Младите повикуваат -Застанете со нас!

628

Повикот на младите на „Fridays For Future Skopje“, го свртува уште еднаш вниманието на јавноста , овој пат со цврсти, изградени ставови и зрелост по прашањеата на животната средина .Чекајќи ова горливо прашање да дојде на ред кај “одговорните“ ,секогаш има нешто друго приоритет ,велат младите…И додаваат : Вашето резонирање беше дека животната средина нема кај да бега, и кога тогаш, еден по еден локален проблем, конечно ќе ја средиме. Но, во меѓувреме, ние, младите, го сфативме она што вие, навикнати на комфорот од благодетите на природата кој го имате целиот ваш живот, го превидовте…….. Сфативме дека одложувањето повеќе не е опција.

Повикот на Младите во целосна содржина продолжува:

И тој момент, кога сфативме дека благодетите на природата не се ниту паднати од небо, ниту неисцрпни, беше моментот кога созреавме. Во тој блесок на свеста, сфативме дека нема вие да ни го обезбедите здравјето и долговечноста, туку за нив ќе мораме да се избориме самите. Катализатор на тој блесок, како монолитот во Кјубриковата Одисеја, беше појавувањето на Грета Тунберг, основачката на Fridays For Future. Кога една обична тинејџерка со Аспергеров синдром можеше да заклучи дека заканата од климатска катастрофа е надвисната на целиот човеков род, и да ја посвети својата младост на спречувањето на таа катастрофа, тогаш ние сфативме дека немаме оправдување да не погледнеме кон сопствениот микрокосмос, и да го зачистиме сопствениот двор во кој дузина различни екосистеми, од Југохром до Иловица, од Дрисла до Охрид, доживуваат распад.

Пожар-Издеглавје

Не можеме повеќе да ги третираме тие проблеми како поединечни и неповрзани. Тие се сите резултат на општата негрижа, недостаток на слух и стратегија. И тие сите се дел од единствениот проблем со животната средина во нашата држава. Исто како што нашата држава е дел од главниот проблем на планетата – климатските промени и уништувањето на природата.

Проблемот е секоја капка која го покачува нивото на океанот. Но, тоа е и решението. Тоа сме и ние.

Дрисла

Почитувани еко-активисти и драги сограѓани, не ви веруваме повеќе дека ќе го решите овој проблем, но сега веќе не ни мораме. Сега ви е редот вие да ни верувате на нас и вие нас да не следите во нашата борба. Повеќе не сме само паметни на мама и тато. Сега сме мудри. Нашиот оправдан гнев нема да го насочиме кон вас, туку кон оние на кои им дозволивте да ја сотрат нашата потесна и поширока околина. Во стилот на нашите родители, би можеле да ви порачаме дека само сме разочарани, но ни за тоа немаме време, затоа што сме во трка да ја промениме судбината која несакајќи ни ја наменивте.

Нашите барања се едноставни. Крај на загадувањето по секоја цена, како најважна мисија на домашната политика, и придржување кон Парискиот договор, во надворешната. Без изговори и без компромиси. Нашата одисеја започнува сега, се до остварувањето на овие барања. Застанете со нас, за да не се претвори во голгота.

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.