ИЛКО ДИМИТРИЕСКИ ШАРПЛАНИНЕЦ: Од Хомер до Влатко Стефановски патував на мој начин!

297
smart

Господинот Илко Димитриески е човек со безброј приказни- осум дела има издадено досега, во нецели десет години, од првенчето, стихозбирката „Аксиј“ во 2013, до “Робена” минатата година. Има и поеми снимени на цедиња, во билтени, зборници…

*Добредојдовте на нашето интервју, но, ако речам господин Илко малкумина веднаш би Ве препознале како поет, ако речам Шарпланинец, веќе сите знаат. Уметнички псевдоним се крие во тоа, или некое друго толкување?
-За среќа покрај Шарпланинец јас ги користам и другите псевдоними врзани за светли точки на мојата татковина, на нашите краишта, како што е Поток- Поточки, како што е Вардар- Вардарски како што е Водњански и таканатаму. Што би рекол другар ми Иван Хуската “ќе те кандидирам за човек со најмногу имиња”. Но, не се тоа имиња. Јас сум поет, сум се определил, сум ја прифатил оваа обврска да бидам поет и да ги возвишувам точкиве кои постојат, кои се реални. Според Шара ме нарекле Шарпланинец. Инаку, Шара е нашата волшебница. Тоа е единствена планина која има повеќе езера од реки, има 27 езера, а 25 реки. Тоа е местото на раѓање на Вардар, култното место, а јас сум тетовец, роден под Балтепе на Поток и симболиката на Потокот кој се влева во Пена, па во Вардар, и кој понатаму се влева во Егејот, а тоа е моја инспирација.
*Вие имате завршено војно школо во Сараево, каде и го добивте овој прекар, многу одамна. Како дојдовте на идеја од војно лице до поет? Вашиот ум бил наместен на конкретни работи, а потоа одеднаш влегувате во светот на фантазијата.
-Така е. Сѐ има своја патека. Ништо случајно не може да се случи и ништо туку така не биднало, ниту ќе биде. Средно воено училиште завршив во Сараево, во седумдесеттите години. Всушност, мојот век некако се дели на три дела – детството, па професионалниот дел во кои речиси 20 години бев во Армијата и 20 години во приватен бизнис, и сега пензионерските денови, во кои еве десеттина години активно творам. Јас сум дете од потомок каде што срамно било да се чита. Сум читал книги скришум за да не знаат моите другари. Татко ми кога ми купи еден комплет од 12 книги а јас ги прочитав за 15 дена, рече: “тебе синко никогаш повеќе од една книга тато нема да ти купи”… И не можам да се пофалам со успех во тие училишни денови, зашто сум бил дете од работничко семејство. Но, сум имал една светла точка, а тоа е Пионерскиот дом во Тетово каде работеше една моја вујна, која ќе ме прифати и ќе ме убеди да бидам поинаков од малата средина која е со ниско ниво и со тие мангупски афинитети, од каде излегуваат крадци што крадат со долги прсти, тие што играат карти и таканатаму. Од каде не се очекува некој нешто друго да биде, туку касап, мајстор, хаус мајстор… Детските денови ме врзуваат и за мојот школски другар Ибраим, односно денес познатиот пејач Ибро Ибраимовски. Се сеќавам кога нашата наставничка по македонски јазик ни бараше да напишеме по 25 страни, да раскажеме една книга, јас заедно со Ибраим сум успеал да напишам 18 страници, што за мене било врв, вселена. Прв пат дојдов до толку. Но таа ја искина тетратката, тепајќи ме зашто не сме напишале 25 страници. Таа бесна чита, јас продолжувам, и вели тројка. Ја прашува претседателот на школската заедница- “Како може домашна имаше, овде знаеше за петка, а има единица?”. Па има единица за лектирата, не биле 25 страни. Но, кога заминав во воено училиште тоа веќе беше големо училиште за мене…

*Сараево е пресвртна точка во Вашите навики и светоглед…
-Во тоа време во шеесеттите да си во една од метрополите како што е Сараево, беше голема привилегија. Ги чувствуваш своите недостатоци, го согледуваш своето неумеење од големиот град, имаш трамвај, парно греење, современ начин, исхрана, кујна, Баш чаршија, Илиџа, и сѐ она што го нуди тој голем град одеднаш го имаш на послужавник и сето тоа можеш и без пари да го обиколиш, оти како питомец имаш право на бесплатно движење со автобусите и трамваите. Таму ќе бидам прогласен за ученик кој најмногу чита во библиотеките и тоа ќе биде истакнато и на табла. И, оттука, сега се враќаме на почетното на суштинското, како се создаде Шарпланинец… Се прашувавме со другарите, меѓусебе, “Ти од каде си? Јас сум од Козара, епа тогаш си Козарец… ” некој друг по некоја друга славна планина. И, некој забележува дека јас сум Шарпланинец и мене па страшно ме погодува, не сум подготвен на тоа. Но како минува време како размислувам, доаѓам до констатација дека не можам да бидам друго освен Шарпланинец. И од тука ќе почнам да го влечам Шарпланинец, ама и многу други прекари. На пример, тие што сакаа да имаат коректен однос со мене па и мои претпоставени, како и началникот на училиштето, ќе ме нарекуваат Тетоец, други кога ќе сакале да ме омаловажат дека Македонец, или имале ниски страсти, ќе ме нарекуваат “циго”. Јас еднаш два пати, така физички јак, сум кршел и носеви за тоа, па ме викале на рапорт, ме казнувале. Видов дека не можам да одам по таа патека, па на крај излезе и “циго” да стане еден од моите прекари. И така малку по малку почнав да ги редам уште други. А Ибуш Ибраимовски, ќе ми го воскресне тоа почитување кон бедата на Ромите, тоа сфаќање на маките на луѓето од такви населби, во кои минимум на живеењето се можеби 50 или 100 евра месечно, што е жално.
*Вашиот животен пат е мошне интересен. Се одлучивте да станете “перо” , да пишувате. Верувам дека тоа кај Вас не беше нешто програмирано, туку сигурно Ви дошло спонтано, да се посветите на творење на книжевни дела?
-Почнав со стихозбирката “Аксиј” во 2013 година, која има 75 песни. Познатите поети ми препорачуваа првата книга да не биде голема, да не биде поголема од 70-80 страни, но поетесата Искра Донева, кој е мој духовен ментор со која имав среќа да се запознам, да си помагаме, и сѐ уште сме во добри односи, обратно велеше- “Чичко Илко прави она што мислиш дека треба”. И така ја стокмивме оваа книга, со нејзина помош, со нејзина рецензија, ја издадов и направивме една убава фешта во Порта Македонија, што ми даде за право да одам понатаму.
*Со Вашето првенче во 2013 година, стихозбирката “Аксиј”, покажавте дека Хомер некако, сакајќи или несакајќи Ви се вовлекол под кожа и Ве вовлекол во Вашата поезија. Кога за прв пат се запознавте со Хомер?
-Со Хомер се запознав преку тие комплетите од 20 тина книги кои ги купувавме во 1975/76 година, со митови и приказни. Не само што ми бил инспирација, туку толку сум му се посветил на Хомер и на неговите дела што сите забележаа, а на времето мојот командант Васко Карангелески ќе речеше “многу млад си за вакви работи”, но нема млад, или нешто ве привлекува или не ве привлекува, нели. Е, и учејќи го систематски со години Хомер, сум дошол до заклучок како тој создавањето на човештвото го врзува со Илијадата. Тој на нашиот Вардар кого му дава име Аксиј, му дава моќ, моќ на божество. Е сега по приказната која тој нѝ ја презентира, неговиот тек ја забременува ќерката на Наќе Самен, која се вика Перивоја. Неа ја забременува текот на Вардар и таа го раѓа синот Астеропај, кој е син на Пелагон. Чедо на Пелагон. На хранителот наш како митска личност како огромна хранилица, на житница на Балканот…

*Некогаш таа митологија била многу применлива. Она што го направиле класиците или основачите на таа митолошки книжевност, тоа е сепак е базирано на едни реални вредности меѓу човечкиот живот и возвишеното, како треба да биде. Издржана е сета таа митологија. Не е искажана само како фантазија, туку повеќе како копнеење на луѓето да дојдат до некој степен што им се случувал во реалниот живот, да дојдат во една форма на митологија.
-Јасно ја гледам митологија, но до Христос, е митологија, по Христос е религија. Голготата по која Христос одел е лекција за животот, што значи секој човек голготата го чека порано или подоцна. Мене ми се десило кога го изгубив синот. Има големи симболики христовиот од. Инаку не би бил поставен така. Секој од нас има некоја сопствена голгота. Да даде Господ таа голгота да му е решлива, да е пречка која ќе ја надмине. Така што верувањето, вера и концепти, кои се поставени, пак се врзани за Македонија. Пророкот Павле доаѓа во Македонија и вели “Вие, и покрај ова сиромаштија дадовте најмногу за изградба на црквата”. Потоа преку Виа Игнација оди во Рим…Но семето кое го фрлил, се фатило. Семето на христијанството. Тоа не е само митологија тоа е и вистина.

*Да се вратиме на книгите, во 2015 година издадовте дури две. „Охридска Идила“ поезија со која ја воспевавте охридската волшебници, и “Астеропај“ комбинација од поетски напеви, афоризми и мудрости. Необично е, како најдовте време да креирате дури две дела?
-Поривите се внатрешна душевна работа. Јас многу сум пишувал отсекогаш. Бев комерцијалист, бев директор на хотел во Охрид кога дојдов во Скопје станав директор на трафики , па на фабрика за пијалоци. Јас сум задоволен презадоволен од патот мој и на тој план. Се пензионирав во 2006, 2007 година, но работев уште неколку години. Потоа одев уште неколку години на работа, бев претседателот на бордот, и сѐ уште сум. Почнав систематски да се посветувам на пишувањето и добив идеи за многу, премногу дела, компјутерот почна да се полни и одеднаш стасаа условите нешто да се издаде. Така дојде првенчето. Но да се вратам и еден чекор назад, затоа што и во армија творев. Во еден период кога стигнаа многу млади немаше доволно старешински кадри и кога Маршалот одлучи да се прима од резервен состав, примија прекрасни луѓе кои немаа многу искуство. А моите сознанија, моето знаење, мојата умешноста беа на високо ниво, тоа генерал Карангелески го воочи и ми дозволија да печатам билтени. Тој се шегуваше–“Ти трчаш повеќе отколку цела команда, стојадинот ќе го расипеш”, тогаш имав нов автомобил” застава 101″. Но, тоа не ми беше ограничување, ми беше битно да се помогне да се направи добро дело. А со него возев, печатев билтени. И потоа добив награда, се сеќавате на онаа емисија “Дозволете да се обратиме”? Во Белград ме викнаа и ми доделија плакета. Добив колективна награда за која тие скептиците ќе речеа “ех колективна, тебе да ти дадеа” , зашто мене па јас сум командир на тоа. “Борба” и политичка управа ја организираа па бев на телевизија кај Соја Јовановиќ (режисерот на “Орлови рано лете” и други филмови) и така запознав многу луѓе и од светот на политиката и од армијата. Во 1983- 84 година почнав да издавам билтен односно “Војни гласник”, ја знаев техниката на пишување, зедов еден гештетнер и почнав да работам. Од почеток наидов на отпор кај старешините кои ми префрлуваа дека тоа не ми е во рамките на задачите. Потоа правев и џепни весници.

*Лесно ги пишувате песните, лесно Ви доаѓаат.
-Нема ништо лесно, секогаш имаш дилема дали да е во слободна форма и да бидат подредени, па дали да бидат по овој терк дали по оној, дали да бидат во рима, сѐ се тоа дилеми пред кои поетот е исправен. И за кои мора да одлучи за да заземе еден правец. Кај поетот сѐ е момент на импресија. Или ако сте многу паметен интелегентен или имате многу меморија тоа што ќе ви дојде на сред ноќ, или на случајна средба, или во овој момент, ќе го запаметите, а ако не можете, запишувате. Јас често им велам на луѓето “извини мислава да ја запишам”. Сѐ што ќе запишете е Ваше, потоа се раѓа идејата, се оформува постанува дело, како тесто кое полека расте. Јас ако ви речам имам 200-300 песни во компјутерот, ако ви речам имам 500-600 недоработени ако имам 3-4 книги започнати, нотирани во мисли, може да излезе дека преувеличувам. Тие се градат,но не може да бидат готови, додека не пораснат, додека не се облечат во поетско или прозно одело или руво, за да може да ѝ се претстават на јавноста. Тоа е тоа богатство, тоа е тој начин на работа, за која и дома ќе ми речат “Што правиш?” , кога ќе се издвојам, ќе се тргнам малку на страна и на мобилниот ќе запишам, две три речници. Тоа е мојот стил на работа. Не сум завршил училиште за пишување, сѐ е ова талент.
*За генерал Васко Карангелевски имате книга, објавена во 2018 година. Раскажете ни нешто повеќе за романот за трагично починатиот генерал.
-Книга на мојот генералот мојот учител, мојот идол, човекот кој беше подготвен да ги прифати највисоките државни функции и да ја поведе татковината, но за жал трагично настрада. Генерален полковник на третата армиска област за кого имам напишано јас и книга под наслов “Карангел Бруснички” . Мојата прва средба со него беше на војнички план. Роден е во 1920 а во годината кога го запознав, во 1970, тој имал 50 години а јас 18 години. Јас како командант на армиска област сум должен да му предадам со почесна стража со пушките, човекот се импресионира од мојот настап ме гледа и се чуди. “Абе од каде си ти?”, “Од Тетово” . “Аман бре ми вели, што ни дал Господ да ни дојде тетовчанче вакво активно во охридски гарнизон” а потоа ме фалел пред старешините. И од тој момент тоа ќе биде фатална љубов, ќе биде една непрекината спрега со него. Имавме разни искуства, дури и во одредена ситуација добив затворска казна, во армија постои закон, постојат прописи и не може поинаку. Но, тој како генијалец тоа го сфаќа како јасна критика. Затоа што е тој беше целосно создаден за таа висока положба. А сега сѐ е тромаво, сѐ е без енергија, без киселина. Друг пат ќе го кажеме и тој случај. Сега сакам да се осврнам на тоа што ме прогласува за најдобар командир ми дава финансиски награди, одврзани раце, доверба. Но, еве ќе споменам на кратко, кога во една ситуација одбивам да одам на граница, што не е војничка работа затоа што во армија навлегува либерализам 1976 година, ме дадоа на суд. А, генералот се прашувал “како можел Илко да ме изневери?”, но потоа увидел дека имам јака причина. Генералот потоа го цени гестот што јас за тоа време во кое ме осудија , не сум се обратил кај Маршалот како што ме знаел темпераментен, туку сум решил на лице место да го оправам тоа. Бевме и пријатели. Два дена пред погибијата беше кај мене. Загина на лов, на диви свињи. Носеше со себе многу пиштоли што Тито му ги дал. А во тој период Маршалот го спремаше за највисока воена функција. Карангелевски пред тоа учеше во Москва а потоа маршалот му даде да прави војска од овде до Белград а потоа и до Ниш до Врање.
*”Курделес”. Необичен и загонетен наслов на една од Вашите книги.
-“Курделес” е впрочем река која многумина ја знаат. Јас станувам директор во Битола и го запознавам овој извор, кој извира од Дихово, Лавци, Брусник од делови кај што е и Драгорот кај што извира. Ете тој дел сакав да го воскреснам инаку е чиста поезија во која имаше некоја убава песна. Брусник е и родното место на Карангелевски.
*Градовите во кои живеете Ве инспирираат. Сте напишале за Охрид, за Скопје и за Битола. Значи како што се движите така и инспирацијата доаѓа по вас. “Робена” е Вашата последно издадена книга, која пред да излезе помина низ рацете на познатите Славе Ѓорѓо Димоски и на професорката Пандева.
-“Робена” е објавена минатата година и е симболика на состојба а која што нѝ е во татковината. Таа нѝ е робена, поробена, разграбена од триста елементи, од разни структури кои нѝ наметнуваат, нѝ инфилтрираат нови филозофии, нови погледи. Тука е и песната за Влатко Стефановски.

*Што Ве инспирираше да напишете песна за Влатко?
-На концерт на Влатко Стефановски бевме во Охридско лето, и тој настапуваше заедно со Мирослав Тадиќ и со една Американка. Американката, замислете, каква симболика, се вклучи на “Море сокол пие”, а Македонецот не стана да заигра и да ракоплеска цело време на оние песни. Дури и на таква симболика, во која се пееше за раните вардарови и соколот, што ми падна чудно. Нас не нѝ е во кодот да не заиграш на таа маестрална изведба, нам не нѝ тече ладна крв во жилите, в молк да молчиме… Тоа го опеав. Зар на македонско девојче молк да потоне, дури срце ти потскокнува?

*Сега како пензионер со семејството живеете на релација Скопје – Охрид, но Вашата врска со скопската поетска сцена, меѓудругото, е тоа што сте почесен претседател на манифестацијата „Маџирмаалски поетски бранувања“. Како почна таа возбудлива приказна?
-Пред добри 10 години некаде малку по малку почнувам да другарувам со инжењер Иван Стојковски- Хуската, бивш директор во Бетон. Станавме пријатели и за заслугите што јас ги помагав, ме предложил да бидам почесен претседател. Јас им напишав една песна на маџирмаалци, и ѝм предложив да организираме поетска манифестација. Со другар ми Миле Бошевски, бивш директор на Универзитетска библиотека во 2-3 наврати, доаѓаме до констатација, кај Јовица Тасевски, да се организира Поетски конкурс, и така тргнаа маџирмаалски поетски бранувања, која е под моја ингеренција. Се одржуваат секоја година традиционално на 24-25 декември, пред да одат луѓето на новогодишно славење. Првата награда ја почнавме со 300 евра, но сега обезбедивме 500 евра, а минатата година пак успеваме на поетите да ѝм дадеме придружни награда и од по 50 евра, по еден комплет мој и цртежи од Живко Поповски Цветин. Издаваме и билтени со поетски песни, штотуку го издадовме четвртиот, во тираж од 300. Кој сака може да учествува. Годинава направувме би рекол историски чекор, собравме галерија на подарени слики од славни сликари, бидејќи заради пандемијата не успеавме да ја реализираме наумената ликовна колонија, а сериозни нѝ се размислувањата да се врати славата на “Пралипе”. “Пралипе” е класично ромски друштво и знам дека е со играорци маџирмалци. И, Есма Реџепова и Зафир Хаџиманов и многу други значајни личности се од Маџир маало. Кога ќе заврши оваа година и ќе го издадам петтиот билтен ќе се обидам да ѝм го препуштам на помлади, да се свртам кон ова што е моја основна работа, многу време ми одзема, но сум горд од ништо сме направиле манифестација и понатаму правиме нешто творечко, а тоа не движи и не покренува.

*Дали во овие, велиме хаотични и духовно сиромашни времиња, медиумите посветија доволно страници и простор за поетите и писателите, кои се чувари на нашиот јазик?
-Па немам такво чувство, не би сакал да имам негативен став, тоа е индивидуална уредничка работа мислам дека афирмацијата на делата останува на МЕНЕ. Со новинарот Бранислав неколку пати имавме објави, Милчо Јовановски од Охрид ми направи портрет, па Весна од Охрид нема желба некоја ниту амбиција да бидам во медиуми по секоја цена. Пробав да бидам во друштво на писатели, испадна дека сум бил стар кадар тие барале млади. Но сум среќен сум што така одлучив. Среќен сум, ниту се преокупирав со нив, ниту суетата ми е повредена. Сфаќам дека сам имам поголем простор за афирмација успевам нешто да направам. Битно е што ќе направиме за општо добро да речам за мајка Македонија, за сцената што сме сториле. Доволно е што Илчо пишува, што успеал на уметнички план да подари нешто што е креативно, нешто што е од корист и го збогатува културниот живот.

*Кој е Вашиот најомилен стих што сте го напишале, кому му е посветен?
-Има повеќе. Јас пишувам за свадбите на моите внуци. Пишувам за крштевките на моите внуки од ќерката. Пишувам за внуците од сестра на мојата сопруга, од братучед и така јас пишувам сѐ она што умот ми го носи, што ми го дава моментот, што го нуди и не сакам тоа да го премолчам. Сега пишувам “Војнички приказни” на преку 500 страници. И доаѓам до ситуација на сопствени книги да читаш и да плачеш, а да бидам толку емотивен досега не ми се случило. Јас сум пуштал солзи на Десанка Максимовиќ на Есенин, а сега на мои книги, и тоа заплакав два пати летоска

.*Како може да дојдат читателите до Вашите книги?
-Јас моите книги ги подарувам, или донирам, доколку се дел од некоја хуманитарна акција за собирање на пари. Сега работам на војнички приказни. Но, и на момчешки приказни во кои пишувам за моето детство. Потоа имам сѐ уште недефинирана и деликатна тема разговор со мојот син, што го загубив млад. Е потоа имам разговор со Фајзерот, со вакцината, која пак ме води кон кајзерот од Њујорк. Да го прашам што му фалеше Југославија што нѝ ја растури? Имам материјал за 4 книги и најделикатната работа ако даде Господ ми е да се соочам со најтешката работа што во животов сум ја имал, книгата за животот за син ми. За тие “честити” лекари кои ме носеа во кафана, и таму ми разговараа за “цифри”…

Валентина Ѓоргиевска Парго

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.