Доделени наградите на Мобил фестивал во Кинотека

85

Дванаесетото издание на „Мобил фестивал“ во Кинотека на Северна Македонија заврши со доделување на наградите за најдобрите филмови снимени со мобилен телефон. На завршната вечер беа прикажани странските и домашните филмови во годинашната селекција и беа доделени наградите на најдобрите.

Тричлено жири составено од Митко Панов, претседател, Гоце Господиновски и Александар Трајковски, членови, ги избра најдобрите автори во четири категории. Филмот „Дамата со гулабите” на Џулија Брацале од Италија ја освои наградата „Ратка Илиевска – Лале“. Наградата за најинвентивен филм ја доби „Микси“ на Џотсна Путран од Индија. Награда за најоригинална приказна ја доби „Море“ на Серхио М. Виљар од Шпанија, а неговиот сонародник Пако Леон доби специјално признание за филмот со наслов „Сосед“.

Четириесет и еден филм од 27 земји ја чинат програмата на годинешното 12-то издание на фестивалот  што под мотото „Филмот продолжува“ се одржа во хибридна форма од 25 ноември до 1 декември – онлајн на VoD платформата Cinesquare.net и во Кинотека на Северна Македонија. Сите филмови беа бесплатни за гледање.

Организатор е продуцентската и дистрибутерска куќа „КТ Филм и Медиа“, а проектот е поддржан од Град Скопје.

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.