СВП 2019- Ден на поетски читања, дебати и промоции на нови дела

1027

Вториот ден на светски реномираниот поетски фестивал, „Струшки вечери на поезијата” содржеше  настани посветени на поетите и на суштината на нивното творење.

Денот почна со Поетскиот портрет посветен на истакнатиот македонски поет, преведувач и универзитетски професор Зоран Анчевски, минатогодишниот добитник на наградата „Браќа Миладиновци” за стихозбирката „Небесна пантомима” како најдобра поетска книга објавена на македонски јазик помеѓу два фестивали. За неговото дело говореше Оливера Ќорвезировска.

По завршување на поетскиот портрет на Анчевски, настан на кој авторот ги читаше своите песни на македонски и авторскиот препев на англиски, се одржа поетското читање, за петтемина номинирани за годинашната награда „Браќа Миладиновци”: Митко Гогов, Јовица Ивановски, Наташа Сарџоска, Билјана Стојановска и Катица Ќулафкова..

Фестивалот „Струшки вечери на поезијата” (СВП) во рамките на добрата соработка со Агенцијата за иселеништво, вчера го организираше и прогласувањето на наградата „Стојан Христов”, што ја доделува Агенцијата во соработка со фестивалот. Според одлуката на жирито, наградата ја доби Сузана Ѓорушевска од Гетеборг, Шведска, за нејзината збирка „Гребнатини на душата“.

Вчера во агендата на Струшки вечери на поезијата, се одржа и плодната дебата во симпозиумот на тема „„Исток/Запад: Балкан/Европа”, на кој покрај годинашната добитничка на највисоката фестивалска награда „Златен венец”, Ана Бландијана, за поезијата и отпорт, за војната и борбата и одбраната со стихови зборуваа и Елизабета Шелева, Дамир Шодан, Фарух Шехиќ и Зoран Карановиќ.

Во хотелот „Дрим” се одржа настанот„Пирот, поет, скитник”, со Емануел Рембер, директор на Францускиот институт во Скопје.

Со почеток во 20 часот на истекот на реката Црн Дрим, се одржа настанот „Поетски портрет на Влада Урошевиќ”, а еден час подоцна почна и презентацијата на тематската антологија „Арката на Ное”, односно голема збирка песни од македонски поети за животните, приредени од професорот Иван Џепаровски.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.