ЈОВИЦА КОЧКОВСКИ: Правам фолк хитови со рокенрол примеси!

320
smart

Композиторот Јовица Кочковски, во естрадните кругови и меѓу скопјани познат како Џони, е “стар рокер”, но жнее награди на народната сцена. Познат по неколку фестивалски хитови со негов потпис, наградени песни и најактуелно- втората награда што ја освои неговата композиција “Стариот јавор” на Фолк фест Валандово 2022, во исполнение на Лилјана Прнаркова.

*Ве следат успеси на фестивалите, и тоа е за честитање. Музичката публика е заинтригира да дознае нешто за Вас, од кога се занимавате со авторство?
-Па веќе се на број околу 40, 50 песни кои сум ги компонирал, од кои 25 песни се рокенрол уште од времето на, еве сега веднаш да ги спомнам зашто се актуелни, “Меморија” , “Бон тон” … Веројатно многумина се сеќаваат, во осумдесеттите имав група што можеби за некого сѐ уште е позната, групата “Хикс”. Вежбавме во Домот на младите “25 мај”, држевме концерти… Имав дваесеттина добри авторски песни во тоа време, но, како што знаеме нели не се успеваше финансиски со рокенролот па во 1989 година решив да влезам во народната музика. Нормално, секој од музичарите почнал со тезга, секој почнал со свирка за да заработи нешто, така и јас. Потоа решив да компонирам народни песни.


*Која беше Ваша прва народна песна што ја создадовте?
– “Зошто те нема” , ја отпеа Лени Партикова на ” Роса фест”. За Вики Среброва (на фотосот) ја направив “Песна за многу години” со која зедовме Гран при на фестивалот “Филиграни” на Костадин Костадиновски. Еден човек ми кажа за Лилјана Прнаркова, таа тогаш гостуваше на “Филиграни 2018” и само што ја видов на бината почувствував дека можам да правам песни за неа, за специфичниот нејзин глас, за кристално испеаните зборови.

*”Валандовски смокви” е ваша авторска песна која минатата година ја испеа оваа наша популарна  интерпретаторка од Валандово, и направи бум на “Тумба фест”, со шегобиен текст со валандовски дијалект…

– Морам да кажам дека сум јас од тој крај, од Гевгелија, поточно мајка ми е од Гевгелија, и дијалектот ми е многу близок, па решив да направам песна за Лилјана на валандовски. И тоа беше изненадена и од песната, а потоа и од популарноста која ја достигна, со над 120.000 прегледи на јутјуб. “Што правиш тука”, со неа пак отиде на “Лешок фест”, таму ја испеа таа песна. Почувствував дека можам да работам со неа и во нејзините вокални способности се пронајдов и јас како композитор. Затоа  и реков “ајде да направиме ние прво песна на валандовски” , за да бидеме препознатливи. “Смоквите… ” испадна убав хит со убав спот, сега “Стариот јавор” ја надминува. Многу е важно да ги чувствуваш луѓето со кои можеш да работиш, тука го ставам и Далибор Ѓошиќ, како аранжер. Кај него ги правиме аранжманите, инаку работиме во студио кај Бубе.

*Песна на песна се надоврзува, а “Стариот јавор” на Валандово уште побрзо го проби својот пат. Лилјана ни ја раскажа приказната, дека сте ја напишале според нејзините спомени за градот во кој таа живеела, а вие не сте живееле, но успеавте сѐ да нѝ доловите многу убаво- за љубовта, на младите и за нивните средби на места кои го одбележуваат градот, како што е манастирот Свети Ѓоргија и изворот.
-Оваа е успех. Нескромно е ако не кажам дека е така. Веќе и песната наградена со награда. Велам дека можам да направам уште поголем хит за неа, да го крунисаме албумот кој се подготвува.
*Остава силен впечаток и мелосот, кој е типично валандовски, типично македонски, како оние од старите времиња на валандовската песна. Одамна ниеден композитор тоа не го имаше направено…

-Дали повлекува моето искуство и мојата младост што ја имам поминато таму во тој крај, можеби, не знам… Воопшто не се надевав на втора награда, на било што, помислив само идејата што ја даде Лилјана Прнаркова барем за текст да ја реализираме успешно, да се слуша во Валандово. А и музиката се надоврза.
*Лесно ви дојде пред очи и пред уши?
-Да, да. Музиката лесно ја компонирав… Јас сум од оние композитори кои прво текстот треба да го има во глава, за да можам да направам мелодија. И верувајте и јас се наежив од сопствената песна кога ја слушнав демо снимката со Далибор и неговиот прекрасен глас. Кога ја слушав на половина песна помислив дека “оваа песна е за награда”, каква награда, таква, битно е да биде песната обележана. Јас сум задоволен и изненаден.

*Втора награда на Валандово некогаш значело веќе “ѕвезда преку ноќ” и популарност на цела југословенска сцена, фестивалот беше на рамниште на фестивалот во Илиџа и “Месам”… Самото учество на најголемите југословенски ѕвезди кажува колку тој фестивал бил популарен. Вредноста останува на нешто што се етаблирало на едно ниво, па претпоставувам дека оваа награда освен што е голема чест претставува и голема одговорност…
-Така е. Прво, самиот конкурс кога се распиша, по две години во кои го немаше фестивалот а не знаеме ни зошто, беше возбуда сама по себе да се размислува за учество. Особено што директор е маестро Живоин Глишиќ. Се праќаше песна во затворено плико, за да не се знае кој е композитор,  кој е автор, и самото учество на конкурсот самото примање, за мене апсолутно беше чест. Валандово е Валандово, многу престижна сцена, за мене и за многу голем број автори и исполнители, и во моментот сѐ уште не сум освестен дека сум добил втора награда. Меѓутоа, како деновите поминуваат, како доаѓаат честитките од, јас ги велам “мечките за македонска музика” (крупните фигури н. з.) како Глигор Копров, и други, малку по малку почнувам да се освестувам. И ова е еден поттик за мене да продолжам и понатаму.
Зошто да не, со уште позасилено темпо. Што следува?
-На половина е песната за” Охрид фест” што ќе ја пее повторно Лилјана. Направена е пред 2- 3 години. Сега само се доработува за да биде баш како што сакам, да е по мој вкус и да ѝ легне и неа за да ја донесе како што треба. И за “Тумба фест” имаме одлична лесна, на гевгелиски дијалект, овој пат.
*Многу ретко се случува, меѓутоа кога ќе се случи таква добра соработничка хемија, тоа носи големи резултати. Среќа да налеташ на соодветна личност за соработка. Сигурна сум дека имате визии што понатаму, затоа што велат тимот што победува не се менува.
-Така е, победничкиот тим не се менува. Ние сме повозрасни, нели, и мене ми е целта да го направиме нејзиниот албум да освои слушатели, да остане, да се слуша, да придонесеме нешто за македонската музика. Сепак сме во позрели години и затоа сакаме да ги опфатиме сите генерации, да не е само експеримент, туку успешен обид. Многу песни чекаат да ги доработам, ама прво да го завршиме овој проект- албум на Лилјана Прнаркова, тоа си го поставив како приоритет.
*По овие песни се зголеми интересот за Вас како автор?
-Па да, се отвора повеќе работа. Веќе работам на три песни, од Валандово наваму.
*Ќе му се враќате на рокенролот?
-Јас сум во душата рокенрол, а и мислам дека сум препознатлив дека и во народните песни ја имам таа примеса. Некоја жичка влече таму, не е сосема народно. Моите фолк композиции ја имаа динамиката на рокенролот, темпото. На пример, во песна не дозволувам да се отпее меко “т”, туку јако нагласено. Не дозволувам да се отпее меѓу “л” и “љ” , туку “љ” . Љубов. Тврдо.

*Кога да го очекуваме албумот?
-На 31 август доаѓа “Тумба фест” во Куманово, Лилјана реков ќе отпее моја песна, а, јас со Далибор Ѓошиќ секоја година заедно излегуваме заеднички на бина. Пееме заедничка песна. Така и годинава. Потоа седнуваме во студио и го работиме албумот, за да излезе до крај на годинава. Екипата ми е одлична и одлично се разбираме. Но, тука морам да ги поздравам и пофалам моите драги колеги и колешки од градинката “Весели цветови”. Благодарам и нив и на моите надлежни што ме ослободуваат заради моите бројни музички ангажмани. Сега за наградата добив наградни слободни денови, замислете, втора награда а три слободни денови, ха, ха ха, па после, како и во нивна чест да не правам хитови на кои и тие се горди на нив?!

Валентина Ѓоргиевска Парго

 

 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.