Македонски народен театар – Изложбата „Сценска тишина” за 75 годишнина од постоењето

548

Во годината во која Македонскиот народен театар ја слави својата 75-годишнина, период доволно долг за испишување на историја и достојно одбележување, светот, а со тоа и културата, се соочија со голема пандемија.

Театарот остана без верната публиката, актерот не е на сцената, текстот е неизговорен. Остана тишината. Изложбата „Сценска тишина”, во продукција на МНТ, претставува желба и мотив театарот да се врати на сцената каде што ѝ припаѓа. Односно обид да се реконструираат претставите кои се на тековниот репертоар на МНТ преку костими, сценографија и/или реквизити. Театарската претстава како нужно врзана за времето и просторот во кој се одржува, постои единствено во времето во кое се одигрува. Поради тоа денес сцената е празна, но останува театарската светлина, мигот/сеќавањето за погледната претстава и поттикот да се посети непогледнатата претстава.

Низ фотографиите и видеото на Драган Гајиќ се раскажува за моќта на актерот, концептот на режисерот, приказната на авторите и креативноста на авторите на сценографијата и на костимографијата. Низ изложбата, работена по идеја и во реализација на Ивана Јарчевска и Мила Анѓелковиќ, прикажани се костими во кои играат актерите на МНТ, сценографиите на: Никола Тороманов, Илина Ангеловска, Свен Јонке, Костантин Трпеноски, Вишња Вујовиќ, Лоренцо Банчи, Владимир Жерновски и Валентин Светозарев; и костимографиите на: Марија Пупучевска, Илина Ангеловска, Снежана Пешиќ-Раиќ, Свила Величкова, Роза Трајческа-Ристовска, Ивана Каранфиловска-Угуровска, Александар Ношпал, Мануела Паладин, Лидија Георгиева, Кокев и Кадриу, Елена Пандева, Антонија Гугинска-Јорданоска и Елена Вангеловска.

Поради состојбата, изложбата е единствено достапна онлајн во вид на фотографии и како видео – објавено на јутјуб-каналот на МНТ.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.