На 25. септември започнува годинешното онлајн издание на Џифони Македонија 2020

468

Осмото издание на Џифони Македонија ќе се одвива од 25 до 30 септември и предвидува богата програма. Темата на Џифони Македонија 2020 е Земја (Earth) како дел тригодишниот циклус  посветен на животната средина (2018 – Вода, 2019 – Воздух), кој се совпаѓа со педесетгодишнината од основањето на матичниот фестивал Giffoni Experience.

Оваа година меѓународното жири ќе биде составено од над 300 ученици од основните и средните училишта од Македонија и од десетина странски држави, кои фестивалот ќе го следат ОНЛАЈН, со директни вклучувања во дискусии, работилници, мастеркласови и други интересни содржини.

Дел од филмските проекции ќе бидат организирани во соодветно адаптирани кино сали на отворено, со ограничен број на седишта, во согласност со протоколите за безбедност.

Најголемиот дел од активностите ќе се одвива онлајн, со помош на новата младинска дигитална платформа, на која ќе се презентира богатата понуда на филмови и други содржини на овогодинешниот фестивал и ќе им се овозможи на учесниците директно да се вклучуваат во работилниците и другите онлајн евенти и да имаат интерактивни средби со гостите. На тој начин Џифони Македонија продолжува со традиционалната филмска програма, активности и дружба, притоа водејќи сметка за безбедноста на учесниците, во целосна согласност со препораките за заштита и превенција на ковид-19.

По завршувањето на фестивалот, платформата ќе им биде наменета на младите, за објавување на содржини кои тие ќе ги остварат за време на фестивалот, но и по него, како и на младите љубители на филмот.

Фестивалот Џифони Македонија е поддржан од македонската Агенција за филм и Министерството за култура, Град Скопје и партнерот од Италија – Џифони Експиериенс. Дигиталната младинска платформа на која ќе се одржува онлајн изданието на фестивалот е развиена со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

ЧЕСТО ПОСТАВУВАНИ ПРАШАЊА ОД ДЕЦАТА И МЛАДИТЕ:

Кој може да се пријави за учество?

Пријавувањето е отворено за сите ученици од основните училишта во Македонија, од VI до IX одделение и за сите ученици од средните училишта.

Каде можам да се пријавам за учество?

На онлајн пријавата на Џифони!

Дали сите кои ќе се пријават за учество ќе бидат примени како членови на жирито?

Во ова онлајн издание бројот на учесници е ограничен, па затоа ќе бидат примени оние кои најбргу ќе се пријават.

Каде ќе се одвива програмата?

Програмата ќе се одвива онлајн. Сѐ што ти е потребно е компјутер со пристап до интернет, камера и микрофон за учество во работилниците и средбите со гостите.

Каква опрема ми е потребна за следење на настаните?

Сѐ што ти е потребно е компјутер со пристап до интернет, камера и микрофон за учество во работилниците и средбите со гостите. За гледање на филмовите ќе се логираш со e-mail адресата која ќе ни ја доставиш во формуларот за учество.

Дали можам да ја следам програмата од смартфон?

Да, но за целосно уживање во филмската програма препорачуваме да се користи поголем екран, барем за гледање на филмовите.

Колку часа дневно ќе бидам поврзан со Џифони?

За да бидеш член на жирито, потребно е да ги изгледаш сите пет филма кои се на програма за твојата категорија и по гледањето на секој филм да го дадеш твојот глас. Филмовите ќе се емитуваат во точно определено време, секој ден по еден, и тоа во претпладневните часови за категоријата Јуниори и рано попладне за категориите Кадети и Сениори, секој ден од сабота 26/9 до среда 30/9.

По филмовите следи дискусија преку платформа за видеоконференција, на која ќе можеш да учествуваш со коментари и мислења.

Во претпладневните часови ќе се одржуваат работилниците, во траење од по 90 минути, секој ден, од сабота 26/9 до среда 30/9

Во попладневните часови ќе се одржуваат средби со гости и мастеркласови, во траење од по еден час.

Дали е потребно да зборувам англиски за да учествувам на Џифони Македонија 2020?

Во категориите Кадети и Сениори (ученици од средните училишта) програмата се одвива целосно на англиски јазик.

Во категоријата Јуниори програмата се одвива на македонски.

Во што се состои програмата „Виртуелно гостопримство“?

И во ова онлајн издание ќе имаме гости од странтсво, кои ќе ја следат програмата од своите домови или групно од кино сали во својот град. На оние македонски учесници кои се пријавиле за „виртуелен домаќин“ ќе им биде доделен виртуелен гостин од странтсво, со кој ќе може да комуницира и заеднички да работи на некој проект, за време на фестивалот. Изборот е случаен.

Дали ќе можам да присуствувам на настаните во живо?

Проекциите во живо ќе бидат отворени за публика, со ограничен број на седишта, во согласност со протоколите за заштита и превенција на Ковид-19.

Кој сѐ ќе гостува на ова издание на Џифони Македонија?

Следи нѐ на нашите социјални мрежи Facebook  и Instagram за да бидеш постојано во тек со сите новости во врска со Фестивалот. Програмата ќе биде објавена на нашата интернет страница неколку дена пред започнувањето на фестивалот.

Во очекување на Програмата и изненадувањата на годинешното осмо издание на Џифони одбројуваме!

Инфо :Џифони Македонија

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.