ТАТЈАНА ГРКОВСКА, КОМЕНТАТОР НА НАЈВОЛШЕБНИОТ ПЛАНЕТАРЕН НАСТАН: Го чекам нашето “Добредојде” на Виенскиот концерт!

239

Виенскиот концерт е единствен настан кој ја обединува цела Планета, единствен по својот концепт. Подеднакво со волшепството кое го уживаме гледајќи го и слушајќи, уживаме и во коментирањето на Татјана Грковска.

Вие ја имате привилегијата да го коментирате и тоа го правите врвно и мошне пријатно за самиот слушател. Сите ние штом се разбудиме по новогодишниот дочек прво се сретнуваме со Вашиот глас кој нѐ воведува во новогодишната магија. Раскажете ни ја историјата, како почнал овој концерт?

-Приказната за Новогодишниот концерт на Виенската филхармонија започнала во 1939 година, но терминот е фиксиран нешто подоцна во 1946 година. Со концертот диригирал маестро Клеменс Клаус, а генералната проба била за публиката, ден пред тоа. Од тогаш започнала традицијата: генералната проба ја следи публика на 30 декември, и се одржуваат уште два концерти, во предвечерието на Новата година и утринскиот кој го пренесуваат телевизиските станици низ светот. Самата програма е добро осмислена и подготвена пред сѐ од диригентот, затоа што правилата на Виенската филхармонија како некогаш, така и денес се дека оркестарот е тој што го прави изборот за диригент, а маестрото ја подготвува програмата. Оттогаш речиси 83 години новогодишниот концерт е креирање и негување на култ кон династијата Штраус, а денес од оваа временска дистанца можеме да зборуваме за издржан повеќеслоен маркетиншки производ и комерцијализација на популарната музика или лесната класична музика. Сиве овие години длабоко им се поклонувам на австриците кои знаат да се држат и негуваат традицијата во било кој сегмент од уметноста. Новогодишниот концерт е вистински доказ за тоа.

Кога почна да се пренесува на Тв екраните, за да може да ужива и светот во таа убавина?
-Телевизиската традиција започнува на 1 јануари во 1958 година во црно бела техника. 64 години тоа е култна теливизиска програма. Како национален сервис МТВ го следи од времето на бившите југословенски простори. Со распаѓањето на Југославија и на ЈРТ, секоја земја започна да си го пренесува за својата територија, така и МТВ која го проследува интегрално целиот настан заедно со документарниот филм кој го подготвува ОРФ и е наменет за гледачите за време на паузата.
Она што е специфично е дека нам, на гледачите, кои сме магепсани од таа аудио-визуелна убавина ни се чини дека секоја година програмата е иста, и дека чудесна музичка бајка завршува со Радетски марш...
-Лесната класика, танцова пред сѐ, остава впечаток дека секоја година слушаме исти композиции и автори. Апсолутно не! Само валцерот „На убавиот син Дунав“ и „Радетскиот марш“ се композиции кои имаат посебен печат на настанот и се изведуваат сосема на крај како бис. Династијата Штраус (таткото и двата сина), нивните современици и сите други композитори кои пишувале музика за разни поводи и балови секогаш се вклучени во изборот на програмата на новогодишниот концерт. Дури уште повеќе: многу често се среќаваат творци на кои им се оддава почит по разни поводи, на пример годишнина, близок контакт со семеството Штраус и оттука некоја взаемна инспирација итн. Она што го прави волшебен овој концерт е суптилноста на претставување и потенцирање на одредени настани, личности, влијанија, стилови и династии, а богатата културна историја на Виена и Европа во тоа време го овозможува во изобилие, потребно е само вешто визионерско модерно концепирање.

Кој е најфамозниот диригент кој го водел овој концерт? Годинава кому ќе му биде препуштена диригентската палка?
-Низ текот на годините продефилирале плеада на светски диригентски имиња: замислете Клеменс Клаус и Јозеф Крипс ја имале таа чест да диригираат цели 15 години, а потоа легендарниот Вили Босковски диригирал континуирано исто толку години до 1979, предизвикувајќи бранови задоволство, потоа Лорин Мазел, кој со виолината во раце го водеше оркестарот неколку пати, легендарниот Карајан, па следеа големите Клаудио Абадо, Зубин Мехта, Серџи Озава, Рикардо Мути, Кристијан Телеман, Даниел Барембон, Густав Дудамел итн, итн….
Го коментирате настанот од студио од овде или од таму? Сте биле некогаш на самото место, би било апсурдно ако не сте отишле досега. Вашата свежина и будност, кога сите сме мамурни, значи ли тоа дека можеби и ги прескокнувате лудите новогодишни дочеци за да бидете полна со енергија на првото утро од годината и на висина на задачата?
-Полни три децении концертот го коментирам од студиото на Македонската телевизија, за жал никогаш од самото место на настанот. Привилегијата сама по себе има две лица: добра и лоша. Добрата е во тоа што јас 30 години уживам во целата приказна без посебна валоризација освен онаа законската за работа на празник, а лошата во тоа што индиректно го прифатив, а воедно и принудив моето семество и пријателите да се навикнат на фактот дека секое првојануарско утро сум на работа. Сиве овие години се обидувам да не ги прескокнам новогодишните прославувања кои вообичаено секогаш биле во интимен круг на роднини и пијатели, а задолжителниот одмор започнувал максимум околу 4 наутро. Во 8 сум веќе будна , во 10.30 во Студиото на МТВ. Во 11.15 е првата новогодишна честитка!

Колку време се подготвувате за Вашето сликовито коментирање, со оглед на тоа дека таму е мерена секоја секунда и не смее да се пробие ни со збор повеќе. Пред тоа го гледате концерот на генерална проба?
-Истовремено ОРФ на сите радиодифузери кои го пренесуваат настанот испраќа сценарио со прецизни ограничени коментаторски податоци, кои многу често можат да бидат недоволно разбрани и примени од пошироката гледателска или слушателска публика. Ниеден мој коментар не поминал без комплетно ревидирање и надополнување (објаснување) за било кој сегмент, а здолжително и личен коментар за нешто што се случува во моментот, притоа внимавајќи да не го нарушам музичкиот впечаток. Тоа е пренос и коментар во живо во траење од околу 140 минути, каде од коментаторот се очекува максимална подготвеност и концентрација, но и срдечност, радост, снаодливост и досетливост. Вообичаено втората половина на месец декември , покрај останатите обврски и проекти, е резервирана и за овој исклучителен настан, а подготовките траат до почетокот на настанот. Секогаш имам многу повеќе резевни коментари отколку што е потребно и сакам многу повеќе да ја информирам јавноста, но го почитувам тајмингот и се држам до сценариото.
На Виенските концерти импресивни се и цветните аранжмани од Сан Ремо, често пати дури и се споменува колку парчиња цвеќе се употребени. Раскажете ни и за таа “легенда”, од реалност преточена во виенска бајка.
– Златната сала на Музикферан располага со 1744 седишта за седење и 300 за стоење и секоја година е импресивно украсена од цветни аранжмани од страна на Австриските градинари и цвеќари, до пред короната и од Сан Ремо. Неколку дена пред одржувањето на концертите (30, 31 декември и 1. Јануари), вештите креации го прават велелепен визуелниот впечаток на настанот. Интеесно е што на крајот од преносот, публиката може да си понесе дел од овие аранжмани.

Салата не е со преголем капацитет, можеби максимум собира публика неколку илјади, или дури и помалку. Често пати се слушаат разни верзии за тоа како се доаѓа до билет за тој концерт колку изнесува, и дали секој може да го купи, а најчесто се вели штом заврши концертот веднаш се прават резервации за следниот. Запознаени сте со вистинската верзија на купувањето на билети?
-Заради популарноста, билетите на концертите одамна се продаваат. Според традицијата, апликациите се отворени 365 дена пред настанот на сајтот на Виенската филхармонија и се прифаќаат од 12 часот на 2 јануари до полноќ на 23 јануари. Цените се движат од 35 до 1200 евра. Не сум имала прилика да аплицирам, веројатно тоа ќе го сторам, ако сѐ биде во ред, по завршувањето на мојот професионален работен век во МТВ.
Вие работите во Македонска радио телевизија, тоа ја нуди и оваа посебна привилегија за новинар уредник од Ваш профил, да се коментира најочекуваниот настан во текот на годината. Што сте по професија? Каде ја стекнавте Вашата подготвеност од оваа област?
-По професија сум музиколог, музички рецензент, уредник и автор на небројани емисии од повеќе телевизиски жанрови. Коментирање на било каков настан е повеќе одговорност отколку привилегија. Конкретно за Виенскиот новогодишен концерт Австриската телевизија ОРФ како еден од чинителите на убавината на овој проект е многу прецизна во сите сегменти на овој комплексен проект. Визуелните сегменти кои се појавуваат во текот на преносот како балетска кореографија на некоја композиција или пак визуелниот перформанс за време на паузата се вистински пример за едно врвно мајсторство. Во најголем дел тие се снимени во текот на пролетта или летото, но некогаш балетските точки се изведуваат во живо, што изискува максимална прецизност на повеќе нивоа: оркестар, диригент, балетски уметници, телевизиска екипа! Сите пулсираат во едно.

Ви посакувам успешно водење и на овој концерт, навистина уживаме во Вашиот пријатен глас. Би сакала за крај на ова интервју да ни ги кажете најемотивните моменти што сте ги доживеале.
-За повеќегодишното коментаторско искуство на Новогодишниот концерт на Виенската филхармонија се врзани повеќе незаборавни непредвидливи ситуации од кои неколку моменти оставија длабока трага во моето сеќавање:
-Моментот кога диригентот и Виенските филхармоничари објавија дека ќе донираат дел од својот хонорар за новогодишниот концерт на жртвите од цунами во 2014 година, со што воедно го подржа и иницира целиот свет масовно да организираат настани во тоа име
-“Добредојде” кое маестро Зубин Мехта го упати за приклучувањето новите членки Романија и Бугарија кон ЕУ во 2016 година и личната желба и надеж дека нашата земја ќе биде следната која ќе биде поздравена од врвен уметник.
-Мој лично најемотивен и мошне стресен коментар беше на концертот во 2021 година предизвикан од светската пандемија од ковид 19 и задолжителните протоколи. Златната сала на Музикферајн, традиционално украсена со цветните аражмани , но сиромашна заради отсуството на публиката- прв пат во историјата на новогодишниот концерт.

Валентина Ѓоргиевска Парго

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.