ПЕНКА МУКАЕТОВА, ГЕНЕРАЛЕН МЕНАЏЕР НА КОНСАЛТИНГ ИНТЕР ГРУП: Задоволството му припаѓа на оној кој дарува!

349

“Ве покануваме да присуствувате на оваа хумана акција, бидејќи задоволството му припаѓа на оној што дарува”. Под ова мото, а по повод “Недела на претприемништвото”, Консалтинг Интер Груп во соработка со Црвен Крст на Кавадарци на 17 ноември 2021 година организира КРВОДАРИТЕЛСКА АКЦИЈА која ќе се одржи во просториите на Општина Кавадарци од 10 до 15 часот.
Госпоѓа Пенка, Вие сте директен организатор. Дали е ова традиционална акција, и зошто Кавадарци е одбран како град за реализирање на ваков хуман гест?
-Консалтинг Интер Груп како општествено одговорна компанија има дефинирана програма за општествена одговорност од основањето до денес, и тоа цели 10 години. Обучуваме млади кадри, горди поддржувач и промотор сме на женското и социјалното претприемништво и активни организатори и учеснички во големи донаторски проекти и хуманитарни настани. Нашата компанија е долгогодишен соработник со Црвениот крст на РСМ и својата хумана мисија ја врши преку донација на храна, облека, мебел. Ова е еден од настаните кои ги работиме во текот на годината како дел од нашата програма за општествена одговорност, а Кавадарци ни е избран како град бидејќи седиштето на Консалтинг Интер Груп во Кавадарци, и како активни членови на Регионалната Стопанска комора во Кавадарци која е една од поголемите по бројност на членови, а по поводот одбележување на “Неделата за претприемништво” како и одбележувањето на 10 години на постоењето на нашата компанија.


Колку претприемачки крводарителки очекувате? Дали може кон акцијата да се приклучат и други крводарители, оние кои се редовни, па можеби и други граѓани, спортисти, млади лица, секој кој чувствува потреба, а може.
– Оваа крводарителска акција која е организирана по повод “Недела на претприемништвото” е отворена за сите кои сакаат и можат да придонесат со својот хуман гест. Покрај бројните претприемачи кои ќе даруваат крв, на настанот ќе присуствуваат и ќе даруваат крв луѓе од различни сектори, граѓански организации, и сите оние кои сакаат да бидат дел од овој настан.
Освен оваа акција, какви други хуманитарни акции и активности спроведувате во текот на годината, како општествено одговорна компанија, со дефинирана програма за општествена одговорност?
-Консалтинг Интер Груп на годишно ниво редовно врши донација на храна, облека и мебел. Исто така, нашата компанија во соработка со Црвениот крст преку “Подаруваме од срце”, изврши донација во Јавната Здравствена Установа во Кавадарци, со целосна поддршка се приклучивме во добротворниот дипломатски концерт “Слушни ме со своето срце” кој е наменет за “Родителска куќа” чии деца се наоѓаат во Универзитетската клинина за детски болести, во Фондот за жени жртви на семејно насилство, редовно правиме донации за поддршка на самохрани родители и многу други хуманитарни акции. Секогаш во нашите хуманитарни акции ги вклучуваме и нашите клиенти, соработници и деловни партнери кои секогаш со задоволство ја прифаќаат поканата и се наши верни поддржувачи во секој хуманитарен потфат.


Со Вас се поврзува и фактот дека обучувате и млади кадри, се декларирате и како горд поддржувач и промотор на женското и социјалното претприемништво, како и активен организатор и учесник во големи донаторски проекти и хуманитарни настани. Кој е Вашиот мотив во сите овие бројни активности?
– Соработката со високообразовните институции и тоа Балканскиот универзитет, Правниот факултет “Јустинијан Први”, БАС – Бизнис Академија Смилевски, е во насока на обезбедување практиканска настава, каде што студентите доаѓаат на практична настава во нашата компанија и директно ги вклучуваме во процесот на работа, а најдобрите и ги задржуваме, исто така држиме и предавања за претприемништво во рамките на нивната образовна програма. А, преку нашето активно учество како членови на “Асоцијацијата на бизнис жени” , преку најразлични проекти работиме на поддршка и промоција на женското претприемништво.
Би прашала и за Вашата Консалтинг Интер Груп, која е консултантска компанија специјализирана за деловно и корпоративно право, но, која меѓудругото е и акредитиран финансиски фасилитатор за пристап до финансии, за развој на деловниот еко систем. Што значи тоа преведено на начин на кој луѓето би разбрале односно би имале општа или можеби поединечна корист? Тоа се сега теми кои не засегаат сите, и сите сме заинтересирани да дознаеме нешто повеќе.
-Ние сме консултантска компанија која во својот фокус ги има компаниите и се што е поврзано со работа на истите. Ние сме линкот помеѓу институциите и компаниите во делот на овозможување правна заштита, советување, спроведување на најразлични постапки од основања, статусни промени, ликвидација, интелектуална сопственост, изработка на развојни бизнис стратегии. Преку нашата акредитација која ја имаме добиено од страна на УСАИД им помагаме на компаниите како полесно да дојдат до средства, дали преку грантови, дали преку кредитирање. Ние им изработуваме бизнис планови и им го олеснуваме патот како полесно да дојдат до одредени средства кои им се потребни за развој на нивните бизниси. Повторно и во овој дел сме линкот помеѓу фирмите и финансиските институции, банките, фондовите. За 10 години работа на консултантската компанија имаме регистрирано преку 300 компании само за жени, кои успешно опстојуваат на пазарот. Ова го зборувам во насока на нашата промоција и поддршка на женското претпримеништво. Исто така сме учествувале во најразлични проектни менторски програми, се во насока на поголема консултантска поддршка која им била потреба на самите клиенти.

За крај, Вашата порака за хуманоста, за поддавањето рака каде е потребно, за неопходното општествено спојување и испреплетување едни со други.
– Во овие денови е важно да си подадеме рака. Нека нашиот хуман гест биде поттик и за останатите, бидејќи задоволството му припаѓа на оној кој дарува.
Валентина Ѓоргиевска Парго

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.