Рецензија за љубовната поема “Естер Ихаз” од Оливера Доцевска

804

Рецензија од М-р Татјана Гогоска

Ставена пред нов предизвик,  да бидам промотор и рецензент на промоција за дело кое ме извади од мојата сигурна зона на авторство и промоторство, и ми даде задача да направам своја анализа на делото, љубовна поема со  наслов, кој  уште повеќе ме инспирира,  „Естер Ихаз “ од писателката  Оливера Доцевска.

И, додека се движев низ поетските зборови во 64-те пеења во оваа несекојдневна љубовна поема, одвреме навреме се навраќав на воведот што авторката го дала во книгата, исто како што Раскажувачот во почетниот дел од книгата опева “Како заклетва некои зборови, се даваат за еден, а стануваат за друг  благослов… а во тој волшебен маѓепсан круг, без престан се вртиме, напред, назад, напред ,назад…..и сепак би додала напред…зошто Никогаш, ништо, не се знае…… “ .

Авторката на почетокот многу едноставно и речито објаснува  која е Естер Ихаз и од каде оваа љубовна моќна инспирација, за делото чие име е извадено од Унгарската благородничка фамилија Естерхази, некаде во Средниот век. Но, тоа што овде едноставно Ве обзема е безвременската љубов на принцезата Естер Ихаз и воинот Зеид Арман. Овој пат нивните вљубени души низ вековите се реинкарнираат и повторно се среќаваат.

И откако повторно ќе го прочитав овој воведен дел, продолжував со следната песна на ова моќно љубовно пеење. А таму сретнував бескрајни емоции, тажни и среќни….. и оние необјаснетите, недопирливите  со човечкиот ум и мисла, кои ја допираат  душата, зошто само копнежот кој провејува во поетското пеење и повторно копнежот за љубовта, која во сонот низ ноќите  ги дочекува зорите и утрата, е чувство кое само се доживува.

Низ копнежот и сонот,  патеката послана со надеж, претчуство, страв и немир ја води Естер Ихаз до судбинската средба со Зиад Арман, кои откако се препознаваат, во мигот кога очите им потонуваат еден во друг тие ЗНААТ…И токму 15-тото и 16-тото  пеење се посветени на нивното

Среќавање и Прегрнување

Ми застана маката во грлото,

Но ја проголтав

Како залак сув.

Два потока тргнаа

 

Да помогнат да се проголта

Самотијата, сувотијата…

 

Ја натопија и во море мирно твое

Се престорија

 

Во морето на твојата бескрајна слобода

Запливав и јас слободна

Денес, те открив и осознав…

 

Така пее Естер за веднаш во следното пеење се стиховите на Зеид Арман кој вели

Прегрнување

Залепи си го срцето

Откорни го ако треба

И на негово место

Ново стави.

 

Срце ново, кое нема да жали

Нема да бега

И на негово место, ново

Слушни ме…

И јас така го залепив моето

Постави синџир за да не избега,

Но, стави внатре небо,

Стави, мила, среќа…..

Поемата продолжува низ пеењата, за како што веќе споменав КОПНЕЖОТ,  кој произлегува од нивната огромна љубов и не им дава мир, па се претвара во неспани ноќи, денови без крај, простор кој ги загушува и време кое го мерат од едната до другата средба. Писмата на моменти го скротуваат немирот, но копнежот станува се поголем  и можеби затоа своето пеење авторката го завршува со стихот:

Постојам!..само за во прегратките да ти бидам

За ништо друго

Будна сум

Во жарта на вените твои,

Животот твој, сега низ мене тече и гори..

Добро утро….

 

Вели Есер Ихаз, а јас велам дека  Оливера Доцевска,  која  ја запознав минатата недела  прв миг ме збуни  нејзиниот широк опсег на професионални дејствувања, од адвокатура, борба за човекови права, борба против сиромаштија, дипломатија  а на тоа суптилно навлезена во авторството, како поетеса, хуманист, еволуционист, есеист, колумнист, приредувач и преведувач и уредник на нејзиниот портал будност.мк.

Зад себе како автор има неколку дела , нејзина поезија е во повеќе збирки, добитник на награди..и да не набројувам ..да се вратам на Естер Ихаз , љубовната поема која денеска ја промовираме пред јавноста.

Оливера Доцевска со промоторите Марина Мијаковска,Татјана Гогоска и Валентина Горгиевска

Она што ме фасцинира и што се надевам дека ќе го најдам како одговор е прашањето:

Од каде толку многу емоции збрани во стихови, толку многу стихови обземени од љубовта како непресушен извор и смисла  на животот, од каде решавање на безвременскиот тек на живеењето на вистинската љубов на  Естер и  Зеид низ нивната реарканација од Средниот век… па можеме да кажеме до денешницата?

Јас би и посакала на Оливера уште многу, многу дела и успех во сето она што го работи и што планира да го работи.

 

 

 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.