ОД МОЈ АГОЛ: Ми се зборува за Дуке Бојаџиев!

344

Ми се зборува за Дуке Бојаџиев. Ми се зборува од секаков аспект. Да го споменам, да прочитам негово интервју до последен збор и по неколку пати, да го слушам неговото дело, да одам на негов концерт, голема професионална чест е тоа.
Според сите основи, Тој со гордост и чист образ најдоблесно го носи својот висок потенцијал, своето име и своето славно презиме.
Не падна во сенка на својот татко, а и не го употреби во свои цели неговиот углед, напротив направи медалот уште повеќе да блесна, па затоа мислам дека тој пример треба да му се даде значење какво што заслужува, па белки многумина ќе се огледаат на него и нештата ќе се сменат на подобро.
Дуке е Скопјанец, потекнува од семејство на многу познато и многу ценето семејство, неговиот славен татко е легендарен композитор, да потсетиме на господинот Тодор Бојаџиев (1948-2009), за кој никогаш не проструила ни макар најмала доза на сомневање во неговите целосно врвни квалитети на професионалец и господин.
Своето композиторско деби го имал на фестивалот во Суботица, Младина ‘72, со песната „Спомен мој далечен“, учествувал и на повеќе изданија на Скопскиот фестивал, добивал и награди (1975, со песната „Бакни ме“ со гласот на неповторливата Сашка Петковска; 1976, „Те љубам“; 1977, „Кажи ми“), создал музика за неколку театарски претстави, десетина композиции класичната музика, а во 2005 го издаде авторскиот албум „Ѕвездени ноќи“, со 15 инструментални композиции.
И, како што кај нас одат нештата по таа логика и неговиот ултра талентиран син Дуке, замислете можеше да ја искористи својата позиција, да живее многу комотен живот на “македонски начин”, од сам старт сите врати и сите полиња му беа отворени за сѐ, да не мора да се помачи буквално за ништо.
Дипломираше медицина, почна да пишува убави песни, да соработува со познати имиња, и наеднаш се случи пресврт кој најмалку сите го очекуваа- младиот доктор, замина во Америка да студира музика на престижен универзитет, заврши со успех, си ги одмери силите, сам се проби со својата музика, до таму да соработува со светски познати имиња.
Негови теми влегоа како музичка подлога и во светски филмови од холивудска продукција, се најдоа и на медитативни компилации од најпрестижните издамнија на “Буда бар”.
Сѐ понатаму што дознававме е успеси на сите полиња, матрицата од татко си ја продолжи во едни пошироки, светски рамки.
Замислете, да беше стандарден искористувач, колку ли само лажен авторитет ќе изградеше од себе, не сакам ни да помислам, колку ли само местени локални победи и пари ќе примаше (сами ќе му доаѓаа) врз своето презиме. Се извинувам што за компарација, морам да дадам ваква недолична компарација.
Ми се пишува за Дуке. Не поради тоа што правеше концерт во најпрестижниот њујоршки Карнеги хол и таму ја повлече и Македонската филхармонија прв пат да стапне и отсвири во таа сала.
Ми се пишува бидејќи сам си (из)гради своја приказна, не згази врз никого, и се што прави, прави со многу висок дигнитет и манири на Вистински Човек.
Ми се пишува, и поради целокупната интелигенција и чесност со која пристапува на својата работа, на својата фела и на својот народ и својата родна земја. Апсолутно почитување со секој искажан збор (а најчесто и без ниеден збор), постапка.
Прототип за совршено урбан тип, и светол пример како треба да изгледа еден современ и цивилизиран уметник и граѓанин. Граѓанин на Македонија, и граѓанин на светот.
Дуке е творец. Од највисок калибар!
Ја слушам неговата музика со впивање на сета таа вдахновеност и убавина.
Ми се зборува за него, без да филозофирам. Ми се зборува и ми се пишува, иако ова е сосема куса колумна, во која без да должиме, му должиме (само) аплауз!
Во овие вакви времиња сакам да укажам дека има на кого да се огледаме, доколку сакаме да ја зачуваме и истакнеме светлата страна на нашата нација, и на нашата земја.
А, на невидливата а прозрачна убавина со која Дуке ја обвива Македонија на свој начин, каде и да е, не ѝ треба реклама, таа е реклама сама по себе
А, Вам? Ви се зборува ли за “Дуке”?

Валентина Ѓоргиевска Парго
Авторката е независен новинар и уредник на Порталот за култура “Куларт”

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.