ОД МОЈ АГОЛ: Влатко и Силви, Осман бегот, кралот Караѓорѓевиќ и јас!

187

Да не ми се јавеше драгиот Влатко Плевнеш вечерва, веќе бев подготвена да си легнам и мирно да потонам во сон, да се одморам по неодамнешното шетање во Виена. Но добро што ми се јави и ме остави без сон. Од возбуда.
Плевнеш, вечно вљубените еден во друг Влатко и Силви, во четврток вечер во Филхармонија, ќе прават промоција на својот осми албум, и промоција на преработката “Ја излези стара мајко”, за која снимиле и спот.

Она што верувам и вам ќе ви внесе возбуда е што најстарите живи охриѓани добро се сеќаваат дека оваа песна е базирана на вистинска приказна, и дека вљубената мома Осман бегот го гледала од пенџерето на, верувале или не, нивната прекрасна стара куќа, во варош во Охрид.
-Тоа ми го кажа и еден стар Охриѓанец, дека таа песна е родена токму тука, кога за забранетата љубов со Осман бегот се пеело песна. Така, за спотот морав да барам и убав расен коњ да е сè соодветно, и да го доловиме Осман на коњот, ми раскажа нашиот ценет музичар.
Не само тоа, оваа куќа е кралска затоа што тука своевремено престојувал и кралот Караѓорѓевиќ, а за неговата тогашна посета на Охрид и Преспа неодамна најдов и исечок од весник на групата за Преспанци и Ресенчани.

И сето ова можеби ќе поминеше само како обична информација за мене доколку не ми го вратеше филмот наназад и не ме потсетеше на мојата поврзаност и со Осман брегот и неговата љубена, и со нивната прекрасен охридски дворец, високо истакнат во стариот дел од градот.
Јас толку се борам за честа на оваа моја најомилена љубовна песна што на свадба или друга веселба ако не го речат “Осман брегот”, туку “мојто либе” одам и се расправам со музиката дека направиле грешка и дека таа песна има јунак, во кој мојата хероина е вљубена и никој нема право да го обезименува. А доколку пак го испеат регуларно, си добиваат добар бакшиш од мене.
А во куќата на Плевнеш, секогаш со внимание погледнувам кога и да поминам од тука, а кога работев во Охридско лето, на мојата релација центар Света Софија, и по неколку пати дневно. Сè може да не видам, ама тој сарај мора да подзастанам и го погледнам. Нешто ме влече, не само неговата убавина. Тоа е онаа четирикатна староградска куќа со многу скали.
За моето симпатизирање на куќата знаеја и моите драги Силви и Влатко и особено неговата сестра, а мене посебно драгата другарка Маргарита, така што долго ме поканува иако веќе не живеат таму, да бидам нивна гостинка со спиење.
И се случи навистина, една вечер, без тие да знаат, со сосема друго друштво, кои престојуваа како туристи, да престојувам во тој сарај. Само што влеговме јас не оддолеав и кажав дека спиење нема да има, јас останувам во дворчето да го гледам езерото меѓу новите куќи.
Сите заспаа, цел град, настана ноќна августовска охридска тишина, ладно ветерче почна да го бранува езерото, далгите беа сè повисоки и повисоки, но јас не трепнав како скаменета седев и гледав. Ја доживував магијата. Некаде, рано наутро во дворот дојде и ме разбуди таткото на Влатко, познат охридски поеснопоец, кој ме препозна и не можеше да се начуди зошто сум тука, покриена со една тенка црвена покривка, а не во одаите да спијам како другите гости.
Неразумно беше да признам дека патував низ времето и дожививав прекрасни чувства, како да допирав љубовни прикаски, како да живеев со нив, како да гледав филм. Не со слики, со моите чувства. Како во сон!
Нивната куќа за мене отсекогаш беше храм на љубовта. И музеј, но не знаев каков. Вечерва дознав. Музеј на љубовта. Којзнае како изгледала таа сцена кога вљубената девојка со цело срце растреперена чекала и ги отворала малите пенџерчиња и ја довикувала мајка си да ѝ го покаже својот Осман бег. Та, што ако забранета љубов? Зар има таква? А кој може да ја забрани љубовта? Тие што искрено сакаат, знаат дека никој не може да ја забрани. Не е роден таков.
Сега едвај чекам да слушнам како сега трепери гласот на Силви и какви воздуики воздивнува кога пее за “Осман и Османица”. Ко да пее за себе и Влатко. Вљубени. Достојни да ја продолжат таа исконска љубов од некогаш и засекогаш.
Но, би сакала некој, ако му пренеле или се сеќава да нѝ раскаже што се случило понатаму со нив. Како живееле, како завршиле. Би сакал да знам. Сѐ за Осман и саканата… додека ја слушам сладејќи се со убаво сортно вино, и занесена замислувам како било…

Валентина Ѓоргиевска Парго, новинар и уредник на КулАрт

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.