Осврт за и околу грижата кон културното наследство

1111

Пишува М-р Татјана Гогоска 

Македонија, има огромно културно наследство кое се карактеризира во две категории а тоа е: движно и недвижно. Во движно, спаѓаат пред се иконите, разните предмети од археолошките локалитети, етнолошките и историските предмети, кои со векови се чуваат и го покажуваат и докажуваат историскиот, општествениот и културниот развој на македонското тло. Некогаш се калкулираше на околу  23 000 вредни икони во овој ранг, плус сите други предмети но и нематерјално наследство (обичаи, ора…) што доведува до една вредна импозантна бројка.

Недвижното наследство (заклучно со 30 септември 2014 г.) e вкупно  1235 објекти и места, во кој спаѓаат цркви, манастири, куќи, археолошки локалитети, разни објекти како сокаци, улици, чаршии, чешми…распространети низ целата територија на Македонија. Тие датират од најстарите периоди на ова тло и ги има од 12,13,14 век, 18 или 19-ти и секој носи своја оригиналност, уметност, историја или култура.

Низ годините се обновувале, вршеле ископувања, реставрирање, но секогаш се чини дека јавноста своето внимание и „грижа “ кон ова културно наследство го свртува само по некој немил настан, случен тука кај нас или некаде по светот.

Јавноста ја потресуваше неколку пати кражбата на икони од верските објекти со непроценлива вредност низ деценииве, но како за се, така и за ова се има кратко паметење.

Пожарот во св.Јоан Бигорски-2009

Пожарот и уништувањето на црквата под Маркови Кули, уништување на црквата св. Богорoдица во Лешок, пропаѓањето на вредната црква св.Ѓорѓија во Курбиново, големиот пожар што уништи голем дел на Вековниот манастир св. Јован Бигорски …се само мал дел од немилите настани со кои се уништувало вредното културно наследство.

Не често, но ќе се спомене во јавноста  и за уништувањето на грандиозните објекти во Сирија во  последниве години, но тоа останува тука некаде меѓу просторот и времето наречено живот.

Пожарот на Нотр-Дам

Последниов немил настан на уништување од пожар на Грандиозната Катедрала Нотер-Дам, прекршувањето на големата кула, уништување на дел од Богородичната црква и величествените мозаици, длабоко ја потресоа не само Француската туку и светската јавност. Градба стара 12 века, градена еден век….најпосетуваниот објект во центарот на Париз, со 13 милиони посетители годишно, исчезна во пламените јазици. Тоа беше, а според реакциите на донаторите и Француската власт, повторно ќе биде познатата, величествена Нотед-Дам.

Св. Ѓорѓија -Курбиново

И наеднаш македонската јавност се разбуди. Почна да се грижи за Курбиново, за бројните археолошките локалитети, за движните вредни предмети во Лешочкиот манастир, за фрескописите, секој со своја „грижа „ и свој „став“. За жал никогаш не било доволно тоа што државата го одвојувала за заштита на културното наследство за да се следи и спречува неговото уништување. Секогаш матерјалните средства одвојувани за оваа намена биле мали или премали.

Она што е највредно, во цела оваа македонска збрка, на секое па и на ова поле, е хуманоста и донациите на поединци и општо  на народот, па секогаш требало само мала иницијатива најчесто од медиумите, и да се соберат средства за даден објект или предмет да се  заштити, реставрира или повторно изгради.

Така 10 години после големиот пожар во Св. Јован Бигорски, објектот не само што е реновиран туку е направен во изворна форма и целосен, иако за многумина ја нема патината и духот на времето.

Дел од обновените манастирски конаци во Св.Јован Бигорски

И сега сето ова пишување би немало смисла, доколку не се почитуваат укажувањата на експертите во оваа област и не се насочат кон конкетни акции за реставрирање и зачувување на вредното културно наследство во Македонија.

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.