќе градови низ Кина е многу реалистична и достапна со оглед на тоа што имаме контакти од повеќе ликовни галерии ширум Кина. Секакао дека заедно како тим на ликовни уметници кои ја претставуваат нашата земја сме годри и работиме на рарзаботка на планови за понатамошни учества и претставувања не само во Кина туку и пошироко. Искрено се надевам дека еден ден, ќе се собереме сите ликовни уметници кои твориме надвор од Македонија и ќе се претставиме со нашиот творечки опус на дела кои се изработени во странство. Тоа би било едно убаво обединување на културните претставници на нашата земја кога би се вратиле и би направиле една голема изложба дома во Македонија.

Што ново можеме да очекуваме од вашите ликовни лаборатории?

AЦЕСКА- Во овој период повторно сум преокупирана со истражување на границата помеѓу видливото и невидливото, духовното и неговата реализација во материја; едновремено се обидувам да го најдам своето место во процесот на создавање на уметничкото дело. Покрај ова, сакам да ги „преведам“ моите амбидекстни цртежи во разни медиуми и на разни основи, со цел повторно да се предизвикам. Имам неколку проекти во припрема кои вклучуваат перформанс и сликање на тело, фотографии и 3Д објекти.

ПАЗАМАТ- Како што напоменав, во Кина се претставувам воглавно со слики на платно ( со исклучок на две самостојни изложби во мешана техника ), меѓутоа скулпторот во мене сака да каже нешто друго. Во изминатите неколку години експериментирам со неконвенционални материјали за работа, вклучувајки светлечки објекти, звучни инсталации, видео проекции и не-традиционални скулптури. Експериментите се започнати, а каде ќе ме одведат и како ке завршат сѐ уште е рано да се каже, но се надевам дека ќе бидат во тек со ликовните трендови, а сепак ке се потрудам да бидам искрен пред себеси и ќе ја задржам оригиналноста на идејата и филозофијата во која верувам.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.