Концертот на Луис Бонила и Биг бендот, сѐ уште тема за раскажување…

50

(На фотографијата Луис Бонила и претседателот на ЗЏМ Гоце Стевковски)

Волшебната енергија од новогодишниот концерт на ЗЏМ Биг бенд и Луис Бонила, пренесена низ апаратот на Маја Аргакијева, деновиве може да ја почувствувате преку албумот со фотографии кој е ставен на официјалниот фејсбук профил на Здружението на Џез музичари и слободни уметници на Македонија.
Таа ноќ, 28 декември 2022 година, американскиот џез- тромбонист по потекло од Костарика, и македонскиот Биг бенд, направија магија која што трае, и ве возбудува секогаш кога и да ѝ се сетите.
Истата таа ќе допре до поширока публика преку снимката на Македонската телевизија и наскоро ќе биде емитувана на екраните.
Таа вечер се прославуваше јубилеј 50 години МКЦ, но и тоа не беше пречка вљубениците во џезот да дојдат на овој мајсторски изведен концерт што се одржа во Филхармонија .
За потсетување, Луис Диего Бонила е светски познат уметник, добитник на многу награди а највисоката музичка награда „Греми“, ја добива во 2002, 2003, 2004, 2006, 2008, 2011 и 2014 година. Тој е изведувач, продуцент, композитор, аранжер и професор. Роден во Лос Анџелес, живеел во Њујорк, последниве години во Грац, Австрија.
Остварува соработки со некои од најголемите имиња во историјата на џезот: Вангард џез- оркестар, Мингус биг бенд, Мекој Тајнер, Дизи Гилеспи, Лестер Боуви, Том Харел, Фреди Хабард, Аструд Гилберто, Вили Колон и Тошико Акијоши.
На дваесетте музичари на скопскиот концерт на сцена ѝм се придружија и уметниците Дарко Бенчиќ од Хрватска, редовен член на Љубљанскиот биг бенд и Бојан Цветковиќ, музичар од Србија.
Џез тромбонист Бонила непосредно пред овој музички настан најави дека ќе свират селекција од сите негови свирки, со фокус на латинската страна на џезот, и тоа ветување го исполнаа, и тоа со леснотија и многу добро синхронизирани, за време на целиот концерт, под диригентство на маестро Џијан Емин.
Бонила се чувствуваше прилично опуштен и среќен.
-Македонија е едно невообичаено место и уживам во посетата на оваа држава. Убаво е повторно да се биде тука, меѓу другото пред тоа рече тој на прес-конференцијата и се потсети на неговото доаѓање во Охрид пред неколку години.
Со овој концерт ЗЏМ нѝ посакаа среќен влез во 2023, а воедно и ветија дека и оваа година за наше уживање ќе продолжат да ја делат сцена со светски и атрактивни имиња…

Валентина Ѓоргиевска Парго

Фото: Маја Аргакијева

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.