Планетата замолкна, за да чуеме тишината што ни зборува

568

“Универзумот опоменува-Денови кога светот ќе запре за миг” , напишав пред десетина дена, онака како што чувствував. Научниците го објаснуваат од еден аспект, астрономите од друг, астролозите од свој, а факт е дека светот се соочи со огромен невидлив непријател, кој луѓето ги стави пред големо искушение.

И  запревме! Ослушнувајќи ја Планетата Земја, барајќи во секоја информација трага за надеж, лутајќи по медиумите да дознаеме, дали ЧОВЕКОТ  ќе ја спознае гоемата опомена од ПРИРОДАТА  и ќе сфати дека најголемиот непријател за него  е ТОЈ САМИОТ.

Многу брзо од „далечната Кина“ вирусот се префрли во наша близина и ете го тука меѓу нас, до нас  а ние опседнати со самите себе станавме за миг немоќни пред  невидливиот но опасен непријател. И, сите бевме затечени.

Многумина ја бараат смислата во сето ова и објаснувањето зошто токму сега и зошто токму вака? Белким кога ќе ја спознаат полесно ќе се борат со неа.

Барајќи низ предвидувањата во литературата, филмовите и драмите, барав знаци кој ќе ми кажат, дали навистина апокалиптичните сцени се тука веќе наша реалност и тоа сега и овде. Дали се очекуваше ова и што треба ние ЛУЃЕТО ДА СТОРИМЕ?

Човекот е најзлобното но и најпаметното суштество што планетава Земја го создала. Тоа се покажа и сега. Во себичноста, зависта, злобата му нема рамен, но затоа му требаа само неколку денови да сфати дека токму од него зависи она вековното Хамлетово „ДА СЕ БИДЕ ИЛИ НЕ“ . И предизвикот е прифатен.

Така што и најскептичните се повлекоа, најнеразумните разбрааа оние што се најодговорни го прифатија предизвикот и почна борбата за опстанок.

Деновиве една моќна порака  кружи на социјалните мрежи, порака која за момент ќе ви ги отвори очите. Порака на која неможе да останете рамнодушни. Таа почнува вака : „Не плашете се, не сум ви непријател. Јас сум тука да ве предупредам дека живеете премногу брзо и дека сте одговорни за бавното исчезнување и смртта на планетата, не не сум јас, тоа сте вие.“

Дојдов како гласник, дозволете ми да ве спречам!

Да ве освестам! Да ве разбудам кога веќе тоа не можеа ниту пожарите  ниту поплавите да го сторат, па ниту  земјотресите не ве спречија!

СТОП! Застанете…

Живеевте многу брзо, се натпреварувавте во се!

Ги заборавивте звуците на птиците кои пеат, заборавивте на звукот од жуборењето на реката, на вашите најблиски, богатството на семејството и значењето на здравјето…

Ништо не можеше да ве спречи!

Бидете луѓе со срце, дајте и време на планетата а и на самите себе!

Дали сега ја слушате тишината како зборува?

 

Ова е видео искреирано во Италија и најверојатно избрано за најразбирливиот начин да стигне до што поголем број, да разберат и на миг да застанат.

Но, за мене поголемиот страв  е за тоа: Што ќе биде потоа? Дали навистина човекот ќе ја научи лекцијата или пак многу брзо ќе се врати оттаму од каде сега е заминат? Дали пак, навистина после ова Светот нема да е ист?

Подобар ? Да се надеваме !

Татјана Гогоска -уредник

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.