Од 25 јануари до 5 февруари 2021 онлајн ќе се одржува првата Зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура (МСМЈЛК) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура наведува дека е една од релевантните институции што се дел од националната платформа за одбележување на јубилејот, а целта на платформата, иницирана од министерствата за култура и за образование и наука, е да се усогласат сите проекти и настани предвидени на национално и на меѓународно ниво во чест на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески (1921-1993).
-Првата зимска школа, која ќе се одвива секој ден по четири часа и со вкупен фонд од 40 часа, е вистински влог во отпочнувањето на прославата на големиот јубилеј – 100 години од раѓањето на Конески, соопшти МСМЈЛК.
На зимската школа ќе учествуваат 52 учесници од 16 земји – Босна и Херцеговина, Велика Британија, Грција, Италија, Канада, Косово, Полска, Руска Федерација, Соединети Американски Држави, Словенија, Србија, Турција, Унгарија, Франција, Хрватска и Чешка. За наставата се ангажирани се лектори (предавачи и професори) со долгогодишно искуство. Ќе има организирани лекторски групи за сите нивоа (почетно, средно и напреднато и тоа напреднатото ги има и своите поднивоа, за јазик, литература и преведување). За своето учество посетувачите на зимската школа ќе добијат и уверение со што тие имаат можност да влезат во самата историја како први учесници на една ваква зимска школа на меѓународниот семинар, соопштија од организацијата.