Вечерва Благој Нацоски и Македонска филхармонија со концерт „24 илјади бакнежи“

586

Вечерва од  20 часот, во Македонската филхармонија, ќе го одржи традиционалниот концерт по повод Денот на вљубените, насловен „24 илјади бакнежи“. На програмата се безвременски љубовни песни  како „Еден бакнеж“, „Beautiful Maria“, „Ne me quitte pas“ и други.

Насловот на концертот е извлечен од песната „24.000 baci“, која исто така ќе биде изведена на овој концерт, а напишана во 1961 година од Е. Леони, П. Виварели, Л. Фулчи и А. Челентано. Премиерно била изведена на фестивалот „Сан Ремо“ во изведба на Адриано Челентано и Литл Тони и го освоила второтo место. Се смета за прва рокенрол-песна што влегла во конкуренција за наградата, наедно и за композиција, која ја портретира младината во времето на сексуалната револуција.
Како солист на концертот ќе настапи нашиот тенор со интернационална кариера Благој Нацоски, кој доаѓа специјално за овој концерт од Италија, а исто така настап ќе има и младата македонска вокалистка Светлана Јовановска. Ќе настапи и хор, а во рамките на концертот ќе има и балетска точка во изведба на Кала Каревски, во кореографија на Саша Ефтимов.

Концертот ќе го води маестро Дијана Имери-Илкоска, една од најнадежните македонски диригенти што своето образование го стекнува на Факултетот за музичка уметност во класата на проф. Саша Николовски-Ѓумар, а магистрира во класата на проф. Борјан Цанев во 2018 година.

Концертите за Денот на вљубените се традиционална содржина на Филхармонијата повеќе години. Концептуално се различно обликувани од стандардната програмата и најчесто имаат популарен карактер.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.