вторник 3 декември, 2024
Почетна ЗАБАВА И МУЗИКА Медиуми и Шоу Бизнис ТАТЈАНА ГОГОСКА- За Евровизија мора да имаш одлична песна, одлични вокали, осмислен...

ТАТЈАНА ГОГОСКА- За Евровизија мора да имаш одлична песна, одлични вокали, осмислен настап и добро лобирање!

Повеќемина, штом го прочитаа, сигурно веднаш го познаа Вашето име, Татјана Гогоска, како првата Шефица на македонската делегација на Детска Евровизија. Да се потсетиме, колку време помина, како се случи тој избор и што беше она најубавото од тоа преставување, со Викторија Лоба и Марија Арсова?

– Првата Детска Евровизија се случи во ноември во Копенхаген- Данска „далечната“ 2003. година. Помина многу време, но сеќавањата се се уште живи , затоа што откако ЕБУ 2002. година објави конкурс за учсецнци на Детската Евровизија, јас како тогашен уредник на најуспешната редакција во МТВ, Програмата за деца и млади, го пријавив нашето учество и сега се сеќавам колку бев среќна што Македонија влезе во таа музичка приказна за деца. Најнапред бев во ЕБУ во Женева на потпишување на Декларација за постоење на Детска Евровизија и тоа ми беше многу убаво искуство. Инаку во Копенхаген се беше организирано како под конец, проби, дружби, техничка изведба. Носевме седум девојки , Марија и Викторија вокали, три придружни вокали и две балерини. Се на се направивме убав проект забележителен. Најубавиот момент од таму беше на една пауза седиме во нашата македонска просторија и девојчињава почнаа да пеат акапела од песна на Бритни Спирс кои пееја на крај пред доделувањето на победникот. Јас излегов да земам нешто и главниот тон мајстор ми вели: „Вашите деца пеат фантастично, вие сте најсреќната шефица тука. Браво. Секоја чест и отиде да им каже браво и ним“. Ете тоа се нешта кои не се забораваат, тоа е всушност успех..

Она што остана како подолг спомен од првата детска Евровизија, Марија се повлече, Викторија стана поп ѕвезда. Се препознаваше ли дека ќе продолжат со музика, барем еве кога зборуваме за Викторија?

Марија беше веднаш избрана од тие скоро 300-та деца што дојдоа на аудиција, Викторија малку доцнеше но, ја преслушавме и знаевме дека тоа е тоа спој. Моја идеја во старт беше повеќе деца да вклучиме. Јас бев сигурна дека Марија, инаку ја знаев од „Златно славејче“ и како 10-годишно девојче ја носев на Фестивал во Раденци Словенија –„Деца пејачи“- кој всушност беше предвесник на Детската Евровизија, пееше и победи таму, и сметав дека е жалосно Марија да не биде дел од естрада, но таа едно време до факултет беше и потоа се повлече. Одамна живее во Англија, стана дипломиран психолог, знам зошто не продолжи и ги среќавам родителите и штета за таков вокал. Викторија мислев дека со глума ќе се занимава, но ете таа ја одбра музиката е сега е во тие води веќе подолго време

Следуваа уште неколку детски Евровизии, кои ги предводевте. Кои беа тие? Неколку пати имавме можност да се најдеме високо на табелата, но се најдовме и на дното.

-Јас бев на Детската евровизија во Букурешт но не ја предводев туку таа 2006. ЕБУ смисли состанокот за „Големата“ Евровизија да се одржи за време на Детската таму па бев со нашата делегација, а следната 2007. го изработив токму како проект Детска Евровизија и победија Росица и Димитар од Неготино, повторно со комплетна осмислен настап ги вклучив децата кои пееја на Домашниот избор и беа на второ, трето, четврто место . Така покрај пејачите имавме тапанар од Делчево, виолинистка од Тетово и две балерини кои јас сакав на лизгалки да бидат на сцена ама не ни дозволија па варијантата беше ролшули па и тоа отпадна но сепак беа одлични. Поминавме одлично. Децата беа врв професионалци во виситнска смисла, котиравме многу високо цело време и завршивме на петто место (се уште највисокото од било која Евровизија) . Тоа беше проект кој го изработив онака како што замислував, согласно учесниците и песната со визија и со борба и успехот таму дојде…Но, тука секогаш зависта и љубомората ја засенуваат професионалната среќа на човекот .

Кој беше принципот на подготовки на екипата, избор на пејач, на песна, промотивни настапи, лобирање, претставување? Помогнаа ли МРТВ како куќа, но и државата, во доволна мера?

– За Евровизија треба да имаш 4 елементи кои се многу важни и тие да бидат соврѓени за да стигнеш до врвот, мислам за Детската врвот е топ 5 , за Големата врвот се топ 10 –топ 3. Мора да имаш одлична песна, одлични вокали, осмислен настап кој е забележителен и она четвртото, лобирање. Јас знаев тоа како се работи и 2007. го покажав . Во Евровизијата важни се поединците што ја работат МРТ е само заднината која зависно, може многу да ти ја отежне работата наместо да ја олесни, а може со подршка да направи полесно да оди подготовка. Таму екипите, делегациите се сами на себе и најмногу зависи од Шефот на делегација, но и од членовите дали се конструктивни или деструктивни.

Што од сите детски Евровизии го сметате за најголем успех? Но, и од бројните Тв проекти за деца кои ги уредувате во МТВ?

-Веќе кажав Ротердам 2007-ма е најголемиот успех на Детска евровизија и мој и на МРТ досега , а од проектите во МТВ во кој бев автор или уредник има навистина многу. На врвот на табелата како Автор се „Дајте музика„ „Во светот на бајките “ “Канал Де“….дури и не ми текнуваат колку многу беа. Како уредник стоев и работев со екипите на бројни проекти најдраг и најтежок по секоја телевизиска структура е серијата “Големи и мали“ која е вистински професионелен производ продукциски за деца.

Еднаш се најдовте и на местото Шеф на евровизиска делегација со Каролина Гочева, во Хелсинки 2007. Некои работи одеа лесно, некои со одредени проблеми, но кажете ни генерално, бидејќи вие сте единствена која предводела екипа и на “малата” и на ” големата” Евровизија, што е полесно и поблагородно?

-Сакав еднаш да ја водам Евровизијата т.н.голема и ете 2007. тоа се случи. Најнапред сум благодарна дека овде имав подршка во МРТ за домашниот Избор кој го направивме Евровизиски во мало, од сцена, содржина, гости за шоу програма и начин на гласање со вклучувања од сите македонски поголеми градови. Со победата почнаа подготовки за матерјалот и сето тоа одеше ок. Бев на ждребање и состанок на Шефови, преубаво искуство и днеови со колегите од Европските центри, веќе со многу се знаев од Букурешт. Проблеми настанаа пред заминувањето, околу сценскиот настап за кој имав визија иако по сите недоразбирања производот беше тој и беше супер. Таму влеговме во финале, затоа што не оставив на случај да не влеземе. Многу работев на лобирање преку нашите Амбасади, МНР…. Таму беше се организирано, влеговме во финале. Имам од таму два моменти незаборавни : едниот е кога влеговме во финале излеговме на сцена и потоа низ ходник полн со факели до прес центарот, а вториот на првата проба за финале , бидејќи имаше секоја делегација по две возила ,едно за шефот на делегација и кога ме однесоа до влезот, до мене се паркира возилот на „Лорди“ кои беа победници 2006. година. Нормално поздравување, влеговме заедно , така едно баш гламурозно чувство. Тогаш бевме 14-ти во Финале и беше не успех во Топ 10 ,но сепак со забележителен настап. Инаку за работа Детската е полесна но Големата е со овеќе можности за креација ,според правилата на ЕБУ.

                       

И кога ја напуштите МТВ продолживте со работа со деца, но зад камерите, а на сцената. А сега повторно актуелна е и серијата која пред скоро 30-тина години вие како автор ја донесовте пред тогашната многубројна публика “Дајте музика”.

-Да, работев со деца после МТВ 8 години. Имав свој Детски креативен центар со драмско ,ликовно и музичко студио. Работев драмски проекти, музички ,децата ги носев на гостуања,фестивали. Правевме изложби,ивенти, гостувавме на манифестации, издадов и четири книги од кои три за деца . Плоден ,напорен период  Да ,сега некои луѓе со дозвола на мојата матична куќа , на која и донесов многу награди признанија и успешни проекти, правеа продолжение на “Дајте музика” кое е мое авторско дело (идеја, концепт,сценарија) и без да ме испочитуваат како автор ја снимија. Две нешта ме болат. Првото што не ме прашаа како автор за дозвола а второто што направија бледа копија од она што беше Дајте муика како деценски бренд. Така што најголемиот мој професионален успех на тв продукција и најголемата среќа ми се претврои во немир, па сега морам на Суд да го докажувам моето авторство т.е. нивната кражба на моето авторско дело. Но, човекот во животот се соочува со разни тешкотии со кои треба да се бори. Како автор голем успех ми е и државната награда на анонимен конкурс за драмски текст . Мојот текст “Најденко во магичниот круг“ се вброи во наградените три текстови 2015. година и влезе во книгата Современа македонска драма. За жал ,никој се уште не ја поставил, театрите се уште ги преферираат Трнорушка, Пепелашка, Снежана наместо една нова приказна од домашен автор. Но, се надевам дека еден ден некој режисер или продуцент ќе ја земе во рака и ќе реши да се заигра на некоја сцена, затоа што и покрај ветувањата од неколку театри изгледа системот кај нас е јас да молам да ја постават. А тоа не ми доликува.

Се наближува годинешната Евровизија, која ќе се одржи во Ротердам, а нашата земја ќе претставува младиот пејач кој чекори по светот, Васил Гарванлиев.Сосема пред крај на оваа средба, какво е вашето мислење за годинешниот избор на пејач?

– Ротердам е среќен град за нас Македонија. Васил Гарванлиев е едно од „моите деца“ така ги викам оние што ги следев како деца а пееја, глумеа, цртаа и бев дел од развивање на нивната креативност. 2007. година го викнав да пее на домашниот избор за Евровизија,тогаш живееше во Америка и оттогаш не сум го видела , си пишавме скоро да му честитам. Јас го подржувам Васил, за мене изборот на него како пеач е супер и му посакувам многу среќа и смиреност во подготовките. Многу е важна песната, јас не сум ја чула песната. Прочитав кој му ја прави и е добро што не е тим кој секоја година или преку една го слушаме. Се надевам дека ќе има одлична песна, не се сомневам во неговиот сценски настап но за да има успех се сомневам во организацијата и лобирањето на делегацијата на МРТ. Во секој случај радосна сум што има шанса да оди на Евровизија.

Во очекување сме и на песната која ќе не претставува. Денес, по повеќе од деценија од вашите евровизиски ангажмани, ги следите ли активно Евровизиите, нивните пејачи, песни? Имате свој фаворит меѓу досегашните македонски евровизиски песни?

-Ја следам Евровизијата ,како што спомнав посакувам одлична песна да има Васил т.е. да има што да испее. Од досегашните претставници после 2007-ма па и воопшто за мене најдобра беше Калиопи со „Црно и бело“ . Тоа беше топ настап, песна, вокал..се беше супер, а и Калиопи си ја заврши работата со лобирање сама.

Валентина Ѓоргиевска Парго

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
.td-container, .tdc-row { width: 1095px }