ГОРДАНА ДИМОВСКА, НАСТАВНИЧКА И ПОЕТЕСА: Младите Македонци во Мелбурн ги учам да зборуваат литературен македонски јазик!

511

Гордана Димовска е писателка и поетеса, родена на 20 декември 1970 година во битолското село Оптичари. Уште од најрана возраст изразува чувство на љубов кон книгата и македонскиот јазик, за подоцна да почне и да пишува на разни теми и да се здобива со награди за своите литературни дела.
Од 1993 година живее и работи во Мелбурн, Австралија. Со добиените квалификации во Монаш Универзитет во Мелбурн се вработува во Викториското училиште за јазици каде континуирано предава Македонски јазик од 1999 година.
Во 2007 година се здобива со диплома за јазици при Меквори Универзитетот во Сиднеј. Таа е и една од уредниците на веб порталот Македонска нација, основач и уредник на блогот Macedonian timeline, член и на Литературното друштво “Григор Прличев” од Сиднеј а и еден од соработниците во уредувањето на литературното списание “Повод”. Објавува свои натписи и во многу македонски весници: “Денес” од Мелбурн, “Нова Македонија”, СБС радио- Мелбурн.
Нејзините активности во областа на културата и литературата продолжуваат и со основањето на МЛД “Кочо Рацин” Мелбурн во 2016 година, преку кои активности постојано го помовираат македонското литературно творештво и јазик.

*Почитувана Гордана, добредојдовте нѝ дојдовте, по цели десет години и во ова кратко време од неколку денови во Скопје беше задоволство и чест да се присуствува на промоцијата на Вашата книга “Поетски мозаик”, која се случи, денес, на 16 јануари 2023 година, во рамките на цветиновата изложба “Мироцвеќе на пријателството” на улица Македонија.
-Во Македонија дојдов од Австралија по десет години, за објавувањето на мојата книга поезија, која денес ја промовирав и на хуманитарна манифестација, во која господинот Цветин промовира неговата идеја за мир, солидарност, благосостојба, за да го опколи светот. Оваа книгата е отпечатена како второнаградена на конкурсот на издавачот “Дата Песнопој” од Битола, на господинот Илија Марковски. Тие отворија литературен конкурс, учествував, добив втора награда, која значеше печатење на книгата, во сто примероци. Дојдов да си ги земам книгите и да се видам со моите најблиски.
*Во Мелбурн, каде живеете три децении, имате богата професионална биографија, како професорка, активистка, писателка, поетеса…
-Во Мелбурн работам како наставничка по македонски јазик, но и како координатор во службите за нега на стари лица. Ние ги праќаме вработените кои треба да ѝм помогнат на старите лица, ги организираме нивните смени. Центарот се вика Macesonian community welfare association, опфаќаме сите клиенти од сите нации. Ние даваме услуги, а тоа во заднина го организира Владата, дава фонд за вакви услуги, има повеќе служби а и ние сме дел од нив.
*Интересно е што сте заминале во Австралија, а сте сакале да студирате македонски јазик?
-Тука сум родена, но нешто по завршувањето на средното училиште, во 1993 година откако заминав во Австралија, таму дипломирав на факултетот за јазици и македонски јазик. Тоа ме влечеше, од мала, отсекогаш, од кога знам за себе, само читав и читав, и сакав да се усовршам повеќе. И од 1999 година кога се вработив на мојата професија континуирано тоа го работам сѐ ден денес.
*Колку генерации ученици поминале низ Вашите предавања?
-Многу. Преку 20 генерации. Тие ќе ме сретнат на улица, ќе ме поздрават, веќе не ги ни препознавам.
*Има ли интерес кај младите Македонци за јазикот на нивните претци?
-Да, има интерес. Но ако ја земеме во предвид бројката колку Македонци има, би требало да биде поголем. Така што секоја година се обидуваме да привлечеме повеќе, да имаме повеќе ученици. Во спротивно би го изгубиле јазикот, и програмата.
*Многу од Македонците кои живеат во Австралија дома сѐ уште си зборуват архаично, локално, на дијалектите од каде што дошле, а Вие верувам ѝм го пренесувате литературниот македонски јазик.
-Да, литературниот. Затоа минатата година имав прашање од една ученичка од шесто одделение, ми вели: “Извинете учителке ама ова ние дома поинаку го нарекуваме, зошто Ти поинаку нѝ го кажуваш?”. Им велам “Па, имаме разлика едно е литературен јазик, друго е дијалект. Можеш да си го користиш и дијалектот ама треба да знаеш и литературен”. Беше многу изненадена, и повторно праша: “Леле како јас ќе го научам толку убаво ? Што треба сега да правам за да го научам литературниот јазик?”, а јас ѝ велам дека треба многу зборување, читање книги, пишување и надвор од наставата, и следење медиуми од областа на културата …

*Како сте организирани во поглед на литературната дејност, знам дека постои литературен клуб во Мелбурн.
– Јас сум претседателка на македонската литературна асоцијација “Кочо Рацин”, ние постоиме од 2016 година кога се регистриравме во Викторија, но пред тоа две години исто така работевме без да бидеме регистрирани. Многу сме активни на промоција на македонската литература и сме едни од најдобрите најуспешните, и секогаш имаме луѓе кои доаѓаат кај нас со цел да ѝм ги промовираме нивните книги. И ги промовираме секаде каде што можеме, најчесто ги користиме просториите на библиотеките, каде што можат да дојдат наши луѓе и да слушаат за некоја книга која што ќе се промовира.
*Колку литературни творци брои Вашето Здружение?
-Во моментов околу 25. Не се сите тие кои пишуваат, некои од нив се само љубители на литература, кои што сакаат да слушнат и да бидат дел од нас.
*Ви гостуваат македонски писатели и поети кај вас, има ли организирана размена, гостување, спојување, дружење?
-Доколку тие би биле присутни во тој период во Австралија, дефинитивно може да ѝм организираме промоција, но можеме да ги промовираме и на друг начин, на веб страницата на нашето литературно друштво “Коцо Рацин”, за што не мора да се присутни во Австралија. Доволно е да нѝ пратат материјали за објавување. Јас, исто така, на овој план делувам и како член на литературното друштво ” Григор Прличев” од Сиднеј, имаме и списание “Повод” во кое сум соработничка и ѝм ги промовираме делата претежно само на нашите во Австралија.
*Организирате литературни конкурси?
-Ние во Мелбурн тоа не го правиме, тоа го оставивме на “Григор Прличев” за да не се повторуваме. Добро соработуваме и сме координирани сите клубови меѓусебе, како и со клубот “Ванчо Николески” во Квинбијан.
*Вие сте и авторка, поетеса, писателка. Да ги претставиме и Вашите книги, и тие се дел од нашата литература…
-Досега имам објавено шест книги, претежно се некоја комбинација раскази и поеми и некои историски факти, есеи, пишувам за Македонија. Тие се: “Љубовната одисеја на Александар Македонски и Бела Ица” (легенда) 2012 , коавтор е Ванѓелко Лозановски. Издавач “Љубители на литература, култура и наука “Св. Висарион. “Вечна светлина над Македонија”, 2014, поезија и историски записи. Издавач: Љубители на литература, култура и наука Св.Висарион. “Патник под ѕвезденото македонско небо”, 2016, (раскази, поезија за возрасни и деца, историски записи). Издавач: Агенцијата за иселеништво, “Љубов и завет низ виорите” роман, 2017, коавтор е повторно Ванѓелко Лозаноски, издавач “Дата песнопој”. “Одблесоци од вечноста”, статии. 2018, издавач “2 август”, Штип. Седмата е “Поетски мозаик”, моја прва самостојна книга, поетска збирка 2021 издавач: “Дата песнопој”, едиција книжевни меридијани.
*Кој беше поводот да конкурирате на конкурсот?
-Ме мотивира тоа што имав доста поеми, а ме поттикна тоа што издавачот е од Битола, а и јас сум од Битола и сакав да учествувам на овој конкурс, а ете за среќа ја добив и втората награда и како резултат на тоа се објави оваа збирка. Ќе ја промовирам во Мелбурн штом се вратам.
*Ми беше прашањето, сигурна сум финансискиот момент не бил пресуден да се пријавите. Бидејќи македонските пишувачи се судруваат со тој проблем и поради тоа најчесто се пријавуваат на вакви конкурси, за да нивното дело излезе на виделина, да биде објавено. Кај Вас тоа не е проблем, дури да се плати и од свој џеб, би рекла можеби мотивот било повеќе врската со родниот крај, со државата…
-Врската. Многу ме привлече тоа. Нѝ даваат шанса и ние да бидеме вклучени, тоа ми беше посебно мило. Ги прашав дали може и ние од дијаспората да земеме учество, можеше, и тоа ми беше посебно мило. Сакам да имаме конекција, а во иднина и соработката, да ме знаат повеќе и овде, да ме запознаат.

*За што најчесто пишувате?
-Најчесто пишувам од патриотски побуди, за љубовта, за земјата, за чувствата…Зависно што ќе ме инспирира.
*Ова доаѓање го искористивте продуктивно и во една уметничка смисла, зедовте учество, водено и ја промовиравте книгата и во рамките на 50-дневната изложба на улица Македонија на познат и признат светски уметник и хуманист Живко Поповски- Цветин. Вие литературно ја збогатите неговата “стрит- арт” манифестација, тој Ви подари цртежи. Од каде вклученост во неговата мисија и желба да бидете дел од сето тоа?
-Па, мене ми е посебна чест и задоволство што се случи да бидам тука и директно да учествувам оваа хуманитарна акција. Се познаваме, пред неколку години кога дојде кај нас во Мелбурн, на гости кај неговиот брат Злате, беше присутен на мојата промоција на една од моите книги и ми претставува посебна чест што сум сега јас меѓу Вас во Скопје, и можам да му возвратам со поддршка и присуство. Му посакувам многу среќа понатаму на нашиот голем хуманист, миротворец, и уметник, му благодарам за прекрасните поеми слики што нѝ ги има оставено во нашите училишта и нека се шират тие пораки за мир во целиот свет.
*Кои се Вашите следни планови во врска со поезијата и Вашите активностите, дали Ви се создаде идеја да дојдете повторно да направите поголема промоција пред пред македонските поетски творци? Во моментов имаме еден силен бран од поети и поетеси, поезијата не е аматерство, тоа е чувство кој сака пишува, од свој ќеф, но тие не само што пишуваат, имаат обичај да се дружат и меѓу себе да ги промовираат своите дела.
-Да, да, секако ќе ги одржувам врските со литературните друштва кои се овде во сите градови, нешто следно што ќе направам ќе биде промоција на мојата книга во Мелбурн, ама исто така планирам во најскоро време да објавам нова книга со раскази. А би било убаво да дојдам пак и да направам една голема промоција во Македонија, на сите мои дела, да ја запознаам публиката со моето творештво.
*Заминавте во 1993 година, откако стапивте во брак со Македонец кој живееше во Австралија. Сопругот дали има афинитет и желба за пишување?
-Не, но многу ме поддржува. Моите синови Даниел (28) и Антони (22 години), исто и тие се членови на нашето литературно друштво “Кочо Рацин” и многу често читаат на нашите приредби и настани. Го познаваат јазикот, а понекогаш читаат и на англиски. Ние ѝм дозволуваме на младите Македонци кои не може најдобро да читаат на македонски, како поеми од Рацин или од други македонски писатели, да ги читаат во превод на англиски. Син ми Даниел пред публика ги има читано моите раскази кои се преведени на англиски, така што тогаш доаѓа до изрази неговиот сценски талент, ги драматизира многу убаво, а публиката се соживува со она што тој го чита…

Валентина Ѓоргиевска Парго

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.