Во тек подготвителни снимања на првиот македонски игран филм за деца „Стела“

1377

По едногодишни интензивни подготовки, продукциската куќа „Дрим фектори“, заедно со режисерот Стојан Вујичиќ, е подготвена за почеток со снимање на играниот филм „Стела“. Снимањето, кое официјално почна со пробните снимања, се одвива во Македонија, во Скопје и  во живописниот Галичник, како и во Штутгарт, Германија.

„Стела“ е приказна која ќе ве поведе низ современите проблеми на децата преку главниот јунак детето Никола, кое се обидува да се самоубие заради булингот врз него од страна на неговите врсници. После оваа траума никој не ќе може да допре до него, а Никола престанува со секаква вербална комуникација. Вториот главен лик е Шарпланинката Стела која е единствената што не бара ништо од него, не поставува прашања, не бара одговори. Доволно е неговото постоење и среќна е од неговата близина. Детето ќе почне да се споредува со неа, па неговиот глас може да се слушне единствено кога лае. Дедото, кој избегал од луѓето да живее сам на бачилото е третиот главен лик кој,не на почетокот не баш по своја воља ќе го прифати Никола да живее со него и шарпланинката Стела, но во тек на настаните што следуваат тие тројцата стануваат семејство, бегајќи од своето вистинско семејство. Не знаејќи, со тоа ќе се доближат до она од што бегаат, но сега променети ќе може да продолжат со животот или мирно да заминат од другата страна на вечноста.

Во реализацијата на овој прв македонски долгометражен филм за деца е вклучена меѓународна екипа, која брои голем број автори и филмски професионалци. Во филмот главен лик е младата шарпланинка Стела, првпат на филм е 12-годишниот Петар Маниќ, како и Дејан Лилиќ, Тони Михајловски, Симеон Дамески и Христина Поповиќ, позната од филмскиот хит „Парада“. Сценариото е на Ева Камчевска, кинематографер е Гого Клинчаров, костимограф на филмот Милена Миленковиќ, а снимател на звук е Срѓан Бајски. Долгометражниот игран филм „Стела“ е копродукција помеѓу „Дрим фектори“ (продуцент: Огнен Антов), Србија: „Акција продукција“ (продуцент: Јована Караулиќ) и Германија: „Моуна“ (продуцент: Никол Акерман). Покрај финансиските средства добиени од Агенцијата за филм на Република Македонија, филмскиот проект „Стела“ поддршка доби и од Филмскиот центар на Србија, а горд спонзор на филмот е „Витаминка“.

Првпат во Македонија филмот „Стела“ се реализира како прва еко или зелена продукција. Водени од најновите светски еколошки стандарди, продукцијата се труди да ја намали емисијата на штетни гасови, да го рециклира отпадот според стандарди од Американската асоцијација на филмските продуценти.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.