ТАЊА СТОИЛКОВСКА: Плетам во тишина, на мојот поетски разбој!

377

Поезија, сликање, пеење е уметничкиот свет на госпоѓа Трајанка Тања Стоилковска од Скопје. Можеби навидум изгледа само како една секојдневна мултиталентирана уметница, поетеса, сликарка, хористка, сѐ додека не се запознаете со нејзината лична приказна- сето ова го почнала откако станува пензионерка, од кога наваму доживува успеси и награди.
Авторка е на две стихозбирки- “Предизвик”(2016) и “Разбој на Тишината”(2022), а во ова интервју хронолошки ги сместивме нејзините остварувања.
*Навистина е предизвик да поразговараме за Вашето творештво, сите успеси во уметноста сте ги постигнале на една интересна возраст, на свои 70 години Вие за прв пат објавивте стихозбирка.
-Тој предизвик се случи кога бев во Мелбурн кај ќерката, набљудувајќи ги иселениците како копнеат за татковината. Кога ќе зборуваа за авионот кога поаѓа, како поаѓа, па кога ќе зборуваа за родната земја, за старата земја, дека сакаат да дојдат, ме инспирира постојано со нивните желби за родината. И така првата стихотворба ја напишав за нив, носи наслов “Носталгија”. Едноставно ја напишав.
*Почувствувавте дека се појавила носталгија кај Вашата ќерка или генерално?
-Можеби и претпоставка дека еден ден и неа ќе ја стигне носталгијата. Сега се активни, млади, творат, семејство, куќа, но јас мислам дека ќе дојде време кога навистина ќе ѝм биде жал за родната земја, за родната грутка. Не се чувствува кај нив сѐ уште такво нешто и не верувам дека некогаш ќе се вратат, но многу често доаѓаат. Убаво ѝм е.
*Носталгијата е составен елемент од луѓето кои заминале. Но, не е тоа време што било некогаш, кога во Австралија се одело со бродови и со месеци луѓето од семејството меѓу себе немале контакт, ни толку интензивна комуникација. Меѓутоа сега сѐ е подруго, со социјалните мрежи имаш чувство дека секоја далечина станала близина, можеш во секое време и авионот да го фатиш.
-Така и размислувам. Можеби јас додека сум жива нели повеќе, ќе ѝм трае таа желба за доаѓање. Затоа што тие се семејство, си имаат деца, си имаат внуче сега. Потоа, не знам. Бев два пати во Австралија, во 2000-та останав една година, и во 2010 година. Требаше да одам и во 2020 година за свадбата на внуката, но фати пандемијата и така се откажа летот.

*На која тема се напишани Вашите песни?
-Претежно се со љубовна тематика. Имам еден расказ напишано за татко ми. Ете и таа носталгија за родното место на татко ми кое никогаш не сум го ни видела ни запознала, си го направи своето. Местото се вика Дабница кај Прилеп. Бев на мои 60 години, чудни чувства доживеав. Тој расказ потекнува по одењето во селото, тој расказ ми е едно исполнување. Тие чувства секогаш лебдат во мене. Татко ми се преселил како дете и затоа немало потреба јас да одам таму. А е само на десеттина километри до Прилеп, многу е блиску речиси предградие. Само еднаш се случи да одиме на училишна екскурзија, но блиску до селото. И потоа се случи да отидеме сосема случајно на една пријателска екскурзија и го видов. Тој расказ за татко ми, ми е исповед. Тука ми се длабоки чувствата.
*Кога Ви дојде тој порив да го опишете селото?
-Расказот го напишав пред десеттина години. Татко ми го нема од крајот на деведесеттите. Тој и мојот дедо почиваат во Прилеп. Куќата е продадена, нема ништо наше таму, само знам дека во црквата има гробишта каде почиваат моите прадедовци. Ми беше интересно и црквата и гробиштата, како да сум живеела во селото. Многу чудно. Сега солзи ми доаѓаат.

*Кога го пишувате расказот Ви дојдоа ли солзи на очи?
-Не, тогаш не. Само чувствата ми тлееа одвнатре.
*Што е она што нѐ врзува со местата од каде што се нашите татковци, дедовци, прадедовци, ете дури и да не си била, а да го препознаваш го знаеш?
-Никаква претстава немав, никој не ми раскажувал, а ми беше желба да го видам селото. Кога отидов таму сретнав и една бабичка која живееше со синот, се дружела со татко ми. Затоа што имотот околу селото останал наш, татко ми одел, таа го знае и како дете и како момче. Мене ми беше мило кога ја сретнав бабичката. Ме послужи со локумче, со водичка, ми раскажа за татко ми колку бил вреден, убав човек. И вели дека доаѓаа зографи кај дедото, кој бил кмет на селото и на ѕидовите на неговата куќа (на фотографијата подолу) нацртале цртеж. Мене сѐ ме восхитуваше. Неверојатно. И кога отидов
таму мислам дека како некој да ме чека во прегратка. Таму се моите прадедовците. Бабата многу рано починала, на 6 месеци откако се раѓа татко ми, па затоа таа почива на селските гробишта… Во 1936 година ја продале куќата и се преселиле. Куќата се наоѓа многу блиску до манастирот Трескавец,преубава глетка има. Споменик има во селото од НОБ, Дабнички завој е историски значаен, на тоа место ги стрелале партизаните, само еден преживеал.

*Тој беше расказ за Вашиот татко, а за Вашата мајка имате нешто напишано?
-За мајка ми имам напишано една творба, сум во размислување да напишам уште една, како да ми недостига малку величење на мајка ми. Си имам напишано песна за Прилеп, за калдрма, за серенадите што ги правеле. Кога сум била дете, брат ми е шест години постар од мене, сум гледала и ми било интересно кога оделе да пеат серенади. Имам и една песна “Горчина”. Гледајќи ги тие индијските филмови каде што бабите преовладуваат во секое решение што треба да се донесе. Многумина ми ја толкуваат таа песна како патриотска, а всушност е за поставувањеро на невестата кога ќе дојде во домот. Ќе ја накитат со сѐ и ќе ја остават невестата. Имам добиено втора награда за таа песна, и за расказот за татко ми имам добиено награда, и целата збирка има втора награда на “Здружение на просветни работници- литературни творци на Македонија” во 2016 и 2017 година.
*Кои други теми се опишани во таа книга?
-Имам нешто напишано и за бабите, на пример. За нивното секојдневие. Една е “сериозна”, а имам и хумористична за модерна баба.
*Вие ги опишувате всушност генерациите наназад, се потсетувате можеби на заборавените вредности, дека треба да ги почитуваме старите. Колку песни има првата стихозбирка?
-Триесеттина, можеби и повеќе.
*Како дојдовте на идеја да објавите стихозбирка?
-Многу се дружев со поетите. И од таму, слушајќи ги на промоции, ми беше желба да објавам книга. Рецензент ми беше поетесата Лидија Лучко Јеремиќ. Насловната страница е моја, јас сум дизајнер на корицата. И на првата и на втората. На втората на насловна има моја слика изработена во акрил на платно. На задната корица има фотографија од разбој, бидејќи во детството многу ги гледавме нашите баби мајки како ткаат. И така ми прави некоја топлина разбојот, кога го гледам. Ме враќа во дејството, во семејството. Имавме разбој во Прилеп и мајка ми ткаеше на него. Често пати и јас знаев да седнам. Не научив, но го запамтив разбојот и затоа ми е лајтмотив.

*Втора книга има интересен наслов, и конкретен и асоцијативен, “Разбој на тишината”. На што би асоцирал- плетете тишина која зборува?
-Плетам во тишина. Чувствата мои се: дека во тишината се ткае. Се ткаат творби. Во неа имам повеќе љубовни творби. Најмногу на љубовта ми се посветени, и на мојата љубов и за нечија, имам и патриотски, за љубов кон татковината. На пример творбата “Ако те заборавам” е напишана од фб страниците, каде што на една група за поети, имаше дадено наслов “Ако те заборавам” да се твори некоја творба на таа тема. Многу брзо ми е напишана. Веднаш ја постирав на групата. “Ако те заборавам дојди ми во сонот, разбиј ја темнината што ме покрила, допри ме нежно со дланките, провлечи ги прстите во моите пламени, доближи се да ја осетам топлината на твојот здив, тивко шепни ми, не заборавај ме, не заборавај ме”.
*Лесни стихови пишувате, левтерни, интересни.
-Да претежно емоциите преовладуваат.
*Забележав и поезија посветена на поетесата која беше Ваша и секако и моја драга пријателка, Виолета Сековска. Учествувате на нејзините средби?
-Првите почетоци мене ми се со Виолета Сековска, можеби таа е иницијатор што јас почнав да пишувам. Дружењата со неа, спомените, се незаборавни. Две творби ѝ имам посветено на Виолета “Разговор” и “Незаборавна”. И навистина беше единствена и навистина таа најмногу ги сплотуваше поетите.
*Создаде една мрежа од луѓе кои сакаат да пишуваат, и навистина ги сврза во една фела.
– Виолета Сековска сакаше да направи една антологија исклучиво за жената. Збирка од повеќе поети, исклучиво за жената. Една моја творба беше испратена и во таа збирка. Но, имам и уште други песни за жената. Имам песна и во збирката “Вера, љубов, надеж” на поетесата Вера Самарјанин. Таму учествувам со истоимена песна како и збирката, напишана во акростих.
*На втората книга рецензент е Јован Мазгански, еден истакнат и доста активен, плоден поет. Што кажа тој за Вас?
-Рецензијата беше многу богато изразена, во поглед на творбите, во поглед и на пријателството што го негуваме долго време меѓу нас поетите. Прифати без приговор, едноставно можам да речам со љубов. Промоција беше во ресторан “Морис” во Дебар маало.
*Подготвувате ли нова повторно?
-Јас си пишувам, сепак не можам без тоа, тоа е нешто без кое не можеш да живееш.
*Вие сте уметничка душа ми кажавте и дека цртате.
-Да, да, прво почнав на хамер, бидејќи сум аматер, да ги испробам силите дали воопшто можам, а отсекогаш сум имала желба да цртам. Првите слики ми се со темперни бои на хамер. Се охрабрив па продолжив на платно, со акрилни бои. Во текот на работниот век 18 години работев на благајна во банка. Сопругот потекнуваше од стара скопска фамилија, живееле во Ново маало, па се преселиле во Дебар маало…
*Значи со уметноста почнавте да имате контакт откако почнавте да имате слободно време на располагање?
…и за време на короната.
*Но, ме интересира, никогаш претходно не Ви дошол порив? Бидејќи сигурно сте го забележале сопствениот талент за уметност, но зошто тоа толку долго чекало тоа за да земе главен збор?
-Најверојатно од другите обврски, со семејство, со деца. Нели најмногу време се троши и така се нема време за лични задоволства. А потоа откако се пензионирав почнав со планинарење, се занимавав со спорт во пензионерското друштво. Стрелам со воздушна пушка, имам добиено медали. Си пеам и во хор. Имам сестраност…


*Настапите со хорот “Серенада”, нешто што дефинитивно се врзува за Вас како неразделен дел. Колку време сте таму?
-Во хорот сум 15 години, а хорот постои многу одамна. Прво името било “Борец” а потоа кумот Живко Поповски- Цветин му даде име “Серенада”, затоа си го почитуваме Живко искрено од душа и тој нас нѐ почитува. Му посветив песна во мојата стихозбирка. Присутни сме на многу настани кои ги прави Живко, добивме и Цветинова награда за мир. “Дебармаалските серенади” се исто така многу битни за нас, значајни и традиционални, со радост си учествуваме на нив.
*Каде сѐ имате настапувано со хорот?
-Со хорот имаме настапувано на Скопско лето, Карпошово лето, Прилепско лето, фестивалот на хорови во Скопје пред неколку години, потоа на многу промоции на книги, со Лидија Лучко. додека бевме во Здружението Карпош, нас нѝ припаѓаше делот хорското пеење со Благица Душкова како диригент, а сега нѝ е Петар Џартовски, така што хорот сега е самостоен, не е под Здружение на пензионери.
*Кои песни ги пеете?
-Пееме обработени народни македонски песни “Миле Поп Јорданов”, “Калеш Анѓа”, “Ленка Пингова”. Сега ја подготвуваме “На Струга дуќан да имам”, “Рум дум дум”. Имаме богат репертоар, имаме песни да можеме два часа да направиме еден богат концерт. Некогаш внесуваме и други по потреба, како хрватската “Ружо црвена” и други. Јас пеам алт. Дваесетмина сме во хорот, преовладуваат женските гласови, имавме многу јаки машки гласови, и сѐ уште имаме и ги држи гласот. Хорот ми е една голема љубов. Навистина ме исполнува. Во последниве години бидејќи другите активности бараат повеќе енергија, бараат повеќе ангажмани, хорот ми доаѓа како стандардно нешто. И дружењето нѝ е многу убаво, пробаме два пати неделно.

*Која Ви е најомилена песна?
-Најомилена ми е “Миле Поп Јорданов”. Би сакала на секоја проба да ја пееме затоа што многу убаво звучи, затоа што е патриотска македонска… Кога се пее, човек се ежи. Многу допира!

Валентина Ѓоргиевска Парго

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.