Интервју со Дејан Димески–Кинематографер и директор на фотографија

1558

Разговорот го водеше Татјана Гогоска

– После две децении повод за средба во поинакви, сосема различни околности . Заеднички ја паметиме 1998 ,Македонска Телевизија,Дејан Димески млад снимател а ние во тогашната продуктивна Програма за деца пред голем предизвик екранизација на делото од Бошко Смаќоски “Големи и мали “ во режија на нас почитуваниот Душан Наумовски . Пролетва изминуват повеќе од две децении од тогаш? На што се сеќаваш од тоа време?

Се сеќавам на многу работи. Како млад снимател бев предложен од снимателите јас да ја реализирам оваа серија. Тоа беше прв поголем проект кој го работев во МТВ и бескрајно ке им бидам благодарен и секогаш ќе се сеќавам на Душко Наумовски и детската редакција при МТВ, каде уредник во тоа време Татјана Гогоска, што имаа доверба во мене. Тоа беше прекрасно снимање на локации во Маџир Мало, населбата Хром и во студијата на МТВ. Во тоа време МТВ посветуваше многу внимание на играната програма и држеше до тоа постојано да произведува играни серии, играни и документарни телевизиски филмови, што беше главна одлика на куќата. Се сеќавам на сите ликови и сите актери кои играа во серијата со кој до ден денес кога ќе се сретнеме се потсетуваме на убавиот период на снимањето и ентузијазмот кој преовладуваше во реализацијата на серијата од целокупната екипа. Можам да костатирам дека за дваесетина години МТВ нема реализирано ниту една детска серија од тој тип што претставува национална катастрофа во процесот на едукација на генерации и генерации млади поколенија, кои останаа без можност да гледаат наши серии, со наши актери кои го говорат македонскиот јазик .

-Во твојата биографија, професионалниот пат ти е поделен на три дела: МРТ време, Руско време и Македонско време посветено на кинематографијата. Што би издвоил од сите три ?

Сите три периоди од мојата биографија се значајни за мене и моето творештво. По зафршување на факултетот и стекнатото образованiе се вработувам во Македонската телевизија како снимател. Инаку сакам да нагласам дека пред и за време на студиите јас подработував во МТВ како ассистент на камера на разни проекти од 1991 година. За мене работата во МТВ претставува едно огромно искуство како снимател почетник. Тука се стекнав со искуство во разни играни проекти, документарни филмови и разни емисии кои се работеа во тој период во Националната куќа. Без разлика што работиш секогаш треба да посветиш внимание и тоа да го реализираш најдобро што можеш. Во тој период повеќето професионалци од сите профили (режисери, сниматели, новинари и др.) беа вработени во МТВ и секогаш имаше добра продукција и добри идеи кои до ден денес се гледаат на програмата на МТВ.

По овој период во МТВ заминав во Русија каде реализирав преку тринаесет играни серии за рускиот пазар. Заминав сосема случајно на покана на еден режер, Микола Хејко да реализираме една серија и останав осум години на тој пазар.Таму стекнав огромно искуство и предизвици во допирот со голема кинематографија. Русите ја сакаат сопствената култура и кинематографија и вложуваат огромни средства и енергија. Тој период го оценувам како најважен за мојата понатамошна кариера бидејќи за мене претставува изучување на уште едни студии по камера. На технички и технолошки план се стекнав со големо искуство . Сето она што неможев да си го дозволам како искористување на технологија во реализација на проекти во Македонија, тука без проблем го усовршував и употребував во снимањето. Исто така запознав и соработував со голем број на Руски професионалци, Руски автори и Руски актерски величини со кои и денес одржувам контакти.


По осум години работа во Русија се вратив во Македонија каде работам на играни филмови, бидејки се заситив од работата на серии и ми беше потребен нов предизвик во животот. Филмот “Балканот не е мртов” на Александар Поповски е првиот филм по печалбарскиот живот во Русија кој го реализирав во Македонија. За мене работата на филм претставува посебно задоволство и можност за посебен вид на инспирација. Во филмот имате повеќе време за размислување и создавање на фотографијата и работата со светлото, сенките, контрастите и бојата. Мислам дека во овој период на работата на филм целосно созреав како автор и многу полесно и точно доаѓам до правилните решенија во однос на ликовното обликување на фотографијата во филмовите на кои работам. Тоа се должи по мене на напорна дваесет годишна работа и на многу реализирани проекти. Од секој филм и од секој режисер од секој член во екипата може да се научи по нешто, аво овој период соработував со доста креативни автори дома и во странство.

– Секој автор има свое авторско милениче. Кое е твоето?

Немам милениче, не ги делам филмовите на оние кои ми се допаѓаат и на оние кои помалку ми се допаѓаат. Се трудам во секој филм или серија који сум го снимал да дадам свој придонес во создавањето на подобро авторско дело, на подобар производ. За нас кинематограферите може да се каже дека си онолку добар колку ти е добар последниот филм. Се разбира треба да имаш голема подршка и од страна на режисерот и продуцентот, како и од целокупната екипа во создавање на добра драматуршки издржана фотографија со правилно решение. Филмот е колективна уметност, тој е сублимат од повеке гранки во уметноста. Затоа и не би издвоил посебно некој филм. Постојат успешни филмови, а за тоа е меродавна публиката која ги конзумира и ги наградува со аплауз истите. Секој добар филм си го наоѓа својот пат кон успехот на меѓународните фестивали.

– Имаше ли Дејан филм каде најде некоја своја идентификација?

Се обидувам во секој филм да создадам сопствена идентификација, која ке го карактеризира секој филм одделно. Секој филм е сам за себе па така и јас се трудам да оставам свој печат. Земајќи ретроспективно наназад и гледајќи ги филмовите што сум ги сработил се разликуваат еден од друг.Филмовите:“Балканот не е мртов” на Александар Поповски,“Ова не е Американски филм” на Сашо Павловски,“Лазар” на Светозар Ристевски, ”Збор” на Слободан Деспотовски,“Ослободување на Скопје” на Раде и Данило Шербеџија, “Жаба”на Елмир Јукиќ,“ Втора Шанса” на Марија Џиџева, “Соседи” на Гигиша Абашхадзе, и “Исцелител”на Ѓорче Ставревски по структурата на фотографијата се разликуваат и секој се идентификува со свои посебности во сегментот на фотографијата, стилот на снимање и ликовното обликување.

Омилена награда ми последната која ја добив на Триесет и осмото издание на Интернационалниот Фестивал на Филмската Камера “Браќа Манаки”, бронзена камера 300 за филмот“Жаба”, која по изминати дваесет и три години повторно ја добива кинематографер од Македонија.

– Реков причини за интервју многу, а повод филмското остварување „Исцелител “, Несомнено одличен филм се појави во македонската кинематографија. Како се работеше и што беше за тебе најголемиот авторски предизвик?

Филмот “Исцелител” е еден од најкомплетните мои филмови кои сум ги работел во Македонија. Тоа е филм кој буквално направи пресвртница во Македонската кинематографија.Филмот е толку едноставен а толку добар. Тоа се должи пред се на доброта приказна земена од секојдневието на обичниот човек кој се бори за својот опстанок за живот. За живот во кој има многу малку искрени моменти на радост, среќа и здравје. Сплотеноста на целокупната екипа која го работеше филмот и несебичното ангажирање од секој автор и соработник, на чело со режисерот Ѓорче Ставревски создаде еден таков производ кој не обврзува сите понатаму кон повисоки цели во градењето на Македонската кинематографија и подобри филмови. За мене најголем авторски предизвик беше создавањето на една драматушки издржана фотографија која во ни еден момемент нема да излегува од рамките на филмот и нема да врши протисок врз него. Преку изборот на светлосните извори и правилното и точно дозирање на светлото и сенките, се трудев да создадам една едноставност на фотографијата, која не се разликува од самиот филм. Во ова ми помогна целокупната екипа од секторот камера и многу сум благодарен на нивната пожртвуваност.

– Очекувавте ли таков успех?

Прво и единствено правило за филмот да доживее успех е тој да биде добар, ние филмаџиите помеѓу себе секогаш велиме дека ако се има добар филм тогаш е полесно и за негова промоција и успех. На почетокот сите знаеевме само дека имаме добар филм и добра приказна. Потајно сите верувавме дека ќе имаме успех. Но, ваков огромен успех, каде за десетина дена освојувате четири награди на исто толку фестивали не можевме да претпоставуваме, малку е лудо така да прогнозираш. Но “Исцелител” е топло примен од целокупната светска публика, која на сите фестивалски проекции буквално ги полни салите до последно место и уживајќи во ф

– Да не го заборавиме и твојот личен живот. Со што се гордее Дејан?

Работата која работам е таква да постојано сум отсутен од дома па и од државата. Но, и покрај сите патувања и сепак семејството е згрижено благодарејќи на мојата сопруга Виолета која е моја главна потпора и двигател во животот. Заедно со Виолета имаме две прекрасни ќерки Ангела и Ирена кои може да се каже дека се веќе возрасни и се тргнати по своите патишта. Со тие три дами јас се гордеам и им благодарам на разбирањето и љубовта која ми ја даваат.

– И за крај на нашата средба после 20 години поминати ,нешто за плановите и очекувањата. Следниот период нови предизвици. Кои се твоите приоритети?

Повторно работев во Русија на серијата”Големото небо” во дванаесет продолженија , на режисерот Влад Николаев и во овој период одев на завршниот дел од постпродукцијата. Исто така во Словенија  го работев филмот “Скаут” на младиот и многу талентиран режисер Алекс Цветков, каде според сценариото очекувам успех.

Има и други играни филмови но за тоа во друга прилика.

 

 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.