Обврска на сите одговорни – Да се врати слободата на медиумите и достоинството на професијата новинар

570

Во распаѓањето на општеството во сите сегменти, полека се распадна и информативниот систем, со двата вклучни чинители во него:медиумите и новинарите.

Најнапред почна со растурањето и уништувањето на Јавниот сервис МРТ , кој наместо Јавен сервис воовие 30 години, стана Сервис на владеачката политичка гарнитура и за жал се спроведе целта, најнапред нејзино кадровско уништување, потоа укинување на продукцискиот дел  и сето тоа доведе до диригирано емитување на информации од тековните владеачки гарнитури. Така Државата доби слаб Јавен сервис, чија гледаност е минимална а воопшто не соодвествува на функцијата Јавен сервис на граѓаните.

Во продукцискиот дел и покрај комплетната техничка опременост, МРТ  стана само преносител на лични интереси на раководните структури  со  некои продукции блиски до нив и власта, кои продуцираат програми и Јавниот сервис само ги емитува.

Такват слика ја има и во националните, регионалните и приватните телевизии кои се  преносители на вољата и интересите на олигарсите и тајкуните во чија власт се и на партиските моќници кој во моментот се на власт.

Слична е состојбата во националните радија и печатените медиуми, кои за жал исчезнаа во текот на овие години.

Сето тоа ја доведе слободата на медиумите под прашање а со тоа остварувањето на главната цел: точно, навремено информирање во интерес на вистината и граѓаните„.

Паралелно се уништи и професијата НОВИНАР. Достоинството и професионалноста се изгубија со обезвреднување на оваа професија што доведе до осиромашеност на новинарската фела, а тоа до можности за манипулации во интерес на преживување на истите.

Најдобро во ова обезвреднување на медиумите и новинарите  поминаа т.н новинарски рекетари, кои во интерес на личен профит ја замајуваатсо децении јавноста, шират лаги и омраза, се во интерес на одбрана на нечии партиски или економски интереси.

Така, Медиумите во Македонија станаа само лажен приказ на нашата реалност а новинарите безлични преносители на таа слика. Поставени во подредена положба на политичките олигарси и криминални моќници, го изгубија своето значење а со тоа и смислата за постоење.

Медиумскиот простор по затворањето пред се на печатените медиуми го пополнуваат Интернет порталите , во кои владее безредие од тоа кој пишува и за кого пишува. Оттаму, заради големата распространетост на социјалните медиуми овие Портали многу често создаваат слика на хаотичен пренос на лажни информации.

Она што поразува е се почестото обезвреднување, напади и ширење на омраза меѓу самите новинари. Се чини дека се создадоа генерации кои ни малку не ги почитуваат новинарските етички норми што дополнително дава простор на политичките олигарси и криминални моќници да манипулираат со нив а оттаму со јавноста.

Едно е сигурно дека во сите промени што мора да се случат во Македонија ,мора да се случат и во медиумите и новинарската професија. Неопходно е да се врати слободата на медиумите и достоинството на професијата новинар.

М-р Татјана Гогоска, новинар и комуниколог

 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.