Зоица Пуровска-Велевска – Минатото е прекрасен потсетник за една безвремена танцова приказна

1781

Интервју со Зоица Пуровска – Велевска, примабалерина на Македонскиот балет

Интервјуто го водеше – М-р Татјана Гогоска 

Зоица ја знаев многу години, од сцената на Македонскиот балет пред да ја запознам лично. А ја запознав некаде пред 14- тина години, кога заедно со Зоран го отворија Балетскиот центар “Сцена”. Носејќи ја мојата ќерка таму, се запознав со двајцата и тоа беше повод да им направам убава емисија од серијата “Моето детство” во тогашната Македонска телевизија. Животот носи непредвидливи и тешки моменти. Зоран замина од овој свет многу рано. Зоица остана да се бори и радува со животот Неколку пати оттогаш се сретнавме а еве и причини за интервју. Имаше позачестено присуство во јавноста во тек на есента, минатата година, пред тоа беше присутна со Изложба и во Скопје а сега како повторно да „исчезна“ ..

Во последниве години повеќе ве нема во јавноста, но знаете да се појавите со проект кој буди интерес. Во септември бевте присутни на  Театарскиот фестивал  “Св Јоаким Осоговски во Крива Паланка”, веднаш потоа бевте присутни на  на Фестивалот за камерен театар „Ристо Шишков “……и повторно молк…..Кои беа поводите и да очекуваме нешто ново наскоро?

-Поводот беше да се направи една ретроспектива на моето уметничко творештво како примабалерина на Македонскиот балет и на мое задоволство изложбата се одржа на јубилејното издание на X – Меѓународен театарски фестивал „Св. Јоаким Осоговски“ во Крива Паланка. Додека истата изложба беше поставена и на Меѓународниот фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“ во Струмица, но таа се одржа на минатогодишниот фестивал. Наскоро, да оставиме времето да каже.

Колку минатото е присутно во вашето сегашно битисување, како личност од културата во Македонија?

-Минатото е дел од процесот на севкупното созревање на човечката личност, и следствено на тоа, таа е дел од мојот живот и тоа оној плоден и светол уметнички пат кој го изодев со голема страст и задоволство. И секако дека е прекрасен потсетник за една безвремена танцова приказна.

Бевте првенка на Македонскиот балет. Кога ја завршивте активната балетска кариера?

 

Балетската кариера на сцената ја завршив со еден јубилеен завршен концерт со улогата на Охридска Пенелопа во 2000 година, за подоцна да продолжам со мојот ангажман како балетски педадог во Културно едукативниот центар „СЦЕНА“.

Незаборавни балетски улоги?

Секоја улога е посебно сеќавање, посебна радост. Денови и месеци макотрпна работа заради совршена креација на една балетска улога, и технички и духовно усовршена. Би ги споменала: Баханалка во Валпургиска ноќ, Дојрана во Лабин и Дојрана, Мехмене Бану во Легенда за љубовта, Зарема во Бахчисарајска фонтана, Жизела во Жизел, Китри во Дон Кихот, Јулија во Ромео и Јулија и мн. други.

 

Во еден период, пред 13-14 години заедно со вашиот Зоран Велевски го отворивте Културно -едукативниот центар „Сцена“. Која беше идејата и како се одвиваа работите таму?

Идејата за создавањето на „Сцена“ беше да се пренесе нашето балетско знаење на помладите генерации, и не само во однос на балетската уметност, но и воопшто се работеше на изучување и на другите сценски уметности. Тоа навистина беше едно уметничко семејство кое работеше на културна едукација и промоција на уметничките вредности во нашата земја, а и надвор од неа.

Имате две прекрасни ќерки, многу талентирани и со ументичка душа. Како ја исполнуваат вашата личност?

Мојата постара ќерка Јоана, неодамна магистрираше на Интеркултурните студии на Филозофски факултет во областа на танцовата уметност и истовремено пишува поезија (Креативна бурлеска, Крилести одаи), додека помалата Ангела е балетски уметник, член на Македонскиот балет. Тие се компасот на моето постоење.

 

Што Ве исполнува најмногу во сегашново живеење?

Ме исполнува животот во секоја негова форма. После долг век напорна работа, сега конечно имам време да уживам во моето семејство, во спокојството на природата, другарување со пријателите, читањето на книги, посета на театарски претстави. Се она што ми причинува задоволство.

Кога би имале моќ да се вратите назад, дали нешто нешто би промениле?

 

Не би променила ништо во сопствениот живот. Апсолутно сум задоволна со сопствениот творечки живот на сцената, но и со тој во приватноста. Доколку човек се радува на малите нешта, тогаш среќата станува негов неизбежен и верен сопатник. Поголема убавина од тоа и не постои за еден минлив човечки век.

 

Фото галерија на Зоица Пуровска-Велевска

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.