“Нешто ќе те питам бабо“- нов музички проект на дуото Next time

2117

Вчеравечер во Драмскиот театар во Скопје, беше промовиран спотот на третата песна од македонското музичко творештво, во аранжманска преработка на Благоја Мицевски (Мелем Продукција) а во изведба на дуото Мартин и Стефан- Next time со вокална придружба на Викторија Чочоровска.

После првиот спот “Ја излези Ѓурѓо” во 2014-та година и “Слушам кај шумат шумите” во 2017-тата, третиот спот на музичката поема “Нешто ќе те питам бабо”, веќе создава  опис на нивната музичка определба на македонската музичка сцена.

Македонското народно творештво несомнено е океан од музика, ноти, песни и ритам кој не остава никого рамнодушен. А Мартин и Стефан, кои се присутни на македонската музичка сцена  11 години, пред пет години се чини го најдоа музичкиот предизвик кој ја определува и по се изгледа ќе ја определува нивната музичка патека.

“Нешто ќе те питам бабо“ е македонска народна песна, долго време во минатото забранувана, а  посветена на најконтраверзната личност во Македонската револуционерна борба и историја Тодор Александров. Но, музичкото богатство на оваа песна полна со емоции, ритам и музика несомнено е безвременско.

Спотот, едноставно Ве остава без здив а за тоа најзаслужни покрај музиката и музичкото дуо се, режисерот Огнен Шапковски, директорот на фотографија Кристијан Теодоров и постпродукцијата на Иван Куретевски.

Приказната полна со емоции и некоја скриена солза, раскажана за големите Македонски војводи и борци за слободата на Македонија, за неостварената љубов, за вековниот чемер, овој пат преку одличниот визуелен и музички епски спој, ја стана публиката на нозе, која ги награди со огромен аплауз и овации.

Од вчеравечер Next time побогати со уште едно вредно музичко и видео дело, а публиката оние што ги сакаат, слушаат и подржуваат посреќни.

Спотот веќе го има на јутубе каналот и како претходните два спота се очекува да доживеат милионска гледаност.

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.