Викенд исполнет со децениски врвни културни настани и вековна македонска традиција

1304

Осврт на М-р Татјана Гогоска

Викендот што измина беше предизвик за македонската јавност во однос на музичките, драмските, фестивалските и настаните од вековната македонска традиција. Во еден момент се чуствував среќна дека постоењето и одржувањето на  толкава разноликост од врвни културни достигнувања, само во еден викенд во Македонија, сепак покажува на децениските заложби за развој на културата, уметноста, музиката и традицијата.

Во тој децениски, вековен период се вткаени активностите, креативноста и уметноста на многу културни, музички и  други креативни автори во Македонија и затоа токму овие настани се одржуваат, се развиваат, растат и се надополнуваат.  „Охридското лето“, своето 59 издание го започна традиционално на 12 јули со маестралниот настап на светскиот виртуоз на виолина Венеса Меј а во истовреме зурлите и тапаните веќе ја најавуваа традиционалната македонска Галичка свадба. Во Дојран се одржуваше Д Фестивалот со своето деветто издание, веќе етаблиран и  многу популарен за младата генерација, заради  гостите и журките што се прават покрај Дојранското езеро, а во Скопје, јубилејното 40-то издание на „ Скопско лето“ секоја вечер ги освежува скопјани со еден избран и вреден настан. Вчеравечер, Охридско лето ја започна својата драмска програма со гостувањето   на Словенечкото народно гледалиште „Драма“ , со претставата „Самрак на боговите“

И така се нижеа настани, се кажуваа зборови, кои уште еднаш потсетуваа на предизвиците, не баш убавите состојби со кои е соочено Охридското езеро и нашиот бисер Охрид, заради алчната манипулација на поединци од властите , на што обрна внмание режисерот Александар Поповски, кој потсети на многу убав начин, како што само еден врвен културен работник може да го направи, обврската е на сите нас да го зачуваме статусот на Охрид и Охридското езеро, без лаги и правење на дневнополитички пазар на сметка на она што е толку вредно а може да го изгубиме, користејќи ги зборовите на неодамна починатиот, Македонски Шекспир Горан Стефановски, од неговото маестрално дело „Диво месо“ велејќи пред присутните и македонската јавност : „Да ги откорнеме дивоградбите како диво месо од Охрид и да го зачуваме Божествената убавина што Бог ни ја дарил а светот (Унеско) ни ја заштитил“ .

Истата вечер виртуозот на виолина Венеса Меј, ја поздрави манифестацијата и македонската јавност и ги опомена одговорните, дека државата мора да се грижи за уличните животни а животните треба да го добијат третманот кој го заслужуваат, наспроти загрижувачката состојба од масовните труења, убивања и малтретрања на оние што се мали, немоќни и не можат да опстанат без човековата грижа.

Во Галичник се слушаа зурлите и тапаните, се повторуваше вековната македонска традиција, од она време кога Петровден бил познат по тоа што македонските печалбари се женеле, но и се подготвувале за новата печалбарска година кога, „Пискотници се слушале од Галичник до Река (Радика) ,..и мажите и жените во силен екот ….“ ,за животот печалбарски , кој никогаш во овие краишта не им бил лесен. И така оваа чисто македонска традиција останува да живее и да ги обединува луѓето кои поттекнуваат од Мијачкиот крај, но и од цела Македонија.

Младите поинаку се забавуваа на Д Фестивалот во Дојран, оваа година по деветти пат, со многу интересни гости кои  организаторите се потрудија да ги обезбедат, за на младите овој фестивал да им стане дел од нивната младост и живеење. За оние што останаа во Скопје, концерти , театарски перформанси и настани кои траат од почетокот на Фестивалот на 21 јуни веќе 40 години по ред.

И сега се прашувам, на цела оваа културна елита, на сите години создавање култура, уметност, можно ли е сето тоа да биде превиено со  црн превез, на страв од непостоење, уривање, исчезнување? Како синтагма на сегашнава состојба, некако дојде словенечката претстава  „Самрак на боговите“, која обработува исклучително тешка тема, фашизмот и безнадежните позиции и страдања на човекот во тоа време.

Страда ли обичниот човек сега и тука во Македонија? Што треба да се случи ова лудило низ удолницата наречено “Уништување на Македонија и се што е македонско да се сопре?“ Има ли луѓе во тој воз, кој забрзано оди кон понорот?

Најверојатно одговорите ќе ги добиеме во идните години, кога да се надеваме дека овој период ќе биде испишан со црно во македонската историја и завршен засекогаш.

Галерија

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.