Почина Хилда Кондовска – врвна новинарка од областа на македонската култура

180

На 81-годишна возраст почина Хилдегард – Хилда Кондовска, едно од најпрепознатливите лица на Телевизија Скопје, а потоа МТВ. Таа беше новинар од првите генерации на Македонскиот јавен сервис. Кариерата ја започна уште во 1962 година, по враќањето од Италија, каде ги посетуваше курсевите што во тоа време ги организираше РАИ – Италијанската радио телевизија. РАИ тогаш беше во самиот врв на телевизиските куќи во Европа, нејзините програми се пренесуваа на југословенските простори, а младите телевизиски куќи ги учеа сите тајни на ова новинарство, клутруни емисии и забава, кои бараат нешто сосем поинакво од она што се пишуваше во весниците и се емитуваше на радиото. Кондовска на курсевите на РАИ ги прифати новите правци во журнализмот, а потоа ги практикуваше во МТВ.

Како новинар, коментатор и уредник во Културната редакција  Хилда Кондовска остави големо новинарско наследство, како уредник на серија емисии за македонските цркви и манастири, портрети на современи писатели, композитори, драмски, музички, балетски и ликовни уметници, а беше и автор на емисии од историјата на македонскиот театар, градот Скопје и други. Кондовска работеше и за весниците „Нова Македонија“, „Вечер“, „Културен живот“.

Хилда беше сопруга на големиот македонски сликар, Димитар Кондовски. Таа е една од најзаслужните за големата ретроспективна изложба на Димитар Кондовски, која беше еден од најважните културни настани во 2022. Во Националната галерија Даут пашин амам беа изложени 95 многу вредни дела на Кондовски, а Хилда грижливо ја чуваше таа семејна колекција.

Погребот на Хилда Кондовска ќе се изврши утре на градските гробишта во Бутел, во кругот на семејството.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.