МЕГАИНТЕРВЈУ СО АФЕТ ЈАШАРИ: Да го заштитиме нашето заедничко богатство, и преку алтернативен туризам да му го покажеме на светот!

411

На неговиот професионализам може да му позавидат и најврвни професионалци од областа на заштита на културното наследство. Посветеноста, едуцираноста и желбата своето знаење да го направи од трајна општествена корист, го водат по патеките на успехот. Станува збор за господинот Афет Јашари, државен советник во Министерството за култура.
*Ќе почнеме од тоа што Вие по професија сте дипломиран етнолог и антрополог кој професионалната среќа ја гради во официјална институција.
-Дипломирав на Институтот за етнологија и антропологија при Универзитетот Свети Кирил и Методиј во 2006 година. Во студентските денови завршив и едногодишна школа во Институтот за медиуми – МИМ, работев и новинар во локалната телевизија Ера- програма на албански јазик, бев уредник и спикер на вести, и водев емисија за култура. Освен тоа и во весникот “Лајм”. Пред завршување на факултетот две години работев во основно училиште “Наим Фрашери” во Студеничани, од каде што доаѓам, каде предавав граѓанска култура и историја. Потоа преку рамковниот договор, по моето дипломирање, Владата ме премести во Министерство за Култура во секторот за заштита за културно наследство, во одделението за музејска дејност и нематеријално богатство.
* Тоа е многу комплексна материја, треба познавање, но Вие сте поставен токму кај што Ви е местото.
-Од моја гледна точка, ако зборуваме за заштита на културно наследство во текот на изминатите векови неповратно изгубивме поголем дел од нашето наследство. Бевме и сѐ уште сме сведоци на уништување и деградација на незаменливо богатства поради природни катастрофи, војни, сиромаштија, индустријализацијалија и загадување и може да се рече и од негрижа, бидејќи негрижата не е само сега во овие години, таа е континуирана. Во културното наследство се материјалните и нематеријалното добра, кои како израз или доказ за човечката креативност во минатото и сегашноста биле заеднички дела на човекот и природата, тука се археологијата, етнологијата, историјата, уметноста, архитектурата, урбанизмот, животната средина и други значајни културни вредности и добра, содржини или функции, кои имаат културно и историско значење. Додека пак културното наследство како трајна вредност претставува она значајно културно наследство што го наследуваме од минатите генерации, како што се згради, споменици, уметнички дела но може да биде и култура и традиција и духовни дела.


*Неодамна слушнав добра вест дека почнува нешто да се прави со Аквадуктот.
-Ако зборуваме на територијата на Град Скопје имаме многу значајни културни добра, како што е Аквадуктот, археолошкиот локалитет Скупи, потоа Старата скопска чаршија, многу цркви и џамии, но и нашите национални установи. Тука се Конзерваторски центри и Заводот за спомениците кои се главните заштитари. Нивните активности ги поддржуваме преку годишни програми на Министерството за култура, но мора да признам дека буџетот не е многу голем за да можеме да се грижиме сто отсто, меѓутоа ние што сме внатре и стручните комисии затоа правиме план за тоа што нѝ е најприоритетно.
*Имате ли поддршка со странски донации?
-Да. Пропуст во минатото беше што нашите менаџери беа научени да чекаат сѐ што дава само државата. Е сега во поново време и ние делуваме преку нашите контакти што ги имаме со меѓународните организации, воедно и ги учиме нашите директори да се насочат на барање поддршка од надвор… Пример за тоа го имаме Стоби кој имаше американски грант, како и Конзерваторски центар, кој освен што доби од буџетот на Министерство за култура доби и еден американски грант. Тоа е пример конечно и со Аквадуктот, кој има историско значење и во иднина може да биде промоција за туризмот, затоа што мора да признаеме ние како држава немаме море и мораме да бараме спас во алтернативниот туризам. Странците што доаѓаат што гледаат? Тоа што е најстаро, најзначајно, најисториско. Јас сум член во Еусаир програмата на ЕУ, тоа е преку Секретаријатот за европски прашања и њ нешто ново за нас. Сега ќе ги ставиме во таа националната стратегија сите наши национални установи, за да кога ќе има директни грантови за заштита тие да имаат приоритет. Во март ќе бидам на конференција во Сараево, па се надевам дека ќе прифатат да грантираат некое од нашите културни добра . Тоа е целта. Немаме море, но ние сме од Јадранско – Јонскиот регион, и имаме шанса за алтернативен туризам. Само на овој начин земјата може да ја направиме привлечна за странците кои што сакаат да дојдат во Македонија.
*Ја спомнавме и старата Чаршија, едно многу големо автентично наследство и чувствителна точка за сите нас. Пред неколку години ја спомнаа идејата да се реставрираат и да се унифицирааат дуќаните, да немаат повеќе автентичен изглед.
-Во Министерството за култура постои Национален совет за заштита на културно наследство и е опфатен во посебен закон. Тој ја спроведува целата таа постапка како да се заштити. Морам да кажам тука дека игра улога и локалната самоуправа. Старата скопска чаршија е дел на Општина Чаир и дел на Општина Центар. Поради честите промени на локалните власти, и на централно и на локално ниво, ние имаме пречки да го реализираме тоа што го посакуваме, за да може Стара скопска чаршија да личи на автохтон и автеничен план, да биде привлечна и за нас и за тие што доаѓаат, а тоа е целта.
*Мора ли да се реставрира? Јас сум лаик и мене ако ме прашаш ќе речам – таква каква што ја оставиле тие што ја граделе, таква нека си остане, но можеби некој стручњак ќе рече има опасност од паѓање стари дуќани, куќи дотраени…
-Во старата скопска чаршија освен што има дуќани имаме стара архитектура од османлискиот период, како што се Сули ан, Куршумли ан, Чифте амам, националната галерија и Музеј на Македонија и таму морам да кажам дека имаше директни конзервација и реставрација и е во добра состојба. Сега во соработка со Турција со програмата Тика, правиме да се заинтересираат да инвестираат директно во Куршумли ан. Куршумли ан е во лоша состојба, но стручњаците велат дека може да се реставрира, ама мора да биде само со тој материјал што е моментално и се прави напори. Но мораме да признаеме дека поради двете пандемиски години, економската криза некои работи се вратија назад. Во минатото наместо да се мислеше на директни интервенции во културното наследство, ние правевме нови установи. Не сум против новите установи, но реално правејќи нови, не требаше да ги оставаме старите во многу лоша состојба, како што е примерот и со Музеј на Македонија, кој е матичен музеј, а е во срцето на чаршијата. А и кога отворивме нови вработувања повеќе беа за административен кадар и затоа во нашата држава стручен кадар имаме многу малку.

*На што се должи таа неодговорност на минатите генерации? Сѐ беше запуштено и оставено, слаб однос кон минатото творештво, а немаме и доста битни хронолошки податоци, дали сфаќаме кон каде треба да се движиме?
-Не дека немало интерес за заштита на културно наследство. Во нашата земја проблем се законите и процесот. Проблемот јас го гледам и во системот, процесуриање, еве кога станав и раководно лице во Министерството за култура појасно утврдувам каде е пречката. За да може едно заштитено дело да се категоризира со закон, поминува низ многу врати. Што значи тоа? Тоа значи дека треба стручните лица од националната установа при конзерваторскиот центар да подготват елаборат, па тој елаборат треба да се прати до УЗКН- Управа за заштита на културно наследство, па таму има некоја стручна комисија која категоризира, па таа категоризација треба да ја дадат кај нас во Министерство за култура, па да дадат зелено светло, а бидејќи сите тие се стручни кадри се случува да дадат забелешки, па повторно сѐ се враќа од почеток. А бидејќи и странските донации или грантови се поврзани со овие работи, мора регуларно да бидат категоризирани, со документи, со сѐ. Еве пример сега јас ја работам споменичната шалтер сала, во изгорениот дел на главната пошта. Тоа веќе има решение, категоризирана е и од Европска Унија се заинтересирани да дадат грант. Има идеја да биде мултифункционален културен центар. За да дојде до тоа, архитектите за да продолжат со својата работа, мора да ја знаат намената, па потоа треба со барање да ја прашаме Владата, па треба да го вратат одговорот, па да продолжат. Се надевам со промените на законот на заштита на културно наследство некои работи ќе бидат полесни, за да ги заштитиме побрзо. Бидејќи освен на територијата на градот Скопје знаете дека и охридскиот регион е на листа на УНЕСКО и се прават многу напори, зашто имавме сериозни забелешки од УНЕСКО. Овде може да видиме дека е многу проблематична работата околу заштитата на културното наследство, виновна не е една туку многу страни, се прават и грешки но мора и кај граѓаните, и кај локалната и кај централната да се појави онаа свест за заеднички да го заштитиме. Бидејќи страниците кога нѝ доаѓаат сакаат да го видат она што е најстарото. Паметам кога беше германскиот претседател во Република Македонија бараше да ја види Старата скопска чаршија.

*Во Стоби, неодамна, се изненадив од она што го слушнав, за Византискиот период. Тие со странски донации успеаја да ископаат и да влезат внатре, да го откријат амфитеатарот. Ги видов камењата на кои пишуваше кој каде седел, нели тие се именувани по тогашните императори, значи една многу голема историја видлива тука нѝ е пред очи и очекувам дека кога ќе се среди сѐ комплетно ќе биде едно од најпосетуваните места. Тоа е една историја од пред десеттина века, што е раритет.
-…Веќе реков, ние сме територија која што има навистина многу културно наследство и од различни периоди, од римскиот, османлискиот, византискиот дури и од комунистичкиот, дури и југословенскиот период, ова што го имаме е наше богатство, а и сета таа измешаност го прави уште побогато, и затоа повторувам треба да имаме навистина голема свест да го заштитиме. Ќе ми биде многу задоволство ако некој дознае и ми се јави дека некоја амбасада дава грант, за веднаш да ги информираме институциите и да реагираме.
*Минатата година во Народна банка имаше изложба на која за прв пат пред јавност беа изложени многу артефакти како и оригиналните статуетки охридска Изида, тетовска Менада, и од многу работи кои говорат за едно многу богато минато кое се случувало тука од различни периоди. Кога ја погледнав, доживеав некоја средба со вековите, шетање низ минатото. Бидејќи беше отворена за сите, имаше ли доволно интерес од страна на граѓаните?
-Секогаш кога имаме такви изложби, особено кога ќе се открива нешто ново што не е видено, граѓаните се заинтересирани и секогаш има голем интерес, за да се научи нешто повеќе. Јас можам да се надоврзам со изрека на знаменитиот антрополог Томас Х. Ериксон кој во книгата „Светското наследство и идентитетот“ забележал „…Наследството е како корален гребен. Коралниот гребен се создава со многу пластови корални животни, но само најгорниот пласт е жив. По неколку години овие животни умираат и врз нив се напластува нов слој живи животни. Со секој нов слој, гребенот по малку се менува… станува повисок, малку поголем. Секое одделно животно се чини дека се движи слободно, но, всушност, е природно заглавено во претходната генерација. Во длабочините на морето, напластени едни над други, илјадници генерации корални животни се создавачи и (наедно) составни делови на истиот гребен. Ако се уништи некој од пластовите, се подрива целиот гребен. Нашиот свет е како корален гребен. Го граделе илјадници поколенија пред нас– нивните мисли, нивните дела, нивните достигнувања. Тоа е дел од нас – дел од она што сме ние… наш идентитет и наше наследство“ . Ова е и моето мислење но мислам за сите важи, без разлика на етничката припадност.

* Ми дадовте една глобална скица како изгледа Вашата работа, но, која е Вашата досега најголема улога или активност од која сте посебно задоволен?
-Освен тоа службеното работење, се залагам да направам и нешто лично. Во 2016 година во Куршумли ан имав своја изложба на традиционални носии, традиционални игри, традиционални јадења и етнолошлки предмети кои што имаат вредност, од скопскиот регион Каршиака. Тоа е регион во територијата општина Сопиште, општина Студеничани и општина Зелениково. Тие фамилии што ги чуваат тие вредни работи беа од сите националности, ми ги дадоа и јас ги презентирав. Некои ги чував, некои ѝм ги вратив. На таа територија нема некој посебен музеј па јас се нафатив да го презентирам пред јавноста, за да видат дека и тој дел има културно значење во делот на етнологијата.
*Како дојдовте до тие носии како ги набавите?
– Со некои лично се познавав, кај некои отидов сам, истражував на терен, одев на разни места, како што е планинското село Црн врв, планинските села во Патишка река каде и ден денес има жени кои што секојдневно ја носат традиционалната носија. Што повисоко, што попланинско е селото, толку е поавтентично почисто, поавтохтоно, а што подолу, е мешано. Многу сум горд на таа изложба. И друго што можам да кажам, јас веќе четири години сум во Влада како член на националното координативно тело на Обединетите нации за лицата со попреченост. Моментално се работи за измена на законот, каде ќе биде спроведен договор од Маракеш, тоа ќе значи олеснување на пристапноста на сите лица. Му ставив акцент на ова активност и ја вметнав во приоритетни програми. Реално и тие лица треба да бидат рамноправни, и меѓу нив има таленти. Волонтерски учествувам во многу хуманитарни акции.

*Мошне амбициозно, значи Вие Вашата професија сте ја дисперзирале на повеќе полиња, и хуманизам и заштита и стручност и култура и сето тоа. Ајде малку да позборуваме какви се Вашите релациии со министерите и министерките. Изминативе години се променија неколку- некои беа компетентни и стручни, некои дојдени од друга професија. Како се одвива таа релација? Дали тука има некаков застој во реализирање на проектите, на идеите, знаат ли да ја закочат, знаат ли да ја забрзаат работата?
– Јас откако се вработив ова е шестиот министер, само во последните пет години се сменија пет министри и реално без разлика на политичката определеност секој доаѓа со својот свет во главата, така што честите промени влијаат негативно за тоа што се сака да се постигне или реализира. Додека да се научиш со еден, дошол друг и тука има застој за многу работи. Сметам дека еден министер и еден раководител треба да води минумим четири години за да можеме за да го видиме резултатот и на тој тоа што го замислил и на тоа што ние сме го реализирале. Никој нема магично стапче за една година или за неколку месеци се да среди. Така што, на јавноста треба да ѝ биде јасно дека честите промени влијаат лошо, и дека за една година или две не може да се покаже резултат освен во културата, музиката, сценска дејност, театарот и издаваштво. Заштитата на културно наследство е малку покомплексно и бара повеќе процедури и особено кога има чести промени тоа влијае и наместо да одиме напред ние се кочиме. Веќе ви кажав дека процедурите за тој дел од идеја до реализација се многу тешки. Затоа велам дека мора да имаме свест без разлика кој да дојде, и разумно да ги тераме работите кои се примарни. Да преземеме нешто и во врска со тоа дека ни замираат планинските села, се губи живиот контакт со минатото. Во многу краишта веќе имаме старо население кое ги знае старите песни, и преку нив, како што заминуваат, се забораваат. Значи, крајно време е да ги заштитиме систематски. Од друга страна речиси цела држава нѝ дојде во Скопје, не е добро тоа, мораме да дадеме услови и во планински села и во помали градови за да има услови за живеење. Затоа што, каде што нема народ, и во села и во градови, изумира и заштитата и историјата и сѐ она што е наша вредност.
*Бидејќи сте доста упатен и по образование и по напредување во Вашата кариера многу ме интересира кои се сличностите во изминатите периоди меѓу македонскиот и албанскиот народ? Тие како што живееле оставиле свои обележја, навистина многу работи се исти или слични- дали тоа е храната, кујната, приказните, начинот на кој ги воспитувале своите генерации на чесност, трудољубивост, и без оглед на тоа што сега некои вредности се изместени, во минатото било поинаку, нашите претци оставиле некое свое наследство и во етичка смисла, и затоа и опстојувале.
-Без разлика на разликите во јазиците, знаеме дека сите јазици сме индоевропски јазици каде што влегуваат и албанскиот и грчкиот, словенските јазици, тука сме едно. Апропо историските записи знаеме дека на територијата на Балканот тука живееја Илирите, дошле и Словените, низ времето имало и мешани бракови и реално во овие простори се случувало мешаноста. Така што, ако правиме анализи може јас ќе испаднам Македонец, Вие можеби ќе испаднете Албанка, не ме сфаќајте погрешно…
*Нема што да сфатам погрешно, чест би ми било и доколку испаднам Албанка или било што друго, убави и вредни народи живееле овде…
-Значи никој не може со сигурност да каже дека јас сум чист, така што овие вредности што ги имаме треба да ги чуваме и од антрополошки аспект и од етнички аспект, па и од верски аспект и од пагански. Треба да се почитува секој, неговиот начин на однесување, начин на јадење, секој има свои адети што се вели на турски, така што ваква каква што е територијата на Македонија толку многу мешана, само треба да ја прифатиме реалноста, да ги заштитиме сите наши вредности и можеме да бидеме Швајцарија на Балканот.
*Овде на времето имало некој фино испреплетен живот, кој не знам зошто се нарушил, и сега наново учиме некои вредности кои биле во минатото. Тоа е најочигледно кога разгледувате било каков археолошки објект ќе најдете елементи, сличности, од многу разни етнички групи кои што живееле, тука биле сите одамна, не паднале од небо ниту изникнале од земја. Постоеле со генерации и самиот живот ја изградувал таа заедничка етнолошка слика со различни обележја. И сите ја пренесувале со дигнитет својата култура. Еснафски.
-Затоа кога некој доаѓа од друга земја подалечна земја, на пример од Америка, кога слуша музика од Балканот мисли дека е иста. Ако странец од своја дистанца ја гледа музиката и традицијата како иста, веќе е ред не да велам дека “ова е мое” туку треба да велиме “ова е наше, заедничко”. Без разлика на различности.
*Малку по малку доаѓаме до шлагвордот на ова интервју, ми рековте дека ќе нѝ кажете и за други проекти на кои сте работеле.
-Изминатиов период бев во меѓународната програма за миграции во Студеничани и други места каде што правевме проект за млади, спортски, културни и таканатаму, сѐ со цел младите да не мигрираат, ами да останат тука и тој проект беше тоа и ако мигрираат да знаат каде одат. Три години го водев тој проект и морам да признам дека направивме многу добри работи и тоа што беше најдоброто таму беа здружени сите националности што живеат на територијата- Албанци, Македонци Босанци, Турција каде што заеднички правевме активности, и директно беа вклучени и младите, младата популација за да можат да ги избегнуваат лоши навики. Ова беше проект спроведен во општини каде нема многу случувања во сферата на културата кои биле запоставени и јас бидејќи доаѓам од таква заедница, аплицирав и ме примија и ме радува што тој проект беше многу успешен и ден денес се спроведува. Тоа е помогнато од буџет на владата на Велика Британија и е преку ИОМ меѓународна организација за миграции. Друго во кое јас секоја година учествувам е во светската спортска конференција, традиционални игри. Досега бевме во Истанбул, во Баку, и во Анталија. Таму има над 45 земји членки и сите ја презентираат своја земја преку традиционални игри. Знаете дека кај нас има и традиционални игри, пеливанство, стари ора и сега подготвувам тема со која ќе учествувам на таа конференција, затоа што кажавм дека старото многу се цени и мораме да му дадеме значење. Правиме напори и други игри кои се архаични да бидат дел од тие културни добра и да ги презентираме на следни настани. Додека ги имаме старите луѓе да можеме да ги научиме од нив, и да се зачуваат. Мораме да признаеме дека децата, и јас сум родител на деца, се изолирани, а порано на нашите години ние игравме маалски игри, а тоа сега недостига во социјалниот живот на нашата држава.
*За Вашето име се врзуваат и официјални посети на Кина и на Канада.
-Да споменам дека учествував на конференцијата на Кина каде што беше презентирано националното културно наследство на Република Македонија, знаете дека 16 земји од Европа плус Кина тоа го водат заеднички. Поради двете пандемиски години имаше застој, што значи дека ако се стабилизира светот можеме таа култура ние да ја учиме, ама и ние нашата култура да ѝм ја претставиме таму. Друго што можам да кажам , бев иницијатор за отворање на културен центар во Канада, за нашите кои живеат таму да имаат поврзаност. Ние направивме прв пример, заедно со господинот Орце Ицковски и со госпоѓата Сања Шуплевска Боарал. Бевме во Канада имавме музички музички концерт, на кој прв пат Македонците и Албанците се поврзаа заедно. Во Торонто се видовме со службените лица. Исто така, во 2020 година имав учество за стручно усовршување во Белград, во соработка со Универзитетот за културно наследство од Германија. 12 дена бевме заедно со германски професори и со стручњаци од многу земји од Цена Гора, Македонија, Бугарија, а тема беше старото културно наследство на екс Југославија, но повеќе беше едукациско и стручно усовршување. Учествував и на слични конференции во Приштина и во Тирана.

*Многу богата биографија имате, многу амбициозно сте се нафатиле на повеќе полиња. Но ова што можам да сфатам и што многу ми се допадна е што имате идеја за конкретна примена, а тоа е туризмот. Не само да го заштитиме богатството туку и да му го претставиме на светот, да видат кои сме и да имаме финансиски бенефит.
-Затоа иницирам нашата држава да биде членка на Еусаиар програмата, на Европска унија преку кои можеме да добиеме грантови, ама мораме да го заштитиме и тоа да го направиме бренд туризмот. Како што кажав на почеток, ние немаме море и мораме да мислиме на алтернативен туризам. Тоа е планинскиот туризам и културното наследство- старата архитектура, црквите, џамиите, старите чаршии и многуте археолошки локалитети. За жал моментално системски тоа не е регулирано практично. Пример, во министерство за култура има сектор за заштита на културно наследство, во Министерство за економија има сектор за туризам и ако тука ги ставиме и младите со Агенција за млади и спорт. На сите идејата нѝ е иста, но работиме секој за себе. За понатаму треба системски државата тоа да го среди и да го спои, како што е во многу држави, а така ќе биде многу пофункционално и ќе бидеме многу поуспешни .
*Која е Вашата најголема желба во работата што ја работите?
-Мојата најголема желба во тоа што го работам е навистина да го заштитиме културното наследство, младите да имаат конкретни активности, и во оваа држава каква што е да се почитуваме, да ја почитуваме разноликоста и сѐ што е мое да биде наше. Само ако сите мислиме на заедништво, тогаш можеме да успееме!

Валентина Ѓоргиевска Парго

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.