Претседателот Стево Пендаровски отвори изложба по повод јубилејот, 75 години ДЛУМ

103

Скопје, 01.12.2021

Претседателот на Р.С. Македонија Стево Пендаровски вечерва во Чифте амам свечено отвори изложба по повод  75 години ДЛУМ, а воедно беше и покровител на настанот.

На отворањето на изложбата се обратија Дита Старова Ќерими – директор на НГМ,  Дијана Томиќ Радевска – претседател на Уметнички совет на ДЛУМ, Ирена Стефоска – министер за култура.

Oваа година Друштвото на ликовни уметници на Македонија одбележува голем и значаен јубилеј 75 години од формирањето и постоењето на Друштвото. Во Национална галерија на Р.С. Македонија во два објекти Чифте амам и Мала станица е отворена голема јубилејна изложба на членови на ДЛУМ од неговото основање до денес. На изложбата е претставен богат творечки опус, слики, скулптури, графики, цртежи, инсталации, таписерии од 292 автори, почнувајќи од основоположниците на ДЛУМ, преку истакнати доајени кој што го трасирале патот и оставиле силен белег во современата ликовна сцена, средна генерација истакнати ликовни автори, па сѐ до новата генерација која што ја претставува иднината на ДЛУМ.

-Горди сме на нашето членство и со задоволство го славиме овој значаен јубилеј, вели претседателот на Друштвото на ликовни уметници на Македонија, ДЛУМ Филип Фидановски.

Изложбата се реализира во соработка со Национална галерија. Воведниот текст во каталогот е на претседателот на Уметнички совет на ДЛУМ Дијана Томиќ Радевска.

Поставката во Мала станица  може да се погледне исто така од вечерва.

Сите љубители на уметноста, изложбата ќе може да ја видат во двата објекти Чифте амам и Мала станица до 12.12.2021 година.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.