Билка за радост во домот-Куќна среќа

1791

Куќна среќа (лат. Soleirolia soleirolii или Helxine soleirolii) е нискорастечко растение, кое често наоѓа примена во терариуми или други видови на стаклени мини градини. Води потекло од Сардинија и многу лесно се одгледува. Често се именува и како растение „бебешки солзи“, кое се развива многу брзо. Се верува дека носи среќа и многу радост во домот, па поради тоа е идеален подарок за вашите пријатели.

Ова растение наликува на мов, меѓутоа има густи, кружни зелени ливчиња во вид на грмушка.

Бара сончева светлина, но не директно сонце. Не трпи преголема температура на возодухот и поради тоа не опстојува во претопли простории. Најоптимална температура за да успее се движи од 10 до 24°С. Бара редовно залевање, значи почвата треба да биде влажна, но не премногу мокра, за да не дојде до трулење на коренот. Затоа отстранете ја водата од подлошката по залевањето. Прихранување се врши еднаш во месецот, со разредено течно ѓубриво за лисно-декоративни растенија.

Не бара пресадување, бидејќи се работи за мало џбунче кое не бара голем простор. Достигнува висина околу 18 cm и затоа не треба да се сади во поголема саксија. Убав грмушест облик се добива со кастрење на врвовите на растението рано напролет. Истите резници што сте ги отстраниле, можете да ги искористите за размножување. Се ставаат во мешавина од тресет и песок и после некое време ќе пуштат коренчиња. Размножување може да се изврши и со делење на коренот.

Куќната среќа може да се одгледува и во дворот – за да го направите тоа, потребно е да набавите жардиниери. Поставете ги покрај некоја патека во градината или покрај ограда. Освен во жардиниери, може да се одгледува и како украсна трева – поради преубавите ситни ливчиња. Брзо се шири по подлогата и формира убав зелен покривач.

Треба да знаете дека куќната среќа не ги издржува температурите под 7°С. Доколку расте во жардиниери, внесете ги внатре во домот кога надвор е ладно. Во зима се одгледува во потопли простории со доволно светлина. Ако во зима ја оставете во градината, ќе премрзне, меѓутоа постојат големи шанси да напролет, со првите пролетни зраци, се појават нови изданоци и почне да се развива и пушта нови зелени ливчиња.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.