ЛЕГЕНДА: Мирко Попов стана феномен, лекција, музика и прашање на денешницата!

31

5 април 2024 година, Скопје

Спореден со бесмртните Рацин, Мартиновски, Ацо Шопов, Шпато, денес се одржа комеморација, во чест на Мирко Попов, пионерот на техно музиката кај нас, кој неодамна по кратко боледување почина на 51 годишна возраст.
„Слободно аплаудирајте, Мирко го сакаше аплаузот, нѐ охрабри уште на самиот почеток неговиот компањон Синиша Ефтимов, кој со треперлив но достоинствен глас беше во улога на модератор на овој настан, изведен на највисоко културно ниво, и на кој ни раскажа многу повеќе работи за Мирко од оние што ги знаевме.
И неговите пријатели и соработници не ги штедеа убавите зборови за него, откривајќи ни го во повеќе димензии неговиот живот и творечка реализираност.

Филип Николовски од МКЦ го нарече галебот Ливингстон и во својот говор му порача: “Летај галебе летај, забављај се и размрдај подиум. Се гледаме на некое друго време и на некоја друга журка”.
-Скопје раѓаа и расте паметни деца, фала ти, беа зборовите на Филип Тасев- Фиц со кој заедно го правеа фестивалот за млади групи “Земјотрес”, во изминативе години.
Тој додаде:
-Тој беше промената што секој сака да ја види во акција. Неуморност и константа работа! Секогаш одеше до крај и работеше најдобро што може! За мене тој живееше пет човечки животи! “Заедно сме сцена, а да, и сила”, понатаму додаде Фиц, цитирајќи го со овие зборови својот соработник кој исто и го опиша и како “Љубов кон музиката, одговорност кон културата и грижа за младите генерации”.
Писателката Билјана Црвенковска, негова другарка од основно училиште беше посебно емотивна во потсетувањето на многуте изминати години другарство и заедничко пловење низ сферите на музиката. Таа појасни дека Мирко бил голем оптимист, кој не се откажувал и секогаш продолжувал да се бори.
-Мирко се заедно сите стрипови и книги кои сме ги читале во средно… Се трудеше да го менува светот. Да продолжиме да го менуваме светот како тој што го менуваше- објасни Црвенковска, додавајќи дека ако ние не успееме некои нови генерации ќе успеат, можеби и надоаѓачката генерација на децата на Мирко, Лајка или помалиот Артур.
Музичарот Александар Гавровски од неговата ПМЏ колектив го нарече Мирко постар брат на сите млади талентирани дечки и фанатици и проговори за неговата топла другарска страна, на некој кој знаел гостопримливо да ја отвори вратата од својот дом и да ти рече “Еве копиљ, сѐ што имам ја имаш и ти”.
-Најмногу го знаат како политички деец, ќе рече понатаму на сцена Синиша, осврнувајќи се и на неколкуте настапи на митинзи, за што многу се зборуваше, но дефинитивно ние ќе кажеме дека Попов целосно си ја исполни својата задача, партиската поддршка што ја доби во изминативе години да ја реализира во конкретни дела, грижа за млади и поддадена рака на многу музичари кои нема да го заборават, како и организирање на бројни фестивали и објавување на разни музички изданија со кои на помладите им укажа голема поддршка.


За време на комеморацијата беа пуштени повеќе фотографии од Мирко со семејството и соработниците, како и видеа снимки од обраќањата од негови колеги од земјава, од регионов и од странство, британските диџеи Тери Френсис, Дејв Мадерсол и Ивл Еди Ричардс, српскиот диџеј Александар Павиќ- Лале од „Хепи пипл“ и Стивен Малиндер од „Кабаре Волтер“ преку свои изјави искажаа почит кон Мирко, човекот кој значеше и револуција сам по себе.
Мирко беше јадрото на ПМГ колектив.
Со фанатичка посветеност и пргав темперамент стана еден од највлијателните и најуспешните скопски автори, текстописци, диџеи, издавачи и продуценти, овозможи многу гостувања на познати музичари од светот кај нас, а и самиот настапуваше низ регионот на повеќе европски, клубски дестинации и како ретко кој Македонец во историјата и го стави Скопје на европската релевантна музичка мапа.

Роден е во 1972 година во Скопје. Како диџеј почнал да настапува од 1992 година во истата година се приклучил на култното скопско музичко радио „Канал 103“ каде потоа од 2008 до 2010 бил главен уредник. Во 1998 година ја формирал прогресивната дискографска куќа ПМГ Рекордингс, исправајќи историски грешки и неправди нанесени на македонската музика од блиското минато, а во 2003 година го формираше бендот „ПМГ Колектив“, каде беше автор на музика и текстови и изведувач.
Има издадено албум и неколку изданија и реализирано концерти со водечкиот македонски џез состав „Сетстет“. Од 2020 продуцираше, издаваше музика под името „Мирко Попов квартет“ и “Кантон 6”. Заедно со музичарот Владан Дробицки беше идеен творец на џез фестивалот „Крај Вардарот џез“. Беше и успешен музички новинари и автор на повеќе книги “20 години те сакам” и детската книга “Розевата планета” со Нита Муча .
Во негова чест за време на комеморацијата на почеток на видео бим ја слушнавме песната „Somewhere over the rainbow“, изведена од хрватскиот бенд „Нипл пипл“, понатаму Џез- музичарите Владан и Павел Дробицки отсвирија малку музичка во негова чест, а заврши со изведба на песната „Аfter hours“ на „ПМГ колектив“, од нивниот прв албум “Резонатор”.
Меѓу присутните беа и министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска и вицепремиерот Бојан Маричиќ.

Попов кај пошироките народни маси останува познат и по неговата изјава дадена во телевизиско интервју дека би ги запали сите црквите (иако е од попска фамилија), што ја даде пред десеттина години и предизвика лавина коментари. Но, ако се замислиме подлабоко, тоа отвора нови прашања, зошто би млад човек кој, можеби и не ни стапнал во црква, замислувал таков чин, или можеби самата изјава го оцртува целиот револтот на прогресивните и креативни луѓе кон изминативе 30 хаотични години, во кои генерации и генерации настрадаа од низата турбулентни промени и во нив се всади голем револт кон сѐ, пред сѐ кон општеството во кое живееме.
Во секој случај Попов станува феномен, музика и прашање на денешницата, а неговата музика останува за вечно слушање, или како што сугерираше самиот Синиша “Фала Богу песните се тука. Не мора да се брзате. Се надевам ќе најдете време да ги преслушате”…

Валентина Ѓоргиевска Парго

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.