„Вечер на Живко Чинго“ во родното село Велгошти

920
Во охридското родно село на Чинго, Велгошти, вечерва традиционално ќе се одржи културната манифестацијата „Вечер на Живко Чинго“, како одбележување на годишнината од раѓањето на големиот писател и раскажувач. Во атарот на локалната црква св.Петка од 20 часот ќе се одржи Беседа за ликот и делото на Живко Чинго од академик Ала Генадјевна Шешкен.

Живко Чинго е роден на 13 август 1935 во селото Велгошти кај Охрид. Во родното село завршил основно училиште, а гимназија во Охрид. Во 1959 година дипломирал на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје. Извесно време работел како професор по книжевност во гимназијата во Охрид, а во Скопје работел во: „Студентски збор“, „Млад борец“, во Радиотелевизија Скопје, во Институтот за фолклор „Марко Цепенков“, во Центарот за политички студии, а бил и долгогодишен директор на Драмата при Македонскиот народен театар. При крајот на животот работел како советник во Републичкиот комитет за култура. Во 1963 година станал член на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ), а бил и член на МАНУ. Чинго се упокои на 11 август 1987 година.

Централниот дел од манифестацијата по правило е посветен на добитникот на годинашната награда за најдобар расказ што секоја година Општина Охрид ја доделува во чест на Живко Чинго. Оваа година наградата ќе и биде врачена на Драгана Лукан Николоски, чиј расказ насловен „Пад на системот или Како балканските народи сфатија дека Бог можеби и не постои“ беше прогласен за најдобар од страна на Стручното жири во конкуренција од 41 пристигнат труд на конкурсот.

Драгана Лукан Николоски е автор на повеќе драми и сценарија, меѓу кои се „Балканизација“„, Пинокио и Црвенкапа во потрага по Аладиновата ламба“, „Треперење помеѓу две подадени дланки“, „Сè ќе биде добро“ и други.

 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.