Licentia poetica – Мирослав Алексиќ- ….Збогум убавино, никогаш веќе пролетта не ќе те раскрили…

1365

Мирослав Алексиќ – Licentia poetica

Уредник-Филип Димкоски

Мирослав Алексиќ е роден во 1960 година во Врбас, Србија.

Дипломирал на Катедрата за светска книжевност на Филолошкиот факултет во Белград. Ги објавил поетските книги: Зигурат (1986), Попиг или чуг (1990), Нема вода (1994), Оскудно време (2016), Неповторлив код (2018),

Песните му се препејувани на руски, словачки, македонски и русински јазик.

Во 2017 година во Москва е објавена книга со негови избрани песни Лабиринт/Лавиринт (избор и препев: Aндреј Базилевски).

Песните на Алексиќ застапени се во повеќе од дваесет антологии и поетски избори во Србија и во странство.

Добитник е на наградите Печат вароши сремско-карловачке и Ленкин прстен.

Учесник е на најзначајните книжевни фестивали во Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, а како поет гостувал и во Русија, Романија, Унгарија и Хрватска. Тој е еден од основачите и член на редакцијата на угледното книжевно списание „Траг“.

Бил секретар на Фестивалот на поезија на младите од Југославија во Врбас и уметнички директор на Меѓународниот саем на книгата во Нови Сад.

Уредник е на култната трибина „Современиот човек и современиот свет“ во Матица српска. Работи како помошник управник на Библиотеката на Матица српска во Нови Сад.

НАПАД НА ТЕКОМАТА

Не, не станува збор за војна.

Ова е ритуално, тајно и темно убиство,

моја пресметка со неа.

Колку само уживав во таа убавина,

во инките од нејзините портокалови цветови,

со пет латици кои се подаваат како отровни усни,

во јадроста на нејзините темнозелени листови,

во натежнатите, полни мешунки

кои ќе раѓаат нови цветови.

Бујна и гласна, опојна во летните вечери,

растеше како водите со пролетта.

Несетно, незапирливо.

Во договор со земјата која сѐ и даде

Се ширеше, освојуваше,

онака, нежна, сладострасна, дива

Попривлечна од сите налицкани ружи во соседството.

Но, не вели за џабе Рилке:

„Што е убавината, ако не почеток на страшното?“

Убавината не умее да слугува, таа не умее да не владее.

Се провлекла под ѕидот, под темелите,

се провкела меѓу герамидите на кровот

се испреплетила со малтерот, ги здробила циглите

пoлека во прав го претвора она што сум го ѕидал,

за себе да се оградам а нејзе да и дадам поткрепа.

Купив ситнозаба пила, ја припремив старата таткова казма

и брзам се да завршам додека не пролиста

и додека повторно  не ме заведе со убавината

додека не ме лишила од онаа мала, слаба подготвеност

од нејзе да се бранам

Стенка земјата додека со трнокоп ги корнам нејзините долги нозе од тлото.

Ги слушам криковите на тивката освојувачка

кои се губат во далечината, во длабочината на моето битие

Утрово во девет почна мојот напад врз текомата

Збогум убавино, никогаш веќе пролетта не ќе те раскрили!

Оти, нема крилја после вакви разделби.

 

ЗНАЦИ

 Уште пред да почнеш да учиш

си умеел сите епохи да ги осознаеш

на напречен пресек од грутката дрвен јаглен-

ренесанса, барок, класицизам.

Во слоевите, инаку се слева светот.

Многу пред да читаш

си можел да ја препознаеш сликата

дека облаците пред јулската олуја

се тркалаат како фаланги

на војската на Агаменмнон под Троја.

И пред да почнеш да почнеш да пишуваш песни

Го вие чудото на светот

Кога ластовицата лета ниско, брзо менувајќи го правецот

за да помине низ

безбројните зададени прозорци во воздухот

низ тунелите до небото

за кои дознава од тајните преданија на постарите ластовици,

кои се пренесуваат од крило на крило

од колено на колено
А сега, после се, се враќаш од книжевна вечер

и чекаш на семафот, да се запали зеленото човече

како знам дека можеш да одиш понатаму.

 

ОСВОЈУВАЧ

 Би можело се да биде поинаку,

ако влезев како војска

пробивајќи ја портата,

и ако  во краток јуриш ја заземев царската палата,

испраќајќи ги редовите

да се гордеат со подигнувањето на бајракот

на јарболот заветен со освојувачи.

Но, како тогаш, ќе уживав во тивкиот жубор

на твоите бистри врутоци

под миризливите липи.

Како ќе можев во скирените градини.

Налактен на перничињата, како заљубен сатир

да ги слушам звуците на твојата лаута

кои се римуваат со линиите на соѕвездијата

на летното небо

и со вкусовите на виното од заборавените подруми.

Како ќе можев, во албумот, љубоморно, како филателист,

да ги чувам занесните сенки на твоите облини

собрани од збркачните фасади од велеградот во изгрејсонце.

Беше доволно само во тој час

Како Одисеев морнар да ги залијам ушиве со восок

и да не го слушнам звукот на трубата

која го објавува јуришот кон твоето срце

брането со само уште едно

неоткопчано копче

на простата ленена блуза.

Избор и препев од српски на македонски јазик: Филип Димкоски

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.