МЕГАИНТЕРВЈУ СО НАСЕР МИФТАРИ, НАГРАДЕН ЗА ПРОФЕСОР НА ГОДИНАТА: Департизација во образовниот процес, сега и веднаш, по секоја цена!

147

Професор, интелектуалец, активист, познавач на многу работи, со однесување како оние добри учители од стар ков, создадени да создадат генерации кои ќе го надминат учителот.
Современ, со традиционални вредности. Прифатен и почитувам од сите генерации-најмлади до највозрасни. Професор, кој е тоа секогаш и секаде, 24 часа на ден, кој целосно си ја сфатил односно и ја брани честа на професијата и општествено- историска улога во ова време на “да се биде или не”.
Тивок, а толку “гласен”!
Вработен во средното училиште “Зеф Љуш Марку”. Досега има напишано две книги, а во тек е и третата книга
-Подготвен сум за каков било предизвик иако себеси најдобро се гледам во униформата на совесен, искрен и професионален наставник, пред и за младите генерации! Знаењето нема крај и тоа се стекнува преку целиот живот… Време е за “new deal”!- ќе рече.
Господинот Насер Мифтари!
***
* Професоре Мифтари, добар ден! Неодамна на годишното наградување на Здружението на Просветни работници на Град Скопје, Вие освоивте една од годишните награди за “Професор на годината”. Искрени честитки, тоа е големо признание, со оглед на фактот дека доаѓа од Вашата фела, а за него гласаат повеќе стручни тела.
– Да. Посебно чувство. Чест и задоволство токму поради тоа што мои колеги ја вреднувале мојата досегашна работа и професионален придонес, што ме прави горд и привилегиран, но истовремено давајќи ми нова енергија, мотив и одговорност за повеќе истрајност и нови постигнувања на патот кој ни претстои! Големо и срдечно благодарам на сите мои колеги и драги пријатели кои придонесоа да се накитам со оваа голема награда и света титула, пред и сè на почитуваната колешка г-ѓа Катерина Митковска, претседател, и сите колеги од изборните тела на здружението! Истото им го посакувам на сите мои колеги, каде и да се!

Најзапаметена ќе остане Вашата порака од наградувачката бина директно упатена до актуелната градоначалничка на Скопје, а и сите по неа, да го департизираат образованието. Состојбата на тој план е загрижувачка. Тешко ли е да се работи со наставници и професори кои своето слободно време го поминуваат во партските штабови?
– НЕ, на личен и индивидуален план, но, ДА, на општествен – државен план! Потешкотиите и маките никнуваат и се развиваат на ниво на колектив/ институција, кои се пренесуваат директно кај младите генерации, нивните родители/ семејства односно општеството во целина, метастазирајќи како во вертикала, така и во хоризонтала, нарушувајќи ги стручноста/ професионалноста и угледот на наставниците, улогата на чесните родители и трудољубивноста на учениците… обезвреднувајќи ја заложбата на сите чинители на воспитно – образовниот процес… уништувајќи ги реалните и вистинските вредности на учењето/ науката, научниците/ просветарите и просветата воопшто, како главна човекова и општествена дејност, без која тешко се може, посебно во оваа наше време! Образовни политики – ДА, секогаш, но НЕ, никако и никаква политика во образованието, со посебен нагласок „партизација“, бидејќи повеќе од јасно е дека наставникот и образованието се најголемиот и највредниот наш капитал ,ризница кои припаѓа на сите нас, не само на едни! Сакам да звучам оптимист, но реалноста, за жал, го убива истото. Фактите и статистиката, од ден на ден, го докажуваат обратното. “Ние работиме/учиме генерации наназад, за туѓ пазар”. Департизација во образовниот процес, сега и веднаш, по секоја цена! “Ако сакаш да уништиш една држава/народ,уништи ѝ го образованието”! Ние, за жал, чекориме кон оваа позната изрека, иако имаме огромен капитал на природни ресурси и интелектуален човечки потенцијал! Зошто од оваа бина и во оваа време? Ова мое мислење го делам со јавноста од поодамни години наназад, во низа пригоди- семинари, конференции, комисии и медиуми, но сега и од оваа бина, затоа што имам многу повеќе нешта на кои сакам да укажувам на активираниот аларм, како и длабокото мое верување дека мојата мисла и желба е поблиску до реализација, ако не целосно, доволно е да се почне истото. Ако се почнува и успешно се спроведува од Град Скопје, тоа значи дека за кратко време, под автоматизам на нештата и во целата држава! Мој принцип на работа е да не кријам, односно секогаш и секаде, за што било, јавно и транспарентно да се искажам за сè онаа што мислам, посебно во однос на мојата личност и стручност и истите да ги споделам со сите околу мене! Во случајов ќе издвојам два елемента, кои влеват надеж, а тоа се:
-За наше добро, за прв пат во повеќепартискиот систем, Скопје има независен/ непартизиран градоначалник, и -За наше добро, за прв пат во повеќепартискиот систем, Скопје има градоначалник од поубавиот, понежниот пол – жена, „мајка на градот“!
На горенаведените елементи сакам да верувам со фанатизам. Поучени од досегашната пракса, и покрај многуте обиди, во пракса речиси ништо не се промени, сега мислам и верувам дека оваа промена ќе даде резултати, ако истото вистински се сака!

*Доколку би се департизирало образованието кое е важна алка, ќе се департизира и општеството и ќе се изградуваат генерации кои подобро ќе го сфаќаат и живеат животот, од нас. Од некаде мора да се почне, сметате дека непартизираните и притиснатите професори, сите воопшто, треба да Ви се приклучат кон овој навистина корисен апел?
-Без сомнение, ако вистински се сака, се може! Сите стручни/професионални, посветени и креативни наставници, би трабало да го почнеме, помогнеме и завршиме овој процес. Да го сториме тоа што нашите колеги го сториле и сега го оживуваат на најдобар начин, со полн дигнитет и интегритет наставничкиот углед во напредните земји, таму каде на големо ни бегаат нашите чеда. При обични разговори или непротокаларни академски дебати, сите ние од фелата на образованието сме истомисленици во поглед на оваа тема! Буквално сите, без исклучок сме едногласни и тврдокорни во ставот, дека партизацијата е премногу штетна за нас како професионалци/експерти, како општество и како држава… но кога треба истото да се спроведе во пракса, т.е. да се почне со департизацијата како исклучително важен и неминовен процес, истите ние се претворуваме во: мирни, ќутливи, неми, слепи, глуви, незнаени, неможни, немоќни… и не знам што друго! Ние сме “алката”, додека “клучот” го гледам кај професионалците, храбрите и независните, кои навистина посакуваат добрина и просперитет на овој народ и оваа држава! Личности за кои ќе отвораат нови врати, нови патишта, нови животни можности за младите, без кои не можеме да ја вкуснеме благосостојбата наша… паметни и храбри личности- денес, на кои утре ќе им се поклонуваме со дигнитет, во знак на благодарност, за кои ќе пишува и историјата! Време е за “new deal”!
*Наградата која ја добивате на годишно ниво, повеќе е награда за сиве овие изминати децении во кои Вие ги поминавте во официјалното образование и несебично на секоја можна дополнителна активност, на семинари, обуки. Многу сте активен, секој ден имате нешто плус од обврските. Како стигнувате, што Ве води и мотивира?
– Ова ми е најчестото прашање во последниве години… прашање, на кое немам посебен одговор, односно секогаш се повторувам, без да знам дали е адекветно одговорено, а тоа е: големата љубов за живот и големата желба за постигнување и придонес. За првата – љубовта, ја мислам како прва, фундаментална, една и единствена која треба да ја имаме секогаш и секаде. Таа е света и треба да ја негуваме безпрекорно во себе и за себе, која потоа самата да зрачи и рефлектира кај сите и сè што е околу нас (антропологиски и еко-системски), искрено и моќно, до последниот здив… сè до постигнување на второто – т.е. нашата желба за придонес! Човекот секогаш е предводен од две нешта во: „да имам и да сум“!
Предавате историја, деликатен предмет, и тоа во период кога сите на овие простори имаме свои истории, своја интерпретација, а во одредени моменти се става акцент, профитерски, само на она што во моментот некому му одговара. Видливо е дека се врши голема манипулација на секој можен начин. Велат-историјата ја пишуваат победниците оние кои ја преживеале битката… Како професор по овој предмет, како гледате на тоа- историјата треба да ни донесе подобра иднина или да биде пречка и навраќање на старите проблеми?
-Историјата е наука! Ако сите ние ја прифаќаме како таква, многу нешта би биле поинаку. За жал, во ова наше поднебје, многу луѓе сè уште го немаат сфатено и прифатено научниот тек на живеење. Сакаме или не, мора да признаваме дека имаме многу грешки направено на ова поле. Минатото треба да ни служи како поука за денешнината, за едно подобро утро, а не да живееме со неа! Промените се неопходни, заради нашата иднина, иднината на нашите млади генерации. Концептот „вчера, за денес и утре“, според мене е најдобриот пат за изучување на историјата како предмет. Исто така, треба да се смени и приодот кака да се изучува и поучува минатото, со една и единствена цел: да ги ослободиме младите од стегите на минатото и да им помогнеме да го отворат умот кон иднината! Слободно, умно, разумно, критички и креативно да размислуваат и креираат во чекор со времето и нивните современици! Само на тој начин ќе го оправдуваме нашето постоење и нашата мисија. Историјата како предмет има свои јасно дефинирани задачи и цели. Таа не треба да ги уназадува луѓето, туку напротив, да ја оформува личноста на човекот и унапредува за посигурен и подобар живот! Со моите ученици макотрпно го пребродуваме традициналното учење и храбро чекориме со нов пристап, кон нови постигнувања и предизвици, на кои срдечно им сум благодарен! Посакувам и повикувам да ни се приклучат што повеќе на овој наш пат-отворени сме за сите!

*Имате стекнато бројни признанија, дипломи сертификати, но и титулата амбасадор на мирот.Учествувавте и во манифестацијата на уметникот Живко Поповски Цветин во апелот против употреба на атомско оружје. Во оваа пригода пак Цветин срдечно Ви врачи негова голема цветна слика. Професоре, Што би биле ние без мир? Како да си изградиме максимално совршен мир и почитување?
-Преубаво прашање, прекрасно сеќавање. Благодарам! Но, првин дозволете ми да користам можност да го поздравам големиот хуманист – алтруист и драг пријател Ж.П.Цветин, со кого се знам од поодамна, за неговиот придонес за човекови вредности, љубов и мир не само кај нас, туку и пошироко! Среќен и крајно благодарен сум на неговиот повик, соработка и покажана почит! Се надевам дека и во иднина ќе имаме слични мировни акции. Да, сум учествувал, учествувам и ќе учествувам секогаш и секаде додека можам, бидејќи тоа вистински ме исполнува.Имам учествувано на разни хуманитарни и добротворни настани, како поединец-граѓанин, но истотака и во организирани групи, од кое посебно ќе ги издвојувам хуманитарните акции со учениците, кое ми причинува особено задоволство, како на пример: посета на дом за стари лица; помош при поплавата во населбата Ченто; помош на иселеници за време на Косовската криза; помош на расселени лица за време на конфликтот во Македонија; земјотресот во Драч-Албанија и друго. Вистина е дека учествувам во многу настани, со цел да покажувам и докажувам дека „знаењето нема крај и дека тоа се стекнува преку целиот живот“ и дека ние кои сме одговорни и стоиме пред младите за нивно учење, треба да сме во тек со сите збиднувања, со цел да сме поподготвени пред нив – за нив! Во однос на сертификатите… сакам да сум скромен, но реалноста е тоа. До сега имам стакнато и добиено околу 300 сертификати, пофалби, дипломи и признанија. Сите ми значат многу и ги ценам на посебен начин. Тоа што ме прави посебен, е сертификатот „Амбасадор на мирот“, со којашто да бев во некоја од државите каде ова се вреднува и цени на посебен начин, сигурно ќе беше поинаку!

Интересен момент во ноќта на наградувањето во кино Фросина во МКЦ, беше што не запознавте со целото семејство, со Вас како поддршка дојдоа синовите, и самиот рековте сте горд на своето семејство а наградата им ја посветувате на своите родителки, кои Ве повеле по патот на добро воспитување.
– Морам да признавам дека со ова прашање поттикнавте многу чувства и ме поведовте во длабоки емоции… за кое би сакал да бидам добро разбран. Да не ме едуцираа и подржаа моите родители, браќа и сестри, јас немаше да бидам оваа личност; да не беа моите добри наставници, денес немаше да бидам наставник, додека да не беше моето оотесно семејство- сопругата и моите слатки деца (1 ќерка и 3 сина) јас немаше да бидам на оваа бина. Тие беа, се и ќе бидат и во иднина, моја поддршка и мотив за многу повеќе живот!
*Кои се Ваши следни планови, во областа на образованието. Сте размислувале ли во иднина Вашето богато искуство во образованието да го вградите и како директор на училиштето во кое предавате?
-Немам посебни планови.. освен желбата како до најдобри, најлесни и најефикасни патишта за постигнување на добри образовни резултати. Подготвен сум за каков било предизвик иако себеси најдобро се гледам во униформата на совесен, искрен и професионален наставник, пред и за младите генерации!
-Тоа што најмногу ме привлекува во хиераркијата на образованието, несомнено се институциите предвидени за иновации и реформи на образовниот систем! Од стекнатото искуство и знаење, сметам дека можам да дадам огромен придонес!

*Колку хобија имате, со што се занимавате? Знам дека и добро цртате, за Втори август 2020 година со Вашите ученици цртавте низ Чаир.
-Вашите прашања не само што ми се од посебен интерес, туку и доста поттикнувачки за повеќе размислувања, што ме задолжува за големо и искрено благодарение!
Да, како и секој друг,и јас имам мои хоби, од кои ги издвојувам: пишуваниот збор-поезијата, убавите бои-цртањето и убавите ноти-музиката. Големата љубов за музиката мислам дека е наследено, бидејќи во нашето семејствоскоро сите пееме, додека братот и внук ми се познати естрадни пеачи; за ликовната уметност како хоби, се појави во средните години од мојот живот, со што навистина сум горд, на сè она што умеам да го исцртам или направам, претворам во скулптура, додека пишувањето, корените се од поодамна, уште од основните школски клупи. Досега имам напишано и печатено две книги, а во тек е и третата книга. Секоја за себе подразбира своевидно задоволство! Хоби – помага во отворањето на умот и креативноста!
*Би сакала уште една Ваша порака, овој пат упатена до јавноста, до читателите, и до народот, да допре пошироко, до секого.
– Човекот е посебно живо суштество, кое заслужува посебно внимание! Цврстината негова се постигнува преку добриот, чесен, искрензбори неговата почит. Колку порано и повеќе ги негуваме во себе, толку повеќе добиваме во цврстина, убавина и духовно богатство…Образованието – поле на човековите вредности, наставникот – сржта на благосостојба! „Едно дете, еден учител, една книга, еден молив – можат да го променат светот!“ – М.Ј.

Валентина ѓоргиевска Парго

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.