Интервју со Анита Бошкова – Универзалниот клуч за сите срца е во љубовта

1580

Разговорот го водеше Валентина Георгиевска -Парго

– Да се поразговара со поетесата Анита Бошкова, особено во овој активен период, има доста поводи. Во сето ова, неизоставни се настапите на бројните манифестации, како и признанијата што ги добивате. Неодамна се закитивте со признание “најубава песна”.

 Да, ми беше посебна чест и задоволство што на последната манифестација добив – прва награда за убава песна, а манифестацијата е востановена во чест на поетесата Гордана Коцева од Штип, за песната под наслов „Еден чекор не дели“, која е инспирирана од вечното постоење на поетесата Гордана Коцева со нејзиното творештво. Тоа симболизира дека човекот живее вечно преку неговиот творечки опус.

-Во подготовка е и Вашата петта книга поезија. Каква содржина подготвувате, овој пат?

Петтата стихозбирка и понатаму е инспирација на моите космички истражувања за моќта на поезијата, за вечноста на времето, за љубовта, човекот. Посебно значајни во збирката се стиховните пораки кои се однесуваат на вечните категории, животот и љубовта.

Во стихозбирката со еден специфичен поетски израз ја откривам моќта на човекот во борбата со брановите на животот, односно борбата на човекот со стихијата на океанот, ајкулите. Стихозбирката чиј наслов е „Моќта на поезијата“ ја открива моќта на поезијата наспроти моќта на времето и вечноста на времето ја создава моќта на поетскиот збор кој го дефинира космичкиот бескрај.

– Четирите претходни книги имаат своја заедничка “приказна”, и целина. Како вие, од ваш агол, ја разбирате истата?

Во сите претходни стихозбирки постои една заедничка нитка, а тоа е песната за љубовта. Љубовта секаде е присутна како моќ, енергија, мотив за живот, а универзалниот клуч за сите срца е во љубовта. Во тие стихозбирки, исто така, се истражува космичката вистина за животот, за природата, за космосот. Тоа најдобро се гледа во стихозбирката „Дојран град со срце“ во која езерото, природата, планините, небото, со еден заеднички именител, се творештво на универзалниот ум кој го симболизира животот, постоењето, вечноста.

– Во последно време сме сведоци на наплив на поетски дружби, еден поотворен свет и платформа за искажување на поетскиот збор. Дали постојат и други форми низ кои го презентирате и афирмирате вашето творештво?

Во право сте, посебен акцент ставам на презентација на моето творештво, затоа сум присутна на повеќе манифестации на кои настапувам со моја поезија и на тој начин презентирајќи го своето творештво, непосредно пред читателите ги изразувам моите пораки. Би наброила само неколку манифестации: „Лесновските ѕвона“, „Меѓународна поетска манифестација Илинден“, учество на манифестации преку Друштвото на писателите на Македонија, а би ставила акцент и на промоции на мои стихозбирки во повеќе градови, како Скопје, Кавадраци, Штип, Кочани, Дојран. Многу значајна форма за претставување и афирмација на моето творештво е учеството во повеќе радио и телевизиски програми на национално и локално ниво, портали на социјалните мрежи, како и соодветни месечни и неделни списанија.

-Велат дека најсилно се твори во моменто на Љубов и на болка. Која е “болката” на поетесата денес, за која вреди сите да ги отвориме широко ушите, очите, срцата…   

Љубовта и болката можат да бидат подеднакво силни. Како што љубовта може да причини голема болка, така и болката може да се претвори во голема љубов. Секој човек си носи своја болка по која се разликува од останатите луѓе, но за секоја болка постои лек, само секој човек потребно е да навлезе длабоко во сопствената душа, во коренот на болката, за да може да го пронајде лекот. Според мене најголем извор на болката во душата и тоа што мене најмногу ми причинува болка е нељубието меѓу луѓето, невистината …

„Нељубието

животот

го зема“

Затоа велам ..

„Љубовта

лекот е за сѐ,

за меракот

и векот,

довекот..“

– Ја љубите и песната. Пишувате текстови, настапувате на фестивали. Што има ново,на тоа поле?

Музиката е исто така моја љубов, мое творечко исполнување. Автор сум на повече тесктови  за фестивалски песни меѓу кои – „Таа не знае“ – „Фолк фест Валандово 2005“, а на Фестивалот на нови родољубиви и патриотски песни „Гоце фест“ учествував како текстописец на неколку песни и тоа: „Ајде сите сложни да сме – 2015, за која добив награда за најдобар текст.„На гроздобер да се видиме“ – 2016, „Моја Дојрана“ – 2017, „Тиквешко востание“ – 2017, како и автор на текст на песната „Жена за довека“ на фестивалот „Филиграни 2017“.

Мојата љубов кон песната со задоволство ја оставрувам и преку моите интерпретации. Мојата прва фестивалска интерпретација е  на Фестивалот на нови родољубиви и патриотски песни „Гоце фест 2016“, со пенсната „На гроздобер да се видиме“ и 2017 година на истиот фестивал со песната „Моја Дојрана“ која ми ја донесе третата награда од публиката, а чиј тескт е мое авторство.

Воедно ќе откријам и моја тајна за нов настап на фестивал, а тоа е фестивалот „Филиграни 2018“ со интерпретација на моја авторска песна. Секако тоа е проект кој треба да се реализира.

Македонија. Опеана песна, или…

Ви благодарам и за прашањето во врска мојот творечки опус за татковината. Во тој поглед имам напишано поема со наслов „Љубов голема“ која е поместена во мојата стихозбирка „Цветен аманет“, како и повеќе родољубиви песни.

Извадок од поемата „Љубов голема“:

Анита Бошкова

„Земјо наша,

ти си парчето

универзум

на кое постоиме,

љубов неизмерна

која дава

сила благородна…

 

„…Народе мој,

отвори ги

прозорците

на душата,

за да влезе

светлината.

Отвори ги

вратите

на срцето

за да излезе

добрината,

добрина

за целиот

човечки род

црн, жолт или бел

од него тој е дел

 

Вистино,

допри го

духот човечки

сочувај го и носи го

во своите дамари

 

Сочувај ја светоста

на себепостоењето

и себепознавањето

Не давај

да изумре вербата,

нека меѓу  нас

живее вечно љубовта“

 

Фото-Приватна галерија на Анита Бошкова            

 

 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.