Mашката облека во времето на АЛА ТУРКА И АЛА ФРАНГА

2057
Одборници на град Скопје Извор:http://www.staroskopje.vestel.com.mk/sites/simages/39_11.jpg
Мажи со шапки
Извор:
http://www.staroskopje.vestel.com.mk/sites/simages/39_45.jpg

Елементи на машката облека

Машката облека ала турка била составена од кошула од домашно памучно платно со голем отвор на градите и без јака. Јаката како елемент била внесена на почетокот на 20 век. На долниот дел од телото се носеле чоени чакшири, украсени со вез од свилени и памучни конци и гајтани кои немале многу контрастни бои, најчесто црна и темноцрвена. Тие биле со помал тур меѓу нозете за разлика од шалварите кои биле попознати неколку години порано. На горниот дел од телото се носеле повеќе видови облека во зависност од пригодите за кои биле наменети. Се носело фермеле, кое било еден вид горна допојасна облека со долги ракави, како и елек, минтан, џамадан, антерија, долама, чепкен, кои биле изработени од чоја, а поретко и од кадифе. Некои горни облеки, како елекот и минтанот, се кратки до струкот, со или без ракави. Антеријата и доламата се долги до под колена, со долги ракави. Овие облеки се носеле во зависност од пригодата и од временските услови. Зимно време побогатите, особено оние од немуслиманска вера, носеле ќуркови од фина чоја поставени со крзно од лисица или самур. На половината се носел појас кој бил долг и широк и кој се обвиткувал повеќе пати. Појасот можел да биде еднобоен памучен или шарен свилен појас.

Машко палто во стилот „ала франга“Извор: теренски истражувања, НУ. Завод и музај, Битола

Преку појасот се опашувал кожен ремен кој се нарекувал „тараболос“ и кој ималпрегради што служеле за чување прибор за пушење и оружје. Горните делови биле богато украсени со вез од срма. Мажите на главата носеле фес, кој исто така, бил услов за полесно и посигурно комуницирање и патување подалеку од родниот крај. На нозете се носеле чизми од сафијан.

Модата ала франга се карактеризирала со употреба на нови материјали, нови кроеви и модели, накит и додатоци кои народот во Македонија си ги приспособувал според своите потреби. Промените кои ги вовела европската мода настанале како потреба за нешто ново, поинакво и попрактично.

Машката ала франга мода во 20 век се карактеризирала со: машки сакоа без јака со еден или два реда копчиња и со три џеба. Овој модел бил револуција во машката облека. Со вакво сако се носеле бели панталони. Во овој период се појавил мантил од габардин со свилена карирана постава. Како

Драган Спасов во свечен костум
Извор: http://www.staroskopje.vestel.com.mk/sites/simages/39_10.jpg

дополнување на мантилот се носела шапка со помал обод, чадор, стап за потпирање и друго.

Посебно модерно било едноредното машко сако со две копчиња со високо откриени ракави без набор во горниот дел, со нагласен струк и комотно во градите. Новина на овој модел била додавањето на џепче кое служело за носење кибрит. Со ваквото сако се носеле широки панталони со низок појас и без елек.

Во овој период имало и дворедни машки палта со шест копчиња, при што горната

илика била отворена во т.н. рол-фазон. Ракавите биле тесни и куси за да може да се гледаат манжетните од кошулата. Јаката била потесна, реверите биле со изразени шпицови и струкот бил нагласен. На левата страна имало мало џепче за шамиче и кибрит. Со овој тип сако се носеле долги панталони без манжетни и спортски чевли.

Муслиманските ткаенини биле вклучени и во облеката на православните граѓани,  како што е на пример салтот, кој се користел за изработка на машка везена долна облека користена само за посебни пригоди. Од ваков материјал била правена и

Дедо со внуци во облека „ала франга“Извор: http://www.staroskopje.vestel.com.mk/sites/simages/39_12.jpg

младоженска кошула за спиење во комбинација со белена свила. Ракавите на оваа кошула биле собирани со пенче, вратот бил длабоко расечен и се закопчувал со седефни копчиња. Во 20-тите години на 20 век машката долна облека се променила. Кошулите се шиеле со помали јаки или без нив, биле пократки а гаќите биле потесни.

Машката мода е онаа која прва се менува и полесно е прифатена од страна на граѓаните. Иако некои задржуваат елементи од модата ала турка, сепак многу брзо сите ја прифаќаат ала франга како нов стил на облекување.

Дел од книгата „Ала турка-ала франга “ од моден дизајнер и костимограф Елена Максимовска 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.