„Скопје филм фестивал класик“ од денеска во Кинотеката на Македонија

1156

Од 5-10 април во Кинотека на Македонија ќе се одржи „Скопје филм фестивал класик“ со фокус на режисерите Буњуел, Саура и Берлинга.

Програмата на овој Фестивал ќе започне со документарниот филм „Фламенко,Фламенко“, снимен 2010 година во Шпанија , со проекција од 18 часот.

Режиран од легендарниот шпански режисер Карлос Саура, “ФЛАМЕНКО, ФЛАМЕНКО” е еволутивно музичко патување низ светлината, песната и танцот на динамичната и жива уметничка форма. Филмот прикажува концентрирана доза на врвни изведувачи на фламенкото, ветерани и помлади танчери, пејачи и музичари, како Сара Барас, Марија Бала, Пако де Лусиа, Мигуел Поведа…

Додека во претходниот документарец посветен на фламенкото – ФЛАМЕНКО (Flamenco, 1995) – Карлос Саура се занимава со историските корени и еклектичната позадина на овој музичко-танчерски стил, ФЛАМЕНКО, ФЛАМЕНКО го третира како чиста уметничка форма и естетско доживување за публиката, комбинирајќи инсерти инспирирани од ремек-делата на Пикасо, Гоја и Густав Климт со строго контролирани движења на камерата, за да се нагласи виртуозната изведба на фламенко точките на танчерските и музичките легенди.

Прекрасната фотографија во филмот е на Виторио Стораро, оскаровецот кој гостуваше и на ИФФК „Браќа Манаки“ и доби награда за животно дело, кој по вторпат соработува со Саура на темата фламенко. Камерата на Стораро во буквален смисол претставува мастерклас за употребата на бојата и светлото во креирањето нарација без зборови…

Од 20 часот ќе биде проекцијата на уште еден Шпански филм „Пласидо“.

Тоа е филм за животната голгота на Пласидо. Тој се обидува да заработи доволно за да ги исплати сите рати за купениот камион за да не му биде одземен. Неговото семејство не може да си дозволи ниту дом, немаат пари за кирија, и на Пласидо му се чини оти им нема крај на маките и сиромаштијата. Но, за време на божиќните празници, богатите госпоѓи во гратчето ќе решат својата „христијанска“ побожност да ја докажат со тоа што ќе поканат бездомни и сиромашни сограѓани на своите раскошни празнични трпези. Така и Пласидо ќе се најде во друштво на едно богато семејство, но како што одминува ноќта, тој ќе почне да ги преиспитува своите ставови кон парите и богатството што толку го посакува. Не е сè онака како што очекувал.

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.