Интервју со Маја Јаневска Илиева, фотограф -Фокусот ми е насочен во објективноста, во покажување на стварноста!

1813

Интервјуто за куларт.мк го водеше Валентина Ѓоргиевска Парго

 “Приватни демони” беше неодамнешната ваша, чинам прва самостојна изложба, која се одржа неодамна во рамките на Ин ситу- саем на уметност. одржан во МКЦ.  Дали се исполни целосно вашиот прв изложбен план?

 

 – Ако внимателно погледнам во евиденцијата, Приватни демони не ми е првата самостојна изложба туку втора. Првата беше изложбата за околината на скопското Кале организирана во рамки на конференцијата за Калето и неговата иднина во МСУ во 2016 година. Дури ни оваа изложба, како и првата, не ја сметам за сосема “осамостоeна” бидејќи е рамки на саемот за уметност. Што се однесува до планот за излагање, тој ми беше јасен од првиот ден, дека ќе бидат панели кои на обете страни ќе имаат фотографии. Но, што ќе биде претставено на нив, односно темата на изложбата се искристализира по неколку првични други замисли. Соработката со Жерновски дојде сосем спонтано и неочекувано, иако и порано ја пробувавме техниката за цртање со светло, ама сега како да легна сосем на темата на овогодинешниот Ин ситу – саем на уметноста. А тоа беше Вкрстување. Вкрстување на работата моја и на Велимир, на фотографијата и сликарската уметност, на јавниот и приватниот простор.

На големи паноа прикажавте 20-тина фотографии, какви наслови носеа тие?

 – Насловите ги отстранивме од паноата од технички причини. Но тоа не им пречеше на гледачите да ги видат на свој начин фотографиите. Многу ми беа занимливи различните гледишта и коментари за фотографиите. Затоа и ќе ги оставам неименувани и понатаму.

 

По долги години занимавање со репортерска фотографија, ве видовме и со фотографија облагородена со симболи и сместени во концепт на визуелна уметноста. Имено, јавноста ве знае како фоторепортер на Нова Македонија, па оттука да претпоставиме дека овој избор на фотографии беше направен од вашето досегашно творештво. Тешко ли беше да се направи селекцијата? Колку време ви беше потребно?

-Времето за подготовка за изложбата беше најограничувачкиот фактор. Недостатоците, што само јас ги гледам, се само поради времето. Се` околу изложбата – од развивање на идејата , нејзина реализација – снимање, пишување на пропратниот текст, одбирање на фотофалјовите и нивното печатење, траеше не повеќе од 30тина денови.  Ова беа фотографии специјално снимени за изложбата а не селектирани од мојата досегашна работа. И при оваа селекција не беше лесно да се направи избор. Но, тоа остава простор за и понатаму да се црта со светлина со Велимир Жерновски.

Од каде поттекна идејата во Вашите фотографии да вметнете дополнителни визуелни знаци, кои ги направи уметникот?

 – Тие визуелни знаци се директен одговор на темата на саемот – Вкрстување. Приватното делување во јавниот простор. Тоа е идејата на изложбата која сакавме да ја покажеме со Жерновски. Како просторот што не` опкружува станува приватен. Жерновски го “приватизира” со исцртувањето на неговите фантастични слики во темнината. И така, тоа што преку ден е отворен, јавен, сечиј простор навечер, во мракот, станува уникатен, својствен на Велимир и неговите внатрешни демони.

 Кој е вашиот фокус како фотограф? Вие сте архитект по диплома, фотограф по вокација но и потомка на легендарниот новински фотограф Живко Јаневски, па очигледно е дека фотографијата ви е судбина и вечен предизвик.

-Фокусот секогаш е различен и зависи каков тип на фотографија снимам. Ако е тоа документарна или новинска фотографија – фокусот е во објективноста, покажувањето на стварноста. Ако се работи за клинет, тогаш важно ми е клиентот да е задоволен од резултатот. А, на оваа изложба бев ослободена од сите барања за важност и фокус. Се водев по мојата идеја, сакав само добро да изгледа се` на крајот. Тоа што го направи Жерновски ме воодушеви и повеќе од очекуваното. Затоа задоволството што соработував токму со него ми е огромно.

Именувана по вашиот татко, почитуваниот фоторепортер Живо Јаневски , постои престижна фотографска награда, која потсетува на неговото значајно уметничко дејание.

  -Што се однесува на наградата со името на татко ми, морам да појаснам дека всушност се две награди. Едната беше Гран при наградата на годинешната изложба на фоторепортери на Македонија. Велам беше зашто, за жал, подолг период Здружението на фоторепортери не е активно и не ја организира изложбата.  Втората е наградата за најдобра лајф фотографија на меѓународната изложба на фотоклубот Козјак од Куманово. И со овие две награди се оддава голема чест на татко ми во двете области на фотографијата во кои работел – првата во новинската фоторгафија а втората во уметничката.                                    

Неизбежно е да прашам дали како дете ја имавте привилегијата да бидете почесто пред неговиот објектив? Дали тоа го практикувате и вие со вашите деца?

-Привилегијата да бидам пред објективот не била поголема од било кое друго дете што татко ми го фотографирал, прво за потребите на уметничката фотографија а потоа и за репортерската работа. Тие мои фотографии биле снимени за да стојат во домашните албуми, како спомени од некои патувања или важни настани во нашите животи. Денес забележувам дека по начинот, техниката и естетиката се разликуваат малку од сите останати.

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.