СРЕДА НА ГОСТИ: Во “Пелистер” најмногу се бара “Топло- ладно”!

58
Нема кој не бил. Ако не бил нека крене два прсти и одиме заедно, веднаш!
Градската кафеана “Пелистер“.
“Пелистер” е повеќе од кафеана, од ресторан. Повеќе од институција. Повеќе од украс во самиот центар. Повеќе од стил на живот. Повеќе од традиција. Повеќе од приказна. Повеќе од книга, на посетител, и градска книга. Повеќе од историја. Повеќе од топлина.
Тоа е рамно на љубов и посветеност. Рамно на дом. Дом на душата.
Со традиционални и “најмодерни” домашни, локални и интернационални специјалитети кои прават единствен спој на мирис и вкус, створени за секое непце.
Оаза на мирот во срцето на динамичниот центар. Совршено место за уживање.
Подеднакво пријатен и за деловни состаноци, и за пријателски, и за љубовни средби и за семејни дружења, за сите генерации.
Ова градска кафеана број еден, навистина претставува место каде што луѓето од различни возрасти и професии доаѓаат на кафе, на ручек, пред сѐ на муабет. Тука се среќаваат, одржуваат состаноци, прослави, вкусуваат и уживаат во автентична традиционална, но и модерна македонска храна, храна со вкусови на европската кујна, но и во избор од најдобри вина и пијалаци.
Сопствениците се менувале низ децениите, но традицијата се продолжува.
Некогаш била една од првите скопски кафеани, каде што се собирале старите скопјани. Во 50-тите и 60-тите години на минатиот век, бил градска менза, каде што се работело по принцип на бончиња и самопослужување. И тогаш се викал „Пелистер“, за пред дваесетина години да го добие името „Дал мет фу“, па повторно пак “Пелистер”.
 „За да ѝм докажеме на битолчани дека не ги мразиме “, ќе се пошегува шефот Саша Теланчевски.
Сега е најексузивен и пријатен ресторан. Ресторан кој му дава добра вредност на животот.
Внатрешноста е елегантна со избор на мебел кој дава впечаток на луксуз и удобност, комбиниран од дрво и еко кожа, а најголем сјај му даваат прекрасните луксузни лустери.  Секогаш декориран во однос на временскиот период и празници, особено топол за време на новогодишните празници и секогаш со нова и најубава елка и декорации.
Посебен штимунг му дава и односот на прекрасниот персонал, на искусен раководен кадар кој тука е со децении и млад персонал кој често се освежува и со нови љубезни келнери.
Да се зборува за градската кафена “Пелистер” во Скопје, значи да се зборува за една култура.
Но не постои човек кој ја знае целата негова историја зошто тука се менувале многу етапи и половина век.
„Пелистер“ не се наметнува со реклами од типот „еден, единствен, препознатлив, уникатен“, туку едноставно во него владее амбиент сите што ќе влезат таму да се чувствуваат така. Со сите промени на овој угостителски објект во центарот на Скопје, сепак, тој е синоним за угостителството со долга традиција, кафеана во која и старите скопјани ја поминале својата младост, бренд, име, институција, вредност на градот…
За скопјани тој е и филозофија на живеење. За туѓинците – отвореното срце на градот!
Едноставно, тука се преплетуваат – и времето, и луѓето, и настаните и генерациите, и нивните лични приказни, или барем си ги раскажуваат едни на други.
На 21 ноември е денот на „Пелистер“, Свети Арангел, семејна слава на ресторанот.
Шефот на денешнава Градска кафеана, Теланчевски, од првиот работен ден е во обновениот „Пелистер“, пред повеќе од 30 години. Тој се потсетува како повторно тогаш почнало сѐ.
„Во тоа време, двајцата скопјани, први братучеди, Љупчо Николовски- Фуфо и Бранислав Димитров- Бране, почнуваа со угостителски бизнис. Најпрво Фуфо отвори пицерија во населбата Аеродром, а потоа партнерски со Бране ја отворија првата креперија „Сент Мишел“, кај Клубот на новинари, каде што правевме 40 видови палачинки. Одеше многу добро, првпат во нашата земја имаше креперија и беше многу посетена. Потоа се отвори „ Фуфо Галија“ на Водњанска, класична пицерија со италијански пасти, салати, а пиците беа специјалитет број еден. Но, многу набрзо се почувствува потреба за проширување на бизнисот, и со тогашниот угостителски ланец „Метропол“ се отвори ресторанот „Дал мет фу“. И самото име беше кованица од Метропол и од Фуфо. Пред тоа си беше „Пелистер“, во рамките на кој функционираше менза, и снек-бар, а горе на катот имаше автомати за игри на среќа. На 21 ноември 1991 година е отворен новиот ресторан, „Дал мет фу“. Беше фешта. Татко му на Љупчо Николовски- Фуфо се вика Ангеле и овој ден им е и семејна слава, Свети Арангел, па така е решено на тој ден да се направи свеченото отворање“, се потсетува Теланчевски.
Првите години функционирале заеднички екипата на „Метропол“ и на „Фуфо“, но малку по малку се приватизирало.
***
Гостите во „Пелистер“ имаат еднаков третман. Сите гости, до еден… Тука ќе ги видите сите луѓе од сите профили и социјални милјеа, а и високи странски гости и политичари, домашни и од други земји. Единствено само еден поранешен премиер и претседател долго не свратува таму и тоа засега е најголемата мистерија во однос на гостите…
„Пелистер“ е сведок на прослава на многу радости. Во хрониката на ресторанот се памети дека еден гостин таму го прославил и својот 103. роденден. „Пелистер“ е дискретен сведок на многу љубови, запознавање на многу брачни двојки, па некои дури и тука и ја побарале раката на својата избраничка. Позната македонска политичарка токму тука се запознала со својот сегашен сопруг, инаку странец.
Брачна двојка од Косово, која со години доаѓала на кафе и десерт, еден ден на шефот му дале вреќичка. Во неа биле сите пораки на денот што во „Пелистер“ се сервираат со кафето, а кои тие ги собирале со години. Пораките се отпечатени на мали ливчиња, својствени само за елитни ресторани. За лојалноста и гестот, брачната двојка била почестени со вечера, а сега „пелистерци“ имаат намера да ги врамат и изложат тие пораки.
Што е уште необично, во обичното секојдневје на ова место? Тука има редовни клиенти кои со години доаѓаат: средовечен господин кој живее во истата зграда доаѓа секое утро, со отворањето во 7 часот го пие своето утринско кафе…
Познатиот актер Алфонсо од Шутка секојдневно тука го пиеше своето капучино со стил.
Има луѓе кои во одреден ден од неделата, или месецот доаѓаат, седнуваат на „својата“ маса и таа секогаш е резервирана за нив. Има луѓе кои и на најниски температури имаат ритуал да седнат на надворешните маси, да пијат и да муабетат. Просторот во ресторанот има капацитет од 170 места за седење , а речиси исто толку и на терасата во летно време. Се почнува со работа од 7 часот наутро, а отворено е до полноќ, односно до 1 часот по полноќ, во петок, сабота и за празници.
**
Освен ресторанот, веќе неколку години постојат два апартмана и четири соби, сите со поглед на Плоштадот „Македонија“.
Оваа Градска кафеана продолжува да биде чувар на приказните на Скопје, и место каде што се создаваат нови, во континуитет . Во (не)доглед.
Тешко е да се опише целата историја на Пелистер, таа продолжува…
***
Но малку за актуелното мени.
Салати: Лосос и авокадо салата, Дама, Шпанска домат салата, Тврдо жолто сирење, Цвекло авокадо, Топла киноа салата, Коб салата, Печен зеленчук, Розбиф со зеленчук, Пилешка со тиквици, Карамелизирани ореви, Кус кус со зеленчук, Цвекло рукола пармезан, Шопска салата, Македонска салата и Таратор.
*
Предјадења: Сирења, кашкавали, пршута, свински врат, лепињи, крокети, печен модар домат, печурки, Ражнич од лути Шкампи, Лепчиња со кајмак, Латвија, Хумус, Лепчиња со домати и босилок, Фокача, Грисини, Даска, Сендвич розбиф плаво сирење..
*
Пици: Боско е монтања, Пршуто ел миеле, Наполи скамроза, Тартуфата, Суџук, Пармиџани, Ла брасериа, Куриоза, Маргарита, Везувио, Фунги, Капричиоза, Диаволо пеперони, Кватро формаџи, Македонска, Пршуто, Фрути ди Маре, Алполиа…
*
Тестенини: Шумски печурки и лимон, Пилешки стек, песто и сирење, Болоњезе, Карбонара, Фунги, Базилико, Кватро Формаџи, Соренто, Спајси, Морски плодови, Лути корејски шпагети, Њоки тартуфо, Лазања, Макарони ал Форно..
Пилешко: Пилешко со праз, моцарела и телешки пршут, Поховано пилешко со семки и зачини, Пилешко со кари и портокал, Пилешко со сув домат и моцарела, Кордонблу, Пилешко со печен зеленчук, Пилешко стек со додаток.
*
Мисирка: Мисирка со авокадо и тропски ориз, Мисирка со пикантен сос од сенф,  Мисирка со печен зеленчук, Мисиркин стек со сос.
*
Говедско: Бифтек со пире од урми и редукција од капина, Бифтек печурки и тартуф, Бифтек со пиперки, домати и компири, Кејун бифтек, Бифтек таљата, Бифтек со сос, Рамстек со печен ананас и лут чимичури сос, Рамстек со тартуфи и печени зеленчуци, Рамстек со сос.
Свинско: Свински врат мариниран во млеко,  Свинско филе со жалфија, Свинско со праз и пиперка, Свинско филе, Бечка шницла, Домашна димена колбасица.
*
Риби и морски плодови: Лосос со зеленчук, Лосос бел сос кавијар, Лосос со цитрусни овошја, Бранцин/  Орада на скара, Лигњи на скара, Шкампи со амарето, Октопод на скара.
*
Рижото: Маскарпоне и пиперки, Морски плодови и масло од сипа, Печурки, Тиквици и говедски пршут, Говедски мускул.
*
Десерт: Торта од ф’стак, Селска торта, Колач од топло чоколадо, Штрудла, Посна безглутенска торта со јаболки и кокос, Чоколадна торта, Овошна салата,  Палачинки со крем од вишна, Палачинки со ванила и крем, Палачинки со чоколадо, Сладолед.
Пиците се движат од  од 353 до 978 денари, палачинки со крем и вишна 239 денари,
бифтек печурки и тартуф 250 грама е најскапиот специјалитет од 1440 денари по порција.
А знаете што најмногу се бара?
Познатиот “Топло ладно”, кое таму во менито е запишано како “Колач од топло чоколадо” и изнесува  206 денари.
Но јас лично ви препорачувам селска торта (169 денари), лесен и вкусен благ специјалитет.
Ммммммм, јами- јам.
Ајде одиме таму на селска торта, топло-ладно јас честам, а пред тоа на мојата омилена латрија …мммммм!
Валентина Ѓоргиевска Парго
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.