САШО ПОПОВСКИ СО ЏИНОВСКИ ЧЕКОРИ ЈА ОСВОЈУВА ЕВРОПА: Новиот албум „Steps” е еден вид разговор со самиот себе си!

152

Сашо Поповски, и неговото трио, за 2022 година слободно можеме да ги прогласиме за најуспешни музичари, со исклучителен силен европски пробив и успеси кои ги следеа во текот на целата година. Причини за средба многу, поводи и теми уште повеќе.
.Мора уште веднаш, на почеток, да прашам, како се преживува во музиката денес? Пандемијата помина, горе долу се стабилизира ситуацијата, но сепак ништо не е исто.
-Па како и секоја друга професија така и ние музичарите во периодот на пандемијата го намаливме обемот на концерти и јавни настапи што од материјална гледна точка е нешто што не би сакале да нѝ се повтори. Од друга страна тој период во мојот конкретен случај беше доста плоден и на моја огромна радост успеав да си завршам голем дел од композициите кои чекаа слободен момент како и да компонирам комплетно нов материјал за нов албум. Исто така за време на пандемијата се промовираа и дигитални алатки за настап па на моја среќа со моето трио Иван Бејков контрабас и Виктор Филиповски настапивме на два меѓународни фестивали со (претходно снимен материјал) и тоа Петро Џез Фестивал (Санкт Петербург – Русија) и Ваљево Џез Фестивал – Србија. Кон средината на 2021 година со олабавувањето на мерките од ковидот интересот конкретно за проектот „Fallen Land” од страна на Европските промотери драстично порасна, а на моја адреса стигнаа и повеќе од 10 рецензии од џез магазини – портали кои го потврдија високиот квалитет на албумот (Paris Move – France 5 ѕвезди) што беше предуслов за следниот чекот – концертна промоција на албумот во рамките на Европската Турнеја 2022/23.
Ова е генерален заклучок, ама за Вас како да не важеше. 2022, за Сашо Поповски трио значеше бум на интернационално поле. Возбудлива година. Имавте среќа. Каде сè настапите, од големите европски џез настани? Какви се впечатоците?
-Имавме период исполнет со многу работа како на креативен план така и дел работа во студио кој секако е своевиден предизвик, потоа цел тим застана зад обликувањето на албумот музички како и визуелно – маркетиншки што овозможи артист од Македонија да биде препознаен и поканет да настапи на Европските џез сцени што е своевиден подвиг. Во оваа можност би сакал да им се заблагодарам на неколку многу драги луѓе кои придонесоа за успехот на „Fallen Land“ и тоа на Даниел Ѓурчиновски за прекрасната обвивка на изданието како и комплетниот промотивен материјал, на Тони Китановски кој го направи миксот за албумот внесувајќи една посебна магија во изданието, на Ангел Ќосев за фантастичниот мастериг и секако на СЏФ Рекордс (Скопје Џез Фестивал) и Оливер Белопета кој е извршен продуцент на албумот. Хронолошки Европската турнеја започна во 2021 со концертите на САЦЗ Џез Фестивал – Полска и Дом на млади Белград (Белградски Џез Фестивал) Србија, во 2022 настапив во Скопје на фестивалот „Денес сè е џез“ на платото пред Македонска филхармонија, потоа следеа 3 концерти и 1 работилница во Шпанија и тоа Гранада Џез Фестивал, Ла Лолаина културен центар и концерт во еден од најзначајните 10 европски џез клубови Кларенс Џез Клуб – Малага. Работилница на тема Балкански ритми во џез музиката одржав во Гранада во соработка со асоцијацијата YOK Granada. Потоа следеше концертот во рамките на Џез Фабрика Фестивал – Битола , па два концерти во Италија и тоа Рочела Џез Фестивал и Музикастрада Фестивал – Монтополи, па концерт во рамките на БИТ Фест Битола, потоа два концерти во Србија и тоа Нишвил Џез Фестивал и Барел Клуб Белград, потоа настапив во Романија на Дева Џез Фестивал, па Кавадарци Џез Фестивал, Астибо Џез Фестивал и Куманово Џез Фестивал во Македонија, во меѓувреме бев во Тирана Албанија на конференција за проектот Франција Балкан Џез Мрежа во која единствен претставник од Македонија е Џез Фабрика Фестивал Битола, потоа следеа три фестивали во Романија и тоа Оне Џез Фестивал, Залау Џез Фестивал и Трансилванија Џез Фестивал. До крајот на календарската 2022 ќе имам уште два настапи и тоа на 28.12 во МКЦ Скопје и 29.12 во Котур Клуб Скопје. Впечатоците се одлични, турнеите се она кон кое се стремиме при креирањето на авторска музика и за што се надева секој артист дека еден ден својата музика ќе биде во можност да ја претстави концертно во земјата и регионот. Мое лично мислење е дека европските фестивали споредбено пред ковид периодот сериозно влегуваат во процес на развивање како инфраструктурно така и логистички, толку потребните европски фондови ги користат за општествено добро па така во Биела Маре (Оне Џез Фестивал) Романија концертот се одржа во изградена нова концертна сала 2021 (1000седишта) што на тој фестивал му овозможува база за континуиран развој. Од друга страна големи џез фестивали како Нишвил претставуваат една машинерија која во текот на еден фестивалски ден опслужува од 8 до 10 илјади луѓе во публика на своите 7 сцени што е фестивалски обем за секаков почит. Од друга страна џез клубовите (Кларенс Џез Клуб – Малага) функционира со помош на градската управа и приватни спонзорства во делот на формирање на програмата со што го одржува високото уметничко ниво и сериозната програма и како организација се во можност на својот репертоар имаат звучни и етаблирани џез имиња од целиот свет. Ако пак направиме паралела со џез сцената во Македонија и како истата функционира евидентно е дека сите погоре наведени факти кај нас недостасуваат!


Кој е вашиот рецепт за успешна година, поточно две последни посебно успешно години, со низа интернационали и достигнувања.
-Макотрпна секојдневна работа, сопствено изучување и директно инволвирање во Европската музичка индустрија посебно во делот како функционира џез заедницата, сопствена промоција, букинг и ред мали секојдневни активности кои го до оформуваат комплетниот пакет артист – издание – концерт. Секако социјалните медиуми играат голема улога во промоцијата на пакетот, потоа рецензиите од светски џез магазини, личните контакти, присуството на шоукејс конференции, членувањето во музички мрежи и др. Тука би сакал повторно да го спомнам ковид периодот и една од најголемите придобивки кои нѝ ги овозможи. Во тој период најголемиот дел од музичките конференции и работилници беа дигитално организирани и беше многу едноставно да се учествува и да се запознаат претставници кои директно се инволвирани во креирањето на џез сцената во Европа како “Jazz I AM” Шпанија, “Music:LX” Луксембург, “JAB” Русија и многу други на кои за моја среќа учествував како делегат- артист од Македонија.
Малку знаеме а треба да нè запознаете и со објавите за вас во странските медиуми.
-Ова е само мал дел од објавите за музиката и албумот „Fallen Land”. „Fallen Land е албум во кој можеме да го најдеме најдоброто од душата на Балканот, а Поповски наоѓа една поцентрална димензија која најдобро ги истакнува неговите композиторски и извршни способности. Ритмите и хармониците не познаваат граници. Балканскиот џез има модерна душа“. Mario Ferraioli Jazz in Family Италија. „Карактеристиката за седумте композиции на гитаристот и композитор Сашо Поповски на Fallen Land е емотивна нишка која се провлекува низ претежно интроспективните, уметнички изведени изведби и ги прави песните кохерентни”. – Nenad Georgievski All About Jazz. „Музика со многу емоции и сугестии. Ќе ве врати во минатото како стара црно-бела фотографија. Но, од друга страна, ќе ја отвори и вратата кон иднината преку своето носталгично патување.” – Simone Gubbiotti Jazz in Europe. „Машки џез со полен од момче. Музиката на Поповски е од сосема поинаков балкански свет, далеку е од животински ритми и танцови немири. Нејзините атрибути се чиста линија, фантазија, сонливо, филмско расположение и ориентални орнаменти, кои често им даваат на песните мистичен шмек“. – Jan Hocek Jazz Port Cehia. Комплетната листа на рецензии можете да ја погледнете на следниот линк https://sasopopovski.com/about/
На сцената сте подолго од 20 години, а освен со музицирање се занимавате и сo компонирање. Албумот Fallen land е тој кој што ве зближи со публиката, а наскоро и новиот албум ќе го здогледа светлото на денот.
-Па би рекол повеќе од 25 години на сцена во најразлични формации и проекти. Албумот Fallen Land е мојот петти по ред албум издаден на 01.10.2020 година. за СЏФ Рекордс кој својата концертна промоција ја имаше во рамките на главната програма на Скопје Џез Фестивал – МОБ Скопје. Седумте композиции ме отсликуваат како композитор и се своевиден печат на мојот музички пат, даваат јасна слика за мојот карактер пред се како човек. На мое огромно задоволство публиката ги препозна овие човечки карактеристики па така првиот принт на албумот (тираж 600ЦД) е скоро распродаден што е сериозна бројка кога станува збор за џез музика особено што истата доаѓа од мала земја како Македонија. Точно новиот албум „Steps” е веќе готов мастерот го направивме пред недела дена во студиото Подрумот со Ангел Ќјосев и со сигурност можам да потврдам дека е најдоброто мое музичко дело што сум го креирал до денешен ден, како на композиторски план така и на аранжерски, музички, продуцентски а во иднина следи и делот на издавање како и креирање на промо материјалите кои одат заедно со секое ново издание. Инаку албумот е снимен во Македонска Филхармонија со моето трио Иван Бејков бас гитара и Виктор Филиповски тапани на 17 и 18 Јануари 2022 година, од страна на Ален Хаџи Стефанов. Гости на албумот се Оливиер Самоуилан (Франција) виола, Васил Хаџиманов (Србија) пијано, Кирил Кузманов флејта и саксофон, Александар Секуловски (Канада) конги и Ратко Даутовски перкусии. Албумот содржи повторно 7 композиции кои ги напишав во периодот на ковид пандемијата, едитот го направи Иван Бејков, а миксот е на Ален Хаџи Стефанов.

Живеете во Скопје, правивте фестивал во Битола. Ова лето напнато но некако успеавте да се прoвлечете низ иглени уши со финансиите, и да го направите, финансиите за малку да ве закочеа и да не успееше планот. Има ли решение за подобра ситуација на тој план за следната година?
-Точно Џез Фабрика Фестивал – Битола во своето јубилејно петто издание кога ги надмина границите на регионот со артисти од Перу, Шпанија, Италија, Франција, Швајцарија и секако нашите Македонски артисти кои континуирано ги промовираат своите најнови изданија во рамките на фестивалот остана неподдржан од Министерството за култура што креира сериозна финансиска дупка и ние како организатори се соочивме со сериозен проблем во организацијата и реализацијата на фестивалот. На наша огромна среќа Општината Битола и комплетното раководство преку одделението за култура реагираа многу брзо и не дозволија да згасне единствениот интернационален џез фестивал на територијата на Битола кој е стожер во промоцијата на современата џез и импровизирана музика во Пелагонискиот регион и доста високо оценет фестивал во рамките на Европската Џез сцена како фестивал со континуиран напредок и развој, а потврда е и учеството во повеќе интернационални џез асоцијации, мрежи и Европски проекти. Секако голем удел во организацијата на фестивалот има и нашиот долгогодишен партнер НУ Народен Театар Битола како и Винаријата Стоби кои секоја година директно ја помагаат реализацијата на фестивалот. За следната 2023 година имаме неколку новини, прво фестивалот го враќаме во неговиот оригинален период за реализација месец Април, потоа ви најавуваме за прв пат Афричка вечер во рамките на ЏФФ Битола каде на сцена ќе имаме артист од светски калибар прогласен за најдобар џез артист на Африка, промоција на нова алтернативна сцена во рамките на НУ Народен Театар Битола каде ќе настапат студентите од Џез одделот при Универзитет Гоце Делчев – Штип, потоа доделување на наградата за најдобар млад џез музичар во 2022 во соработка со Општина Битола, изложба под наслов „пет години џез фестивал во Битола“ од авторот Даниел Ѓурчиновски која ќе биде своевидна ретроспектива на изминатите пет фестивалски години и уште голем број на активности во главната и споредната програма на фестивалот.
Џезот стана нешто модерно кај нас. Се забележува некоја експанзија и интерес во последно време. Има доста џез состави. Факт е дека главната улога во развивање на таа љубов ја одигра славниот Скопски џез фестивал на кој вие имате и настапувано, но се создадoa и други фестивали кои имаат публика. Дали е доволно добри и со високи стандарди и тие?
-Одлична констатација – интересот за џез, импровизираната како и светска музика е во постојан раст не само кај нас туку и во светски рамки. Голем број на проекти од ваков карактер може да се видат пред сè на шоукејс музички конференции како и на џез и музички фестивали од земји кои по големина се слични на Македонија и до пред само 5 или 10 години биле на истото ниво со нас, денес истите тие сериозно ги имаат запоседнато фестивалските и клупските сцени пред сè во Европа поради фактот што нивните држави се грижат за развојот и напредокот на артистите и конкретно преку Национален Музички Експорт допринесуваат за развојот на интернационалната кариера кај артистите. За жал ние сè уште како држава сериозно заостануваме во овој поглед но не поради недостатокот на буџетски средства кои секоја година се во постојан пораст туку поради некомпетентноста и немањето на визија на индивидуите кои располагаат со тие средства и најчесто ги распределуваат на многу чуден би рекол нелогичен начин. Друг дел кој игра голема улога во подготвувањето на идните музичари-артисти кај нас е континуираната опструкција од страна на Средните Државни Музички Училишта кои во процесот на едукација и образование не имплементираат насоки за џез и импровизирана музика. Навистина е жално што на таков начин да се „осакатуваат“ генерации на ученици кои имаат афинитет кон џез, рок и импровизираната музика а својот интерес го пројавиле на многу рана возраст. Во овој дел задача е на ресорниот министер за образование час поскоро да интервенира во овие институции кои се директно под капата на министерството и да се започне процес на осовременување на програмите во училиштата како и стручна подготовка на учениците за моменталната музичка сцена и индустрија.
Да се биде во музиката треба талент, да се биде успешен треба креативност и упорност. Која мисла Ви помага да се чувствувате свој во музиката, и да тоа ти е постојано забавно и покрај рутината и честата напорност кога музичар ја доживува на тоа поле.
-Талент, креативност, упорност се карактеристики кои треба да се поседуваат за било кој професија и истата да биде интересна и забавна, и секојдневните обврски да се извршуваат лесно. Како музичар најголем предизвик ми бил квалитетно да си го организирам денот и точно да предвидам што следно треба да направам. Секако дека секогаш не ми успева но ние сите сме само обични луѓе од крв и месо кои континуирано грешат и секојдневно импровизираат во реализацијата на уште еден животен ден. Лично сметам дека упорноста е мојата главна карактеристика и фактот што не сум се откажал од својот животен сон да создавам музика. Како и секој човек во животот ќе осетиме успеси и падови и ќе се научиме да се радуваме на најмалите нешта и да наоѓаме инспирација таму каде другите не се во можност да ја видат.

Како професор на Факултетот за музичка уметност во Штип, што е најважно што во неколку збора би ѝм препорачале на своите студенти?
-Континуирано да истражуваат, да креираат сопствени видувања и ставови, секојдневно да се дружат со инструментот, да компонираат, да бидат отворени за различни предизвици, да се фокусираат на процесот на создавање музички производ, секогаш да се стремат да бидат оригинални, да ги преиспитуваат фактите изнесени од професорите и да уживаат во студентските денови.
Плановите за 2023 се зацртани. Да позборуваме и за нив.
-Во 2023 година стартуваме со концерт во НДК Софија Бугарија во рамките на Панк Џез Фестивал на 20 Јануари и уште еден концерт следниот ден, потоа со гостинот Оливиер Самоуилан Франција и моето трио во втората половина на Април поточно на 25 имаме концерт на Подгорица Џез Фестивал, следниот ден уште еден концерт, 27 концерт на Тирана Џез Фестивал Албанија, 28 Аудиокултура Скопје, 29 и 30 се веќе во преговори и тоа ќе биде првиот дел од мини турнејата. Вториот дел е планиран во месец Септември каде веќе се букирани концерти на Равне Џез Фестивал Словенија 8 Септември, Мочвара Загреб Хрватска 7 Септември и уште неколку концерти кои се во преговори. Секако покрај концертните активности главниот фокус ќе биде и издавањето на албумот „Steps” негова промоција, радио станици, џез рецензии, објави во портали и полека но сигурно планови за негова концертна промоција во втората половина од 2023 и комплетната 2024 година. Во изминатиот период напишав неколку нови композиции и интензивно размислувам можеби за еден нов материјал за соло гитара кој како предизвик стои од моите студентски години. Искрено не знам, сакам да го истражувам звукот и различните нијанси, бои и карактеристики произведени од инструментот гитара. Тоа би било еден вид на разговор со самиот себе си колку и да звучи чудно  . Ќе видиме! http://www.sasopopovski.com

Валентина Ѓоргиевска Парго

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.